Да се одмориме малку во текот на ова малку лето, а на есен што ќе биде, нека биде. И нека биде сѐ што мора, само да видиме малку море.

Воја Жанетиќ

Во дивините на дигиталната реалност, како што би се рекло драматично, може да се наиде на следната остроумна левичарска мисла: годишните одмори и туризмот се, пред с, лукави големокапиталистички измислици. На овој сенилен мозок непознатиот автор му ја образложи споменатата идеја на следниот начин: еднаш, а за среќниците и повеќепати годишно, ѝ се овозможува на работничката класа да живее како буржоазија – други им подготвуваат и служат пијалоци и јадење, им ги местат креветите и им ги чистат собите. Степенот на „буржоазност“ на туристичката понуда се одредува со висината на износот со кој се купуваат „ѕвездички“ за квалитетот на услугата или егзотичноста на посетената локација. За доплата, може да добиете и убав поглед. Само, на сегашноста. Затоа што ни иднината, ни минатото не се така убави за гледање.

И сега, оваа короната сериозно ја загрози таа и таква институција на Туризмот. Тоа го направи на многу начини: ем има помалку работничка класа, ем онаа што остана има помалку пари. Плус, и стравот, тој најголем непријател на излегувањето од дома, па со тоа и на патувањето, се вовлече во нашите љубопитни патнички души и во нашите кон хедонизам наклонети срца. А ако стравот е недоволен, помага и понекој „локдаун“: тешко се оди на море, ако не можеш ни до кафуле.

Накратко, пандемијата не го нападна само здравствениот систем, кој се занимава со нас кога ни е најлошо. Го нападна и туристичкиот систем, кој се занимава со нас кога ни е најдобро.

 

* * * * * * *

А туризам мора да има. Мораме да одиме некаде, за сѐ околу нас да не оди таму каде што не треба, вели тезата која ја разработувавме на почетокот. Но, независно од можните, а недокажливи идеолошки предуслови за туризам, постојат и многу негови докажливи практични последици.

Многу земји од туризмот приходуваат огромен дел од својот општествен производ. Има и многу луѓе, милиони пати повеќе, чија лична економија се темели на тоа колку пари ќе им донесат лицата со куфери. Значи, малите одмори се голема работа. Која би можела да биде уште поголема, поради силната „нова нормалност“ која ни се нудеше во последниве две години и која создаде незаситна и неминлива желба за оние старите нормалности. А туризмот, на листата на тие желби, секако зазема едно од првите места.

И сега, решението за оваа проблематика лежи единствено во веројатноста. Ако сме вакцинирани, помала е веројатноста дека Таму Некаде ќе се заразиме или тешко ќе се разболиме. Ако одиме Таму Некаде каде што има помалку болни, помала е и веројатноста дека некој ќе ни подари вирус, без разлика во која мутација постои Таму некаде. Ако Таму Некаде времето е убаво, на отворено веројатноста за пренесување на вирусот е помала. Покрај сѐ горенаведено, тоа Таму Некаде има една неспоредлива компаративна предност: Таму не е Овде. А секаде е подобро одошто Овде.

 

* * * * * * *

Значи, туризмот ова лето ќе успева на темел на севкупниот и сеопшт привремен заборав на сѐ што се обидовме да научиме и да разбереме во претходните две години. „Белки-Нема-Мене Турс“ е една голема глобална „травел агенција“ која ќе нѐ води насекаде низ светот, инспирирана од нашата идеја дена на патот Белки Нема да ни се случи ништо. А вирусот би можел да се израдува на тоа.

Затоа што вирусот е едно мобилно глобално чудовиште, на кое бројките му одат во корист: само 21% од светското население примило прва доза од вакцината, само 2 отсто ја прележале Короната. На тоа ќе ја додадеме и неговата разиграна склоност кон мутации, како и уште поразиграната човечка љубов кон слобода без локдауни и носење на маски. За радоста на животот во кој алкохолот се пролева во желудник наместо по рацете, и да не зборуваме, наздравје.

И ете. Сѐ што наведовме, отприлика, го има следново значење: да се одмориме малку во текот на ова малку лето, а на есен што ќе биде, нека биде. И нека биде сѐ што мора, само да видиме малку море.

Среќен ни пат.