Ако ја изгугламе фразата која сме ја слушнале барем сто пати – ќе добиеме јасен и прецизен список кои се тие вредности. Но со тоа не значи дека сме кажале и чии се тие вредности…

Воја Жанетиќ

Вака, на самиот почеток:

„Унијата се темели на вредностите почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права, вклучувајќи ги правата на припадниците на малцинствата. Овие вредности се заеднички за државите членки, во општество во кое преовладуваат плурализам, недискриминација, толеранција, правда, солидарност и еднаквост меѓу жените и мажите.“

(Договор за измени и дополнувања на Договорот за создавање на Европската унија, т.е. Лисабонски договор, член 1а; 2007 година)

 * * * * *

Авторот на овој напис чесно ќе признае дека, во рамките на подготовките за овој воведник за европските вредности – што се тема на овој број на „Опкружување“ – гуглаше што сè се, што се вели, европски вредности. Причината за таквата постапка веројатно лежи во многугодишниот процес на интеграција на ова опкружување во Европската унија: во купиштата на сето она што некогаш е изречено во врска со тоа, пречесто се споменуваше дека нешто е или не е во согласност со европските вредности. И во тие бројни случаи европските вредности го заземаа она место кое, да речеме, во говорите на религиозните ја има Божјата Волја. Неотворлива „семоќна кутија“ со непозната содржима, од која повремено излегуваат некои награди или казни, а врз основа на кои субјектот на поттикнувања или одвраќања знае дека направил нешто што е добро или лошо. А Бог ќе знае што точно. Или Европската комисија, од случај до случај.

Лаиците по прашањето за европските вредности – кои со тек на времето отапеле од честата употреба на фразата – можеа сешто да подразбираат под тој термин. Кога не се плука на улица, тоа е европска вредност. Или валцерот е европска вредност, особено во Виена и особено по Нова Година… Оние со малку помалку ентузијазам околу прашањето за Европската унија можеа да ги прогласат колонијализмот и империјализмот како многу поавтентична „европска вредност“, посегнувајќи по не така далечната историја и не навлегувајќи во тоа што го пишува во документите од не така блиската 2007 година.

Како и да е, ако повторно прочитаме што пишува на почетокот од овој текст – или никогаш доволно уверени, ја изгугламе фразата која сме ја слушнале барем сто пати – ќе добиеме јасен и прецизен список кои се тие вредности. Но со тоа не значи дека сме кажале и чии се тие вредности, за што исто така би можеле да се кажат неколку збора.

* * * * *

Па еве (овој) пример, не мора да се смислува подобар, ако и воопшто го има.

За да дојде вода до луѓето, најдобар начин за тоа е – водоводот. И тоа почитување на потребата за сигурна дистрибуција на чиста и здрава вода претставува некаква вредност, материјализирана во цевки и чешми. Но, ако постоењето на водовод е почесто во градовите одошто во селата, тоа не значи дека зборуваме за градски вредности. Тие би можеле најпрво да се прогласат за универзално човечки, а дури на крајот, или можеби никогаш, партикуларно урбани.

Регионалната, културната, населбинската или која било друга ароганција си дозволува себеси понекогаш случајна, а понекогаш намерна грешка вредностите што би можеле да бидат сечии, да ги припишува само на некои. Реално, непостоењето на ароганција, исто така, би можело да се додаде на списокот на вредности за кои размислуваме, којзнае што сè би одело полесно околу прашањето за европските интеграции на ова опкружување.

Но, ако зборуваме малку посериозно, ако воопшто некогаш нешто треба да се промени околу фразата „европски вредности“, тогаш тоа е присвојната придавка на почетокот. Тие не се само европски: во свет што е поврзан повеќе од кога и да е, имаат право да бидат вредности кон кои тежнее секоја индивидуа и секое општество – без разлика дали станува збор за оние географски сместени во Европа (па и во ЕУ) или оние кои останале без таа историска и географска среќа. На тој начин, потешко ќе се забораваат и помалку ќе се гугла кои се тие вредности што не се само европски, а врз чија основа се здружила Европската унија.

Тешко дека некој би имал нешто против, а би се знаело точно на што се мисли. На вредности. И точка.

За секој случај, ќе ги повториме уште еднаш. Нема да пречи, напротив:

* * * * *

„Унијата се темели на вредностите почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права, вклучувајќи ги правата на припадниците на малцинствата. Овие вредности се заеднички за државите членки, во општество во кое преовладуваат плурализам, недискриминација, толеранција, правда, солидарност и еднаквост меѓу жените и мажите.“