Теоретски е можно токму во овој момент, некаде во Индија, некој раџастански воведничар за регионален портал за ситуацијата во Опкружувањето да го остри своето колумнистичко перо, известувајќи ги читателите за едно неверојатно уверување некаде во Европа.

Воја Жанетиќ

Ќе ги отвориме размислувањата за Отворен Балкан со една вистинита приказна од Раџастан, во далечната Индија.

Елем, некаде на отприлика третина од делницата од автопатот меѓу, на пример, градовите Пали и Џодпур, се наоѓа место кое патниците намерници ќе го препознаат по малку вдлабнатиот стар моторцикл од марката Royal Enfield Bullet (Куршум), од 350 кубика, кој е украсен со цвеќе и врамен во голема стаклена витрина. Ова е минијатурен храм подигнат во чест на загинатото момче Ом Синг Раторе, кој најверојатно во алкохолизирана состојба во дамнешната 1988 година се удрил во дрво и на лице место загинал.

Легендата вели дека моторот кој го возел Ом е тргнат од местото на несреќата и однесен во полициска станица, но дека, потоа, исчезнал од станицата во текот на ноќта, за утредента да се појави покрај она дрво каде што завршило трагичното возење. Полицајците уште еднаш го тргнале, но чудесното враќање под дрвото повторно се случило, па суеверната индиска полиција на крајот го оставила моторот да стои тука каде што завршил животот на неговиот возач. И еве, веќе речиси три и пол децении, тоа место и тој мотор го посетуваат бројни аџии од цела Индија, а со цел исполнување на желби кои се главно во врска со сообраќајот и патувањата. Најчест задолжителен религиозен ритуал е наздравувањето со некој жесток алкохолен пијалок, веројатно во знак на сеќавање на трагичната причина за овој сообраќаен случај.

Малкумина тврдат дека виделе како еден 5-ти мај – на годишницата од несреќата – моторот сам од себе се вклучил и работел неколку минути. Во лер, секако.

* * * * * *

Теоретски е можно токму во овој момент, некаде во Индија, некој раџастански воведничар за регионален портал за ситуацијата во Опкружувањето да го остри своето колумнистичко перо, известувајќи ги читателите за едно неверојатно уверување некаде во Европа.

Имено, во земјите кои се наоѓаат во околината на автопатот Е-75 – би можеле да читаат вчудовидените раџастански и други индиски регионални читатели – со децении постои масовно уверување дека земјите од Западен Балкан еден ден ќе влезат во Европската Унија. Верувајќи во волшебните моќи на заспаните европски вредности, бројни аџии од Брисел го посетуваат регионот и му наздравуваат на процесот на придружување, а со цел исполнување на суеверните желби во овој дел на Европа да не се прошират малигните руски и кинески влијанија.

Но, бидејќи земјите од Западен Балкан, како починатиот Ом Синг Раторе, се удрија во препрека на патот кој ЕУ, беше потребно да се најде превозно средство кое, како гореспоменатиот Свети Куршум, чудотворно ќе го пали својот мотор за евроинтеграции. Понекогаш, макар и во лер. И тука магично се појави Отворен Балкан, „Ом Баба на југоисточна Европа“, би го доближил раџастанскиот колумнист ова невообичаено верување до своите читатели, веќе запознаени со тоа дека патот до некаде и тоа како може да заврши во стаклена витрина украсена со цвеќе.

Покој на километрите.

* * * * * *

Индија на страна, Отворен Балкан би било подобро да се нарече Затворен Балкан. Тоа би можело да се направи, на пример, и во знак на сеќавање на грчкиот премиер Мицотакис, кој пред некој ден утврди дека земјите од ова Опкружување треба да влезат во ЕУ – во 2033 година. И со напомена дека, цитираме, „тој термин е амбициозен, но реален“. Завршен цитат. Со овој срдечен бирократски оптимизам е потврдено дека, всушност, Европската Унија е затворена на неодредено за Отворениот Балкан, кој со тоа, значи, фактички станува оној предмалку предложен Затворен Балкан. И покрај сите свои евентуални останати позитивни особини, таа отворено-затворена заедница ја има онаа една, духовно најпозитивна и најважна: во својата суштина претставува религиско здружување на сите овдешни верувања дека територијата среде нешто е возможно лесно и брзо да ја интегрираш во тоа нешто. Па ако потписниците на новите спогодби на Отворениот (а Затворен) Балкан ги видиме како, облечени во сини црковни одори и со звуците на Одата на радоста која ја мрмори некаков хор, читаат Свети Спогодби и Кластери, ќе знаеме дека една ововремена вера конечно го добила и својот формален облик. Да ѝ посакаме верници, затоа што сега не останаа баш многу од нив.

Пет илјади километри далеку од Раџастан.

Во срцето на толку далечната Европа.