Паѓањето на сајтовите и на базите на податоци ќе претставува само една од мерните единици кои зборуваат за технолошката и за секаква друга заостанатост на секоја инфраструктураа, онаа за чии Администратори гласаме на секои четири или помалку години.

Воја Жанетиќ

Комплексната приказна за сајбер безбедноста – а со тоа се занимаваме оваа недела – мора од некаде да започне. Па да почнеме, на пример, од Арвинд Кришна, не толку познатиот главен извршен директор на компанијата IBM. Во мај годинава, господин Кришна изјави дека неговата компанија до 2025 година, што е за помалку од три години од сега, ќе му понуди на светот на продажба илјадници квантни компјутери. За некои компјутерски проблеми кои тие машини ќе ги решаваат, на сегашниот хардвер би му биле потребни направи големи колку планетава. Значи, изгледа дека технологијата ќе напредува.

Да се вратиме од далечната 2025 година во ова денеска. А во тоа денеска, компанијата за препознавање лица „Клирвју АИ“ објави дека во моментов собира 100 милијарди фотографии од човечки лица, кои ќе бидат сместени во нивната наменска база на податоци. Посакуваниот резултат од оваа операција е, цитираме, „да можат да се идентификуваат сите на светов“. Завршен цитат. Изгледа дека и надзорот ќе напредува, среќа наша. И ете, така изгледа тоа, за овој вовед, во белиот свет.

А сега брзо назад во опкружувањето. И таму има технолошки прогрес.

* * * * *

Во текот на изминатите неколку месеци одвреме навреме е објавувана една иста вест за тоа дека е нападната дигиталната филијала на државните институции во овој регион, а она што се менуваше во веста од случај до случај – беше датумот на напад и името на институцијата. Евентуално, ако воопшто постоел некаков податок за тоа, наведена е земјата од која постои сомнеж дека е извршен нападот. Што открива, патем, дека или новинарите или нападнатите институции немаат изградена идеја за тоа дека постои можност, за 11 долари месечно, легално да се претплатиш на сервиси кои можат виртуелно да те сместат во која било точка на светот. Дали ќе гледаш порничи, или ќе напаѓаш сајт на некое министерство, исто чини. А и вреди.

Она што во вестите не е објавено, затоа што малку се знае за тоа, е единствената технолошка инфраструктура, врз која се темели можноста за секој хакерски напад на една просечна балканска држава. Имено, станува збор за најсовремена платформа под името „Тендер 2.0“, врз која се темелат повеќето регионални државни институции. За разлика од класичната компјутерска технологија која се заснова на бит, бинарна цифра која има единици и нули, „Тендер 2.0“ се заснова на мито. А митото овозможува една единица и многу нули кои се даваат и примаат на конкурси за јавна набавка, по што доаѓа до информатичка размена, односно до размена на информации кои се условите да се добие работата. „Тендер 2.0“ е наследник на платформата „Тендер 1.0“, разликата е само во тоа што митото не се дава на една личност, туку и на партијата во која личноста се наоѓа.

Во таа смисла, таканареченото „хакирање“ на државните сајтови не е напад, туку тест на издржливоста на софтверот креиран со помош на „Тендер 2.0“. Да имавме среќа, па да можат да се хакираат и градежните работи, маркетиншките услуги и илјадниците нешта што државата ги купува, како што купува вебсајтови, ќе знаевме нешто и за квалитетот на сето она што институциите го пазариле или го продале. Ама, по ѓаволите, хакерите не напаѓаат патишта, или земјоделско земјиште, или што и да е друго. Технологијата не напредуваше до толку.

* * * * *

И така… Паѓањето на сајтовите и на базите на податоци ќе претставува само една од мерните единици кои зборуваат за технолошката и за секаква друга заостанатост на секоја инфраструктураа, онаа за чии Администратори гласаме на секои четири или помалку години. Сајбер безбедноста – како и секој друг облик на сигурност на она што е општествено заедничко, а доверено на нашите Администратори – личи на безбедноста на зелка која ја чуваат кози, или на сирење кое го чуваат глувци. За разлика од далечниот свет, оној кого помалку познатиот Кришна од почетокот на текстов го води во иднината, нам ниту некој далеку попознат Кришна веќе не може да ни помогне.

А не ни треба ниту оној софтвер за препознавање лица, доволно е да се погледнеме во огледало. Па да идентификуваме кој ќе ги трпи последиците.

Во сајбер и во секакво друго опкружување.