И навистина, Ана Брнабиќ оддаваше впечаток на модерна и способна млада жена, некоја која би можела да внесе нова енергија, енергија на стручност, одлучност, па и храброст во зачмаениот жабурнак на српската власт.

Зоран Кесиќ

Сосема е сеедно дали политичарот е од машки или од женски пол, доколку станува збор за морална, стручна, способна личност, значи, за некого кој со својата активност придонесува за подобар живот на нацијата.

Дали таквиот политичар / политичарка стои или седи додека мочка, на секој граѓанин му е сосема ирелевантно, затоа што граѓаните се (а ги познавам во душа) себични и алчни суштества, кои главно ги интересира само што имаат во паричникот и што имаат во фрижидерот. Да не настане забуна, и самиот се вбојувам во нив.

Во таа смисла, политичарите не ги делиме на машки и на женски, туку на оние за кои не нѐ интересира како мочкаат и на оние другите, кои упорно мочаат по нас.

Е тоа веќе би требало да нѐ интересира, но еден од парадоксите на Србија е токму во фактот дека, што повеќе мочаат по нас, нас таквото мочање сѐ помалку нѐ интересира и сѐ помалку ни пречи.

Дека нема разлика дали политичарот е машко или женско доколку е суштински ништо, ќе покажеме преку примерот на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Брнабиќ не само што е женско, туку згора на тоа и лезбејка.

Браво, браво!

Двојна корист во старт за имиџот на државата која со поставувањето на жена, па уште и плус ЛГБТ личност, на чело на Владата, се претставува пред светот како некаква либерална, кул, модерна држава во која се почитуваат човековите права, во која малцинските групи се радуваат, пеат и танцуваат по улиците, а жените гордо чекорат без кој било да ги дискриминира, пцуе, претепува и убива, и велат „погледнете нѐ, најмоќни сме во државата“.

И навистина, Ана Брнабиќ оддаваше впечаток на модерна и способна млада жена, некоја која би можела да внесе нова енергија, енергија на стручност, одлучност, па и храброст во зачмаениот жабурнак на српската власт.

Но, уште поважно од Анината приватна одлука како ќе мочка и кого ќе го сака, беше фактот дека е вонпартиска личност, значи, некој кој не е обврзан робовски послушно и умилкувачки предано да го декламира секој рецитал договорен на ниво на партијата и со ласкање да му се додворува на претседателот.

Искрено навивавме барем некој да биде поинаков, барем некој да се спротивстави на привлечната сила на таа црна дупка наречена СНС, барем некој да остане маж или жена со име, презиме и сопствено мислење, со став и глас во тој механизам на власта.

И, како што се надевавме, лошо се оженивме.

Пардон, уште не сме се ожениле, затоа што Србија и понатаму нема закон за истополово партнерство.

Наместо тоа, имаме истополова маскота на чело на Владата.

Можно е при влегувањето во високата политика човек да се одрекува од оние банални, профани нешта кои го дефинирале пред политичката моќ (од типот, „сака мажи“ или „сака жени“), па и Ана Брнабиќ во текот на својата политичка мутација сѐ помалку и помалку беше препознавана како лезбејка, а сѐ повеќе и повеќе како „напредњак“.

Нејзината првобитна симпатична, речиси трогателна збунетост и пелтечење пред камерите ја замени дисциплинирано папагалско повторување на дневните и неделните партиско-таблоидни мантри.

И како што поминуваше премиерскиот мандат на Ана Брнабиќ, така сѐ помалку беше стручна, а сѐ повеќе мачна.

Сѐ помалку модерна, а сѐ повеќе вкалапена.

Сѐ помалку храбра, а сѐ повеќе послушна.

Сѐ помалку жена, а сѐ повеќе членка.

И, конечно, беше завршен тој симболичен чин на конечна трансформација – Брнабиќ официјално се приклучи на партијата и се удави во тоа удобно, замотано, заштитено, обезбедено, подмачкано НИШТО.

Нема повеќе жена во политиката, нема лезбејка на чело на Владата, постои само она што е единствено можно во оваа констелација на моќ во Србија – има ништо што лажно се претставува дека е на чело на нешто, а и тоа нешто всушност не е ништо, бидејќи за сѐ одлучува единствено и исклучиво тој.

Парламентот глуми парламент, и тоа трагикомично лошо.

Министрите глумат министри, обидувајќи се со добра глума да си обезбедат уште некој мандат.

Премиерката Брнабиќ глуми премиерка, се преправа дека за нешто одлучува,  неубедливо и провидно преглумува кога вели „ќе направиме ова и она“, затоа што нема ние да направиме ништо. Тој ќе направи.

А жените во ваква политика, токму како и мажите во ваква политика, се само амбалажа. Кукли на жица.

Отворачи на уста и дресирани извршувачи на наредби.

Робови, роботи и ботови, облечени во костими на лезбејки, патриоти, технократи, млади академици, мажи, жени… продолжи ја низата, сосема е сеедно.

Еден ден, оваа власт ќе ја замени некоја друга власт.

Она што ми е нејасно е дали премиерката Брнабиќ во тој миг ќе престане да биде членка Брнабиќ.

Дали, ослободена од обврската да му служи на газдата, одново ќе се „аутира“ како личност, и тоа сосема сеедно со каква сексуална определба.

Што се случува со сите оние кои своеволно се одрекле од сопственото јас заради партиското ние, кога сѐ оди (а ќе оди) по ѓаволите?

Ќе бидеме ли можеби сведоци на една поинаква парада, парада на сите оние кои денеска се послушници на еден човек, а кои утре конечно ќе соберат храброст да кажат – „не сакам веќе да се кријам зад членството во  партијата, не сакам веќе да се одрекувам од своето мислење поради официјалниот став, не сакам да изговарам лаги затоа што така ми е наредено, сакам гордо да го зборувам она што го мислам…“

Ја замислувам Ана Брнабиќ на чело на таа колона.

Реакцијата на граѓаните на таа колона се плашам да ја замислам.