наместо честитка за 15 години од основањето на ЕФБ

и наместо благодарност за 11 години соработка

на ЕФБ со проектот Опкружување…

Воја Жанетиќ

Убави беа оние времиња кога можевме смислено да ги користиме тие скапоцени и вредни поими како „опкружување“, „регион“ или „соседни земји“, а да реферираме на нешто што најмногу влијае врз нас или ние влијаеме врз него. Но, тие времиња поминаа, додека да трепнеш. Пристигна некое ново доба, кога баш сè влијае врз нас, а ние веќе не влијаеме баш врз ништо. Ќе објаснам.

Пред неколку месеци на некоја од социјалните мрежи осамна вест дека поскапел паркингот во некое мало место, со коментар што објаснува дека тоа е и логично, затоа што Украина е најголем производител на паркиралишта во Европа. Таа логика и тоа како има смисла, затоа што претходно се навикнавме на тоа да не излегуваме од дома со недели, затоа што на некој лик од Вухан (сè уште немаме поим каде точно се наоѓа Вухан) му паднала епрувета во лабораторијата или некое семејство од околината на епруветата изела пенголин (што и да е пенголин, затоа што и понатаму не го разликуваме од останатите животни што не се јадат).

Уште тогаш ни објаснија дека сè мора да поскапи, затоа што одеднаш нема контејнери за стока во таа иста Кина, а контејнерите веројатно беа и суровина од која се прават бензин, дизел и керозин, па поскапе и транспортот, од причини што малку подобро ги разбираме. Оваа логика на сèповрзаност продолжи и кога Путин реши војната да ја нарече Специјална воена операција. Така, војната во Украина стана причина секој лакомец да одреди сопствена и лична украинска такса, и ние, еве веќе две години, гледаме директен пренос на процесот во кој парите и работата вредат исто, а сè што се купува со парите и работата вреди минимум двојно повеќе. Г-р-а-б-е-ж, како што деновиве чудно се пишува зборот инфлација.

И еве сега, кога изби оваа нова сомнабулна војна на Блискиот исток, веројатно ќе гледаме нова фаза на уништување на опкружувањето, а од причини врз кои опкружувањето воопшто не може да влијае. Телефоните и компјутерите се полнат со размислувањата на економски и воени пророци, на сите поделби што ги имаме се поделивме и на Палестинци и Израелци (со лабава поврзаност со поделбата на Руси и Украинци), а сето тоа го правиме под закрила на октомвриските температури кои ниту најдобрите туристички летувалишта не би ги посакале повеќе за врвот на своите сезони. И кога ќе го собереш сето ова, нам во опкружувањето сè на светот ни стана уште поголемо опкружување.

Ги нема веќе оние времиња кога странските новинарски екипи од овие краишта пренесуваа локални трагедии поради глобално предупредување. Цивилизираниот свет со вџашеност и гадење гледаше во наш правец, желен да ги згасне нашите Последни Светски Војни и да се препушти на мирно чекање во редови за сè понови и понови верзии на Ајфон. А еве денеска, некогаш мирните плоштади во некогаш моќните империјалистички земји се преплавени со луѓе кои мавтаат со знамиња, воскликнувајќи кон некоја од завојуваните страни, од кои ниту една не е во ова наше опкружување. Не се поскапени шампоните и нутелите по самопослугите поради нас, нема распламтени проповеди меѓу религиозните поради нас, името на земјите од нашето опкружување не се испишува во оние црвени подвижни ленти под загрижените водителки и водители на светските телевизии. Пројде нашето, ние веќе не сме важни.

Иако. Можеби ние би биле и некому вредно опкружување, кога би држеле семинари за тоа како целиот свет сега да не биде како ние некогаш. Нешто како Робинзон, кога би бил на турнеја да објасни зошто луѓето не треба масовно да населуваат пусти и далечни острови. Но, и за тоа изгледа е доцна. Ова наше опкружување со годините изгуби значење, бидејќи во меѓувреме целиот свет се претвори во едно големо Опкружување, исто како она од кое сакавме да побегнеме, а сега веќе немаме каде. Па можеби единствениот начин повторно да станеме важни е тој засекогаш да се помириме, сега кога постои опасност сите засекогаш да војуваат.

Значи, регионална соработка. Тоа е темата на ова ново издание на Опкружување.

А до следното, кому Газа, кому Ерусалим.