Вакцините се зло. Се продадов на Вучиќ. Короната не постои. Јас сум чипуван. Трамп е супер. Длабоката држава ги влече сите конци. Педофилите владеат со светот. И сатанистите…

Зоран Кесиќ

Вакцините се зло. Се продадов на Вучиќ. Короната не постои. Јас сум чипуван. Трамп е супер. Длабоката држава ги влече сите конци. Педофилите владеат со светот. И сатанистите.

А што ако имаат право сите оние што сега ми изгледаат како оглупавена, лековерна, поводлива маса?

Што ако неправедно сум ги обвинил дека се изманипулирано стадо, а всушност, јас сум тој кој не ни забележал кога скршнал од патот на разумот, така што нормалните сега ми се чинат луди, паметните глупави, добрите ми се чинат лоши, а вистината ми се чини лага?

Па дури и ако тоа е така, молам да се смета за олеснителна околност тоа што сум позната ТВ ѕвезда, па славата ми удрила во глава, популарноста ме зашеметила, а илузијата за мојата ментална, духовна, физичка, емотивна и секаква друга надмоќ над обичниот (непопуларниот) човек ме довела до ова што (можеби) сум станал – заробеник на сопствените замислувања дека јас сум во право, а тие јок.

Па еве, и тоа што велам „тие“ е еден од доказите за моето душевно пропаѓање.

Секогаш кај лудаците има некои „тие“.

Тие што ме прогонуваат, тие што ми влегуваат дома додека не сум тука, тие што ми планираат некакво зло, тие што ме прислушкуваат, тие што ме гледаат и ме следат.

Се вакцинирав, мислев, во своето – сега го сфаќам тоа – лудило, затоа што вакцината е лек. Како што човекот некогаш го победил сабјозабниот тигар со помош на неверојатното окритие на копјето, како што го победивме мракот со Никола Тесла и Шпанија со „лажњакот“ на Пикси, така човештвото против вирусот денеска се бори со вакцина.

Наивна, залудена будала, каков што бев, со леснотија ги прогласував за чудаци сите кои ми зборуваа дека вакцините се зло, дека тоа го прави Бил Гејтс и дека во телото ќе ми вметне чип со чија помош ќе можат да ме следат.

Им се лутев на некои луѓе што ми пишаа дека се разочарале во мене, дека мислеле дека сум добар човек, а јас сум се вакцинирал, или што би се рекло, „се продадов на Вучиќ“

Бидеќи, навистина, ова се вакцини на Вучиќ, сега го сфаќам тоа.

Гледав на телевизија како тој лично доставува респиратори, како тој им зборува на докторите како треба правилно да ги користат тие медицински машини, гледав како на аеродромот ги дочекува вакцините, слушав како сме најдобри во Европа по умирање. Значи, мало умирање овде наспроти големо умирање таму.

Сето тоа го видов, а пак бев слеп при очи, на што ми укажаа моите критичари (и им благодарам), дека се тоа вакцини токму на Вучиќ, сега дури и верувам дека тој лично и ги прави, не знам дали баш сам или со докторот Лончар, и секој што ќе се вакцинира е негов човек.

Значи, двојно сум настрадал – ем ми е вметнат чип да ме следат, ем сум се продал.

Е сега, ме збунува единствено тоа што никако не можам да се сетам на таа продажба.

Кој ме контактирал, како оделе преговорите околу мојата продажба, дали лично сум се нашол со моите купувачи, или сѐ е средено преку телефон, а парите ми легнале на сметка, сето тоа ми е во некаква магла.

Можно е во вакцината да се наоѓа и нешто што селективно ти го брише помнењето, така што продадениот не се сеќава на продажбата и живее во заблуда дека не е продаден, а тој да ти бил продаден.

Секако, ни малку не е лесно да се прифати сето ова, но сега се обидувам да продолжам понатаму со својот живот.

Вчера една моја колешка од Н1 доби големо државно признание, ѝ го врачи лично Вучиќ, што е неочекувано, бидејќи тој не ја поднесува Н1 и постојано зборува како таа телевизија сака да го уништи него и неговото семејство. Прочитав на социјалните мрежи дека и таа моја колешка се продала, па ѝ се јавив да ја прашам, покрај честитките за признанието, дали се сеќава на таа своја продажба. Вели дека не се сеќава.

И не сме единствени. Сигурен сум дека голем број на луѓе денеска се во заблуда во каква што бев и јас до неодамна.

Затоа, да се собереме на некаква, не би рекол рехабилитација, но ајде да ја наречеме групна терапија на прифаќање.

Да наредиме столови во круг, да се претставиме и да повторуваме заедно: „Вакцините се зло. Се продадов на Вучиќ. Короната не постои. Јас сум чипуван. Трамп е супер. Длабоката држава ги влече сите конци. Педофилите владеат со светот. И сатанистите. Мигрантите ќе ја преплават Србија, ќе ни влегуваат по дома, ќе нѐ силуваат, ќе праваат џамиички во нашите станови и сите ќе станеме муслимани. Освен муслиманите, тие се веќе муслимани. 5Г мрежат прави зомбија од луѓето и убива птици. Мене ме плаќа Сорос. Мене ме плаќаат странски амбасади. Мене ме плаќа Америка. Само српските злосторства ги споменуваме, затоа што сме усташи. И балии. Ја плукаме Црквата, а никој никогаш не се заразил од лажичката, тоа е научно докажано. Земјата е рамна плоча. Ние сме најстар народ. Елвис е жив…“