Наместо Берлински процес, овде со многу поголем ентузијазам се градат Берлински ѕидови, уште поубави, поголеми и постари одошто оној оригиналниот.

Воја Жанетиќ

Ако зборуваме баш искрено и директно, не се сеќавам како што треба ниту што се случило вчера, а не пак што било пред речиси дваесет години. А пред речиси дваесет години бил, велат, почетокот на Берлинскиот процес. Што и да е тоа, одговара мојата потсвест. А мојата свест вели: оди на Интернет, па види.

Епа, Интернет ме потсети на тоа дека Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива за соработка која има цел да ги ревитализира мултилатералните врски меѓу Западен Балкан со одредени земји од ЕУ, како и да ја подобри регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во областа на инфраструктурниот и на економскиот развој. Иницијативата, ми се освежува паметењето, почна со првата конференција за Западен Балкан во Берлин во 2014 година. Берлинскиот процес е започнат од страна на тогашната германска премиерка Ангела Меркел, откако тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер објави дека во наредните пет години нема да има проширување на ЕУ. Ете. Меморијата рестартирана.

А г-дин Јункер и тоа како имаше право, онака патем да констатираме.

* * * * *

Моето замаглено сеќавање делумно се разбистри, па се присетив и на податокот дека некогаш постоеше тв-емисија „Опкружување“, како и дека една нејзина епизода беше снимена за време на втората конференција одржана во Виена во 2015 година. Гости во емисијата беа и тогашните и сегашни лидери на Србија и на Албанија – Еди Рама и Александар Вучиќ. Воведната колумна за емисијата ја изговори потписникот на овие редови. ТВ „Опкружување“ веќе нема, а и Берлинскиот процес, веројатно од солидарност, сè помалку се појавува на телевизија. Но, да се вратиме во сегашните денови. Од минатото, сè поочигледно е, нема никаква корист.

А во сегашните денови, наспроти Берлинскиот процес кој повремено избива во јавност, стои еден ист таков Отворен Балкан. Тоа, пак, е „иницијатива“ зад која – се зборува по балканските „чаршии“ – дискретно ѕиркаат Соединетите Американски Држави, а недискретно недостига поддршката на Европската унија, вклучувајќи ги и оние гореспоменати „одредени земји“, на чело со Германија.

Понатаму, кон таканаречениот Отворен Балкан емотивно се затворени дури и некои земји од таканаречениот Западен Балкан, па целото ова регионално помирување / соработка / здружување / што и да е, ги доби препознатливите типично балкански контури. Во превод, има несогласувања околу прашањето како да се дојде до согласност. И единственото нешто што во овој момент ги поврзува Берлинскиот процес и Отворен Балкан се Еди Рама и Александар Вучиќ, кои уредно доаѓаат на состаноците и на едната и на другата иницијатива, во својство на Важни Фактори. И да, еве и јас повторно пишувам некаква колумна која има врска со нив двајца.

Осум Берлинско-Отворени, а реално неподвижни години подоцна.

* * * * *

Историјата има грда навика да се потсмева со убавите историски состаноци, конференции, иницијативи и визии. Па, во таа смисла, помеѓу оптимистичките почетоци на Берлинскиот процес – како и на нему полу-компатибилниот Отворен Балкан – и овие денови во кои во моментов живееме, се наоѓаат една пандемија и едно Она во Украина. А и едната и другата од тие две расипани историски дубари влијаеја на тоа луѓето и нациите меѓусебно да се оддалечат и сè потешко да им паѓа секаков облик на приближување. Значи, не е чудно тоа што и Берлинскиот и секој друг процес на здружување во ова и вакво опкружување, со ова и вакво време, станува Кафкијански процес, преполн со административни, логички и разни други замки, кои соработката ја водат во заборав многу побрзо одошто во иднината. И што овде, наместо Берлински процес, со многу поголем ентузијазам се градат Берлински ѕидови, уште поубави, поголеми и постари одошто оној оригиналниот. Значи, овде не треба процес, туку мацола (на сликата). И не треба в рака да го држат бриселските, вашингтонските и други бирократи, туку оние кои веќе преку три децении држат цигла, малтер и мистрија (на сликата) во рацете. Ако не сакаат тие, да најдеме некого кој ќе сака.

Толку за тоа, плус она што го пишува во останатите текстови на сајтот неделава.

А потоа слабото паметење ќе се врати, само од себе.