Ако некој успее да осмисли Вештачка Емпатија и Вештачка Мудрост (ВЕ и ВМ) како неопходни софтверски додатоци на Вештачката Интелигенција, овој свет има шанси да биде почувствителен одошто е.

Воја Жанетиќ

Насмевнете се, денеска зборуваме за Вештачката Интелигенција.

На љубителите на квалитетен хумор не би требало да им побегнала „Политичката декларација за одговорна воена употреба на Вештачката Интелигенција и Автономија“, која во февруари годинава ја објави Државниот секретаријат на САД. И во неа го пишува следново:

„Употребата на ВИ во оружен судир мора да биде во согласност со важечкото меѓународно хуманитарно право, вклучувајќи ги неговите основни принципи. Воената употреба на способностите на ВИ треба да биде одговорна, вклучувајќи ја употребата во текот на воени операции во рамките на одговорниот човечки синџир за командување и контрола.“

Се чека уште човекољубив одговор од руските и од кинеските власти, па сосема да се откажеме од нашите стравови. Барем од овие најголемите, нели.

* * * * *

Олеснителна околност при која било расправа за Вештачката Интелигенција во текот на оваа 2023 година е следново: што и да мисли, каже или напише некој за ВИ, тоа станува застарено во истиот момент кога ќе му падне на памет, ќе биде изречено или запишано. Вестите се менуваат од секунда во секунда, сѐ помалку има човечки дејности и функции на кои не им е ставена на располагање можноста со обичен јазик да им издаваат многу сложени директиви на своите компјутерски терминали, па со изненадувачка брзина да добијат вербален, сметачки, артистички или некој друг задоволувачки одговор. Како и многу други неспособности кои човековиот вид ги надоместил со алати, оружје и машини, и мозокот на човекот доби ново значајно унапредување. Најгрубо кажано, природната неинтелигенција сега располага со свој уште посовршен вештачки антипод. За среќа, што би се рекло. И тоа вештачка, како што стојат работите.

И ете, сега сме тука каде што сме: образованието го продолжува патот на кој станува учење за тоа како, со помош на компјутер, да изгледаме образувано; одлучувањето го продолжува патот на кој се претвора во извршување одлуки кои ги донел софтвер; креирањето, можеби наскоро, ќе направи, да речеме, ваквите текстови да бидат последни кои се пишуваат со помош на мисли што имаат „органско потекло“. И да не набројуваме понатаму, бришењето граници меѓу „аналогното“ и „дигиталното“ станува простор за вообичаената борба меѓу оптимизмот и песимизмот. Оние со поведар дух сонуваат, на пример, за лекови против неизлечиви болести кои ќе ги донесат медицинските роднини на Chat GPT. Меѓутоа, оние помалку радосните стравуваат од средба на вештачката памет со криминалот, тероризмот, империјализмот и останатите синтетички облици на седумте смртни гревови. Злото најмногу му се радува на доброто, белки научивме до сега.

Сега, можеби, треба да го утврдиме градивото.

* * * *

Неизбежност е зборот кој можеби најдобро би можел да го дефинира чувството што треба да го имаме околу прашањето за Вештачката Интелигенција. Со додаток што е толку својствен за овие времиња, а тоа е дека сосема сигурно не може да се избегне сето она за што реално немаме поим што е. КББ (како биде, биде) е, значи, апсолутно совршена кратенка за ова доба, а упорно се премолчува додека помодно и безмилосно се споменуваат оние две букви што означуваат Вештачка Интелигенција. Чудесноста на сѐ што се случи околу прашањето за ВИ создава огромна потреба и да се каже нешто за неа, а

притоа потребата е толку голема што испаѓа поголем срам да не се каже ништо, одошто она што се кажува на таа тема. И со оглед на оваа разбирлива инфлација на размислувања, како и со оглед на тоа дека што и да се размислува, нема ни штета ни корист од тоа, нема да пречи овде да утврдиме дека на човековиот вид не му недостига толку интелигенција, колку емпатија. А за мудрост и да не зборуваме.

Значи, ако некој успее да осмисли Вештачка Емпатија и Вештачка Мудрост (ВЕ и ВМ) како неопходни софтверски додатоци на Вештачката Интелигенција, овој свет има шанси да биде почувствителен одошто е, со помалку искористувања, лажење, уништување, заслепеност и сѐ што досега се практикуваше во времето на Природната Интелигенција. На кое му дојде крајот, што и да се случи потоа. А сето ова ментално, а метално, кое е штотуку создадено, еден ден ќе умее сосема добро да ги објасни и природата и резултатот од тој крај.

Нека ни е среќен овој нов почеток.

И, да, тој одговор гласи 42.