Во можен недостиг на сите потребни одговори, а во вакво опкружување, лесно може да се случи и „левицата“ во релативен пад и „десницата“ во релативен пораст – како и релативно непостоечкиот „центар“ – одново да посегнат по нацијата и разграничувањата како единствен, а воедно и најпрецизно погрешен едноставен регионален одговор на сложените глобални прашања.

 Воја Жанетиќ

Некогаш е посложено да се објасни дека одговорот не е едноставен, отколку едноставно, а погрешно да се одговори. Затоа, во врска со прашањето околу јакнењето на десницата во опкружувањето, логично е да им ја усложниме работата на светските вести. Еве:

Медиумите јавуваат дека Врховниот суд на САД би можел да донесе одлука да го укине правото на абортус дадено со пресудата Ро против Вејд од 1973 година. Тоа, поедноставено, би значело дека во половина од американските сојузни држави абортусот нема да биде дозволен. Со еден потег на судиското перо, државата со која владеат либерали би можела да стане една од најнелибералните на светот.

Географски на истото место, супербогатиот Илон Маск ја купи социјалната мрежа Твитер за ситни 44 милијарди долари. Со нашава тема тоа има врска затоа што на овој поединечен сопственик на ова масовно „сметалиште“ деновиве му се посака да смета дека либералите станале премногу либерални. И дека поради тоа тој – како самопрогласена мерка на либералност – без да ги менува ставовите, станал умерен конзервативец. Оваа теорија, веројатно во слава на потрошените милијарди, ја објасни со помош на неколку нацртани Чичо-Глишовци.

Каде ќе најдеш поедноставно. И попознато.

* * * * * * *

При првото одвојување на левицата од десницата – кога во францускиот парламент поддржувачите на кралот се сместиле десно, а поддржувачите на републиканската револуција лево – не можелe ни да сонуваат во кој правец ќе оди сето тоа. Некои монархии станаа институционална заштита на демократијата, додека претседателите на одредени светски републики станаа кралеви со наследно право на претседателствување. Нацртите за републиканско-партиски императори се насетуваат и во ова наше опкружување, сега да не набројуваме баш и да не именуваме.

И одамна-левиот Карл Маркс денеска би бил прилично збунет. Би се изнабарал работничка класа онаму каде што предвидел класна револуција, затоа што во меѓувреме глобалниот пролетаријат речиси целосно се вработи во Кина. И таму работи под будното око на локалните капиталисти, на кои дозвола за богатење и за работа им издава, ни повеќе ни помалку, туку Комунистичката партија. Глобалната трансформација на лево-десните односи би ги довела во забуна и противниците и поборниците на фашизмот и на нацизмот. Затоа што овие идеологии во меѓувреме станаа само изговори и епитети кои – освен за ревизија на распадот на СССР – последично најмногу се користат за богатење врз основа на зголемените цени на нафтата, гасот, житото и сѐ што е поврзано со нив. Значи, сѐ.

Ни оние кои би се обиделе да се ориентираат на релација либерално-конзервативно, не би имале премногу успех. Заговорниците за рамна земја се претставуваат како либерални ослободители од застарената и конзервативна завера произлезена од знаењето дека Земјата е тркалезна; вакцинацијата се толкува како конзервативно поробување на здравствените слободи; а и мнозинството и малцинството наголемо си ги заменија местата во потрагата за заштита на загрозените права. Во тој и таков свет, каде што, поради недостиг на дефиниција, сѐ би добило префикси „нео-“ и „пост-“, двете лица на едно исто идеолошко неснаоѓање се денешните нео-левица и нео-десница (како и обратните комбинации).

Чичо-Глишовци, оние на Маск, во потрага по својот идентитет.

* * * * * * *

И ете нѐ, така, најпосле во ова наше опкружување, со векови желно, како секоја добра периферија, и во десно-левите идеолошки релации да се поведе по „светската мода“, настаната во далечниот центар на цивилизацијата. Но, во центарот владее конфузија, а се намножиле и мултиполарни центри. Како и прашања на кои треба да се одговори, пред воопшто да станете левица или десница. За абортус или против? Има ли глобалната економија локални бариери, од кого и какви? Кој е малцинство, кој мнозинство, кој е класа, кој е род, чии права и колку се штитат? Религија, атеизам…? И што ќе правиме со климата? И, во можен недостиг на сите потребни одговори, а во вакво опкружување, лесно може да се случи и „левицата“ во релативен пад и „десницата“ во релативен пораст – како и релативно непостоечкиот „центар“ – одново да посегнат по нацијата и разграничувањата како единствен, а воедно и најпрецизно погрешен едноставен регионален одговор на сложените глобални прашања. Веќе еднаш бевме Чичо-Глишовци, не ни е тешко да бидеме пак. Само да нѐ нацртаат повторно.

Илоне, моливот в рака.