Mожеме да зборуваме единствено за поделба на оние кои и понатаму веруваат во задачата на новинарството и на оние кои свесно, а од лукративни причини, се одрекле од професијата и од новинари мутирале во пиари, читачи на соопштенија и портпароли на власта.

Зоран Кесиќ

 За најголемите проблеми со кои денеска се соочуваат независните новинари разговараме со колегата Милан Јовановиќ, новинар од порталот „Жиг“ од Гроцка.

– Колега Јовановиќ, можете ли накратко да ни кажете на кои препреки сте наишле или наидувате во вашата новинарска работа?

– Поради моето известување за коруптивни активности на претседателот на општината, ми беше запалена куќата и тоа во момент додека со семејството бев во неа, а притоа и ми беше пукано во вратата, веројатно за да нѐ спречат да излеземе живи од куќата во пламен.

– Благодарам, Милане, одиме со реклами, па потоа временската прогноза и спорт.

Колегата Милан Јовановиќ за среќа преживеа, а сѐ уште (по некое чудо) се живи и комплетните редакции на телевизиите „Н1“ и „Нова С“, како и новинарите на весникот „Денес“, на неделниците „НИН“ и „Време“, на истражувачките портали „КРИК“, „ЦИНС“, „БИРН“ и уште неколку медиумски куќи кои на дневно ниво, и тоа од страна на највисоките државни службеници и од медиумите кои им припаѓаат, се означувани како „домашни предавници“, „странски платеници“, „уривачи на државата“, „предизвикувачи на хаос“, „антисрби“, па дури и како „оние кои му посакуваат зло на претседателот и на неговото семејство“.

Независните новинари во Србија не се новинари, туку непријатели.

Нивните фотографии се објавуваат како потерници во тиражните таблоиди, а на гостите во популарните телевизии им е овозможено на највулгарен начин да ги навредуваат колешките и колегите од независните медиуми.

Многу тенденциозно, систематски и посветено, власта во соработка со бројните медиуми кои ги контролира (вклучувајќи ги и апсолутно сите телевизии со национална фреквенција), ги прогласува независните медиуми за „опозициски медиуми“, создавајќи со тоа лажна поделба на медиуми блиски до власта и медиуми блиски до опозицијата.

Поделба секако постои и немам ништо против неа, напротив.

Ми годи околноста дека сум на вистинската страна, само што тоа никогаш не е, ниту може да биде, „страната на опозицијата“.

Тоа е секогаш и исклучиво страната на вистината. Страната на правдата, на разумот, на логиката и на бесконечната борба против лагите, глупоста и злото. И во случајот на нашата емисија, по малку и страната на зафрканцијата и правењето будала од себе, иако многумина ме предупредуваат „немој да пееш во емисијата, не ти оди“.

Тоа е, значи, страната на општествената одговорност и работата во интерес на јавноста.

Тоа, веројатно, му доаѓа новинарство.

И оттука, можеме да зборуваме единствено за поделба на оние кои и понатаму веруваат во задачата на новинарството и на оние кои свесно, а од лукративни причини, се одрекле од професијата и од новинари мутирале во пиари, читачи на соопштенија и портпароли на власта.

И затоа, наместо со проблемите со кои денеска се соочуваат независните новинари, повеќе би сакал да се позанимавам со проблемите со кои се соочуваат (и со кои допрва ќе се соочат) токму оние кои се одрекле од новинарството, оние кои глумат новинарство, оние кои имаат обврска секојдневно да лажат.

Колку ли е стресно, да речеме, да ја водиш Утринската програма на „Пинк“?

Што ти е првата помисла кога ќе отвориш очи?

„Дождливо утро е, сиво и одвратно, а јас морам во студио да изговарам нешта за кои знам дека не се вистина. И уште полошо, ќе ме гледаат стотици илјади луѓе додека го правам тоа.“

Ок, веројатно е малку полесно кога утрото е сончево и убаво. Можно е тие неколку часа лаго полесно да ги поднесеш кога од тв-студиото ќе излезеш на светлината на пријатниот ден.

Од друга страна, на светлината на денот јасно се гледаат луѓето.

Ќе те препознае некој кого пред малку си го лажел, зарем не се плашиш дека во минување ќе ти довикне „еј, лажго“!

Пред неколку години наидов на среде Теразија на еден од најчестите гости токму во Пинковата утринска програма, уредникот на „Информер“Драган Ј. Вучиќевиќ, за неупатените, метафора и отелотворение на улизувачкото квазиновинарство, распнувач на неподобните и рекордер во објавување на лажни вести.

Додека го прашував зошто го прави тоа што го прави и додека тој ми одговараше со некакво контраобвинување (во секој случај, бесмислен разговор), неколку момчиња, минувајќи, налутено довикнаа – и тоа мене: „Зошто разговараш со тој… (навреда). Како не ти е срам?“

Замислете само: центар на градот, пред редакцијата на тој „колега“, во земја во која секој десетти човек е член на партијата која „колегата“ жестоко ја поддржува, би се очекувало ситуацијата да е обратна.

Да му довикуваат на „колегата“ и да протестираат што зборува со предавник, платеник, хаос-предизвикувач…

Меѓутоа, реалноста е поинаква од онаа каква што ја претставуваат „колегата“ и „колегите“. Реалноста е дека, и покрај затупувањето, сепак постои свест за тоа кој е новинар, а кој предавник на професијата, ако се согласиме дека нашата професија е потрага по вистината.

Реалноста е дека, без оглед на сето богатство, апанажи и синекури кои „колегите“ ќе успеат да ги стекнат во текот на периодот на трупање пари за сметка на послушност и папагалско повторување на дневните и неделните наративи на власта, ќе останат запаметени по тоа што и како правеле.

И затоа, позицијата на новинарот, колку и да е на раб на егзистенција, па и буквално (прашајте го за тоа Милан Јовановиќ), сепак на подолги патеки е многу поудобна од позицијата на поранешен новинар, а сегашен улизувач.

Она што независните новинари го работат денеска, во еден од најтешките периоди за оваа професија, утре ќе биде блескаво сеќавање. Спомен на гордоста, и на професијата и на наследниците.

Од друга страна, овие другите ќе се обидуваат да ги заташкаат, закопаат, забошотат и закамуфлираат своите недела и своето предавство. Некои и ќе успеат во тоа.

Меѓутоа, улицата ја има таа незгодна навика да памети.

А деновите во оваа земја умеат да бидат многу убави и сончеви.

Видливоста многу добра.