Математичкиот „парадокс“ на епидемијата е, имено, дека во неа не страдаат само оние што ја игнорираат, туку сите. А парадоксот особено се зголемува онаму каде што колективната епидемиолошка заштита е на еднакво ниво како и сѐ друго што е колективно: своината, рамноправноста, праведноста, безбедноста, образованието, емпатијата – што и да е, освен колективното лудило и хистерија.

Воја Жанетиќ

Кога последен пат нѐ удриле по глава?

На повеќето од нас тоа ни се случило во основно или во средно училиште. Занемарлив број од нас можеби закачил и некој бокс во кафеана, на стадион или во текот на сообраќајна расправија.

Но, што доколку се појави некаква болка која во болниот буди желба да ги удира другите луѓе по глава? Истовремено, болката би можела да има и придружна последица: болниот да сака и самиот себе да си нанесе удар, понекогаш и сериозно да се повреди. Мал процент од заболените од оваа болест би можел и да умре. Да речеме, секој стоти би можел да настрада од своите или од туѓите удари.

Да го искомплицираме ова малку. Болеста е заразна и се шири. Кога еден човек ќе удри друг, удрениот добива желба да се изудира по глава и себе и уште двајца други луѓе. Лаичката математика вели дека на овој начин, по првиот заразен, ќе се развие масовна тепачка со сите родови и возрасти, во која по глава ќе бидат удрени три милиони луѓе во рок од неколку недели, а од нив ќе загинат 30000. И бројките само ќе продолжат да растат…

Да замислиме, на крајот, и дека научниците измислиле вакцина, по чие примање минимум 7 од 10 луѓе нема да ја осетат наведената желба за удирање ако дојдат во контакт со болеста. Значи, масовната тепачка се намалува. А ако се вакцинираат преку 70%, постои можност тепачката и да престане.

За наша таканнаречена среќа, оваа измислена тепачка не постои. Постои само Ковид.

* * * * * * *

Проблемите со Ковид-19 се следниве два: видот на болеста и видот на вакцината. Да речеме, да е во прашање епидемијата што ја наведовме во горниот пример, покрај системот за здравствена заштита, би пукнал и системот за безбедност. Оттука може да се претпостави дека таа вакцинација – против масовна тепачка, убиства и самоубиства – би била далеку попосакувана, отколку оваа што помага да не се испоразболиме и да не испоумреме од безначајно воспаление на белите дробови.

Ова не е ниту еднинствениот пример за тоа што би можела да биде некоја измислена Корона. Еве, би можело да се замисли и дека Ковид-19 (таман и бројот му е симболичен) предизвикува – импотенција. Сосема е сигурно дека примањето на некаква пред-заштита би било далеку попопуларно и попосакувано отколу што тоа е случак со сегашниот процес на вакцинација против болеста која напаѓа погрешен, да ми простите, орган. А и не е тоа оној Фајзер.

Е, да. Освен што е во прашање погрешна болест, погрешно е спакувана вакцината. Се наоѓа во проклета инјекција која „страшно“ боли. Но, да е во прашање, да речеме, апче, би било полесно. Или да може вакцината да се испие од чаша, шише, шишенце; да може да се испуши (евентуално дури и од некаква фенси апаратура), или да се ушмрка нејзиниот белузлав „вакс“ прав. Во сите овие случаи секако не би имало толку масовни протести, размислувања по социјалните мрежи или ЈуТјуб проповеди. Бидејќи ги нема ни сега – за се шмрка, се чади и се пие на сите страни.

* * * * * * *

Значи, колективната свест на населението не би барала наметната – па уште и лесна за употреба – обврска за заштита против вишок ќотек и недостиг на сексање. Доброволно би го сториле тоа… Но, со оглед на тоа дека кај корона-пандемијата станува збор за болест која, според мислењето на актуелната колективна свест, не е толку проблематична, тогаш сепак се размислува и околу воведување на задолжителна вакцинација. Математичкиот „парадокс“ на епидемијата е, имено, дека во неа не страдаат само оние што ја игнорираат, туку сите. А парадоксот особено се зголемува онаму каде што колективната епидемиолошка заштита е на еднакво ниво како и сѐ друго што е колективно: своината, рамноправноста, праведноста, безбедноста, образованието, емпатијата – што и да е, освен колективното лудило и хистерија. Во ова наше Опкружување, значи. А за ништо од наведеното колективно ниту постои вакцина, ниту е јасен одговорот на прашањето дали би ја „примиле“. Бидејќи задоцнивме.

А во случајот на Короната можеби сѐ уште не сме.

Ќе дознаеме многу наскоро.