Никој не ги чува подобро цивилизацијата и знаењето од оние кои ги чуваат децата од нецивилизираност и од незнаење.

Воја Жанетиќ

Се викаше Анѓелија Лелиќанин.

Беше наставничка по математика во основно училиште, во овој минатиот век.

Во повлечениот „ќорле“ препозна талент за сметање, формули и задачи, па, покрај редовните пофалби и охрабрувања, му препорача да продолжи во Математичката гимназија. Така „ќорлето“ одеднаш доби надеж дека по нешто ќе се истакнува во детството; патем стекна и дополнителна почит кај зачудените родители кои тој математички талент или го немале, или, пак, никој не им го открил.

Неколку десетици додатни часови по математика подоцна, „ќорлето“ го положи приемниот испит за упис во препорачаното училиште. А неколку десетици години подоцна, постар господин со очила го пишува овој воведник за Опкружување, а на овонеделната тема за просветните работници. Дамнешниот талент се „вгради“ во некоја друга вештина. Да не беше гореспоменатото препознавање, не би постоеле ниту овие редови.

Благодарам, наставничке.

* * * * *

Потоа… Се викаше Ен Селиван.

Живееше на преминот од XIX во XX век, а историјата ја запамети како учителка и менторка на Хелен Келер, американска авторка и активистка која, од своите деветнаесет месеци па до крајот на животот, била и слепа и глува. Хелен – и покрај сите свои инвалидитети, а со помош на Ен, нејзината лична просветна работничка – успеала да научи да комуницира со светот, а потоа и да креира, да објавува и да подучува. Сите свои таленти – развиени и покрај сите органичувања кои постоеле – Хелен Келер ги дополнила со борба за правата на лицата оневозможени од инвалидитет, како и со залагање за правата на оние кои се обесправени од многу други причини. Хелен Келер влезе во историјата како пример за способности кои произлегуваат од личната борба, упорност и енергија. Ништо од сето ова не би постоело, да не постоела Ен Селивен, учителка, на која ѝ биле потребни исто толкава борба, упорност и енергија да помогне од една Хелен да излезе Хелен Келер.

Учителките и учителите се луѓе кои, од сè што знаат, најдобро знаат какви луѓе можат да станат младите луѓе.

* * * * *

Оние кои во овој век ги подучуваат нашите деца имаат многу сурова конкуренција. Покрај училишната табла, тука се и три други табли, во кои без да трепнат гледаат и децата и родителите: онаа малата телефонска, онаа средната компјутерска и онаа големата телевизиска. Ситуацијата со воспитувањето и образованието додатно ја отежнуваат два принципи на општественото организирање кои кришум се вовлекоа во сегашната цивилизација и завладеаја со неа: конзумеризмот, кој нè претвора во сè попразни паричници; и прекаријатот, кој сите нас (повторно) нè претвори во робови на тие исти паричници што сè потешко се полнат. А од крајот на минатата година, на хоризонтот на Сè-менливото се појави и Вештачката интелигенција, па е само прашање на ден кога секогаш штедливите државни апарати ќе се досетат дека роботите се, всушност, идеални просветни работници. Не бараат ни поголема плата, ни помалку градиво, не штрајкуваат, а и можат подобро да ги „фатат“ децата во препишување со ChatGPT. Плус, не одат во пензија, туку на „апгрејд“.

И во оваа мала дехуманизирачка дигресија од последната реченица се крие можеби и најголемата мака која постои во системот на образование: сè поочигледниот недостаток на човечност. Нечовечки се условите во кои повеќето „просветари“ сè повеќе работат; нечовечки се задачите што сè почесто се поставуваат пред сите нив; нечовечки се рамките што новите технологии, новите медиуми и новото општество ги ставаат пред образованието; нечовечко е насилството што расте во општеството и во училиштата; а сè помалку човечки се условите и за економски, комуникациски и секаков друг напредок на самите семејства. Па сега, од сите учители кои ни се потребни, можеби најпотребни ни се оние што ќе нè научат како, во времињата што доаѓаат, да не останеме – без учители. Во спротивно, лекцијата што следи би била запаметена засекогаш: никој не ги чува подобро цивилизацијата и знаењето од оние кои ги чуваат децата од нецивилизираност и од незнаење. Затоа, паметно би ни било да ги сочуваме.

Ако имаме барем малку памет.