Мина четвртина и повеќе век откако бројните трагични воени случувања и злосторства во рамките на ова опкружување ја впишаа во историјата потребата за соочување: и со злосторствата и со таквата историја.

Воја Жанетиќ

Пред речиси две години, кога паѓаше и датумот и јубилејната годишница која нѐ интересира, во опкружувањето беснееше корона. И најмногу поради распламтената болест и придружниот карантин, во јавноста во поширокото опкружување беше слабо забележана и одбележана една важна јубилејна годишнина. Па не пречи да се присетиме и сега.

Значи, на седми декември 2020 година беше точно половина век откако во 1970 година некогашниот германски премиер Вили Брант клекна пред споменикот на Варшавското гето. Во денот кога се случи таа историска клечечка минута молчење, од официјалниот крај на Втората светска војна беа минати 25 години, 3 месеци и 5 дена. Кога горенаведената временска оддалеченост ќе се „накалеми“ на посовремените балкански воени случувања, на пример на Дејтонската спогодба (потпишана на 14.12.1995 година), тогаш се добива податокот дека некој овдешен Вили Брант требало да клечи на 2021 година. А не клечеше, колку да се забележи.

Е, а да клечел, педесеттата годишнина од тоа – што е апсолутно непотребен податок, но нека стои и тој овде – би се одбележувала во 2071 година. Каква далечна, а сѐ уште невозможна иднина.

* * * * *

За соочувањето со минатото, на овие наши простори, се зборува повеќе од четвртина век. Оваа чувствителна тема, со која „Опкружување“ се занимава во новиот број, има различно значење во различни делови од опкружувањето. Некаде од тоа соочување нема премногу потреба, затоа што војната била далеку. Од друга страна, некаде и тоа како има потреба од тоа, баш затоа што војната исто така била далеку, но не и учеството во неа. Оние, пак, до кои војната беше премногу блиску, најпрво се соочуваат со тагата и болните сеќавања на страдањата, па дури потоа со што било друго. Минатото овде има многу лица, ретко кое е убаво расположено и весело, па не е лесно ни да ги погледнеш. А најмалку ако се гледаат во огледалото.

Таму каде што недостигаше некој овдешен Вили Брант, а особено онаму каде што најмногу недостигаше, како главен аргумент за неговото непостоење можеше да се наведе негативното расположение на домашната јавност кон брантовските чинови на самопокајание. Секако, како што коренот на сите заблуди лежи во незнаењето, така и евентуалните поборници од ова население веројатно не знаат дека по Брантовото клечење, 48% (тогаш Западни) Германци сметаа дека неговиот чин е претерување. Го поддржаа 41%, а оние кои („демек“) немаа мислење беа дури 11%. Две години подоцна, Брантовите социјалдемократи освоија 45% од гласовите на изборите, и никогаш потоа не беа толку успешни во избиралиштата. Да знае Олаф Шолц каде сега би можело да се клекне за вакви социјалдемократски изборни резултати, не би се кревал од коленичење со недели.

Значи, не е дека на Вили Брант му донесе некаква штета неговото сфаќање околу соочувањето со минатото, токму напротив: само една година по неговото клечење во Варшава, ја доби и Нобеловата награда за мир. А ни Германија нема причина да се пожали на својот поранешен премиер. До нејзиното обединување, кога само малку подобро ќе се размисли, фактички дојде на колената на Брант.

* * * * *

Мина четвртина и повеќе век откако бројните трагични воени случувања и злосторства во рамките на ова опкружување ја впишаа во историјата потребата за соочување: и со злосторствата и со таквата историја. А и со ова опкружување, општо земено. Но, затоа што ние Вили немаме и немаме, а и затоа што изразот „соочување со минатото“ стана некако неефикасен од преголема употреба, можеби треба да се промени тактиката, а и темата. Можеби, наместо заложби за соочување со минатот, треба да се организира интензивно соочување со несоочувањето. Тоа веројатно би помогнало некој иден Брант да клекне, барем во знак на извинување што тоа не било направено кога било потребно. Што тогаш (па кога и да е тоа) ќе значи дека, најпосле, почнало и соочувањето со иднината.

А за тоа, најважното соочување од сите, некој следен пат.