Вистинскиот „материјал“, вистинскиот темел на хуморот, се луѓето кои имаат доволно снага сето ова и понатаму да им биде комично.

Воја Жанетиќ

„Сега баш имате материјал!“

Кој не се занимава со хумор и сатира, и кој поради тоа занимавање не е колку-толку познат меѓу другите, никогаш не ја слушнал оваа реченица. Сите останати ја слушнале, па, да речеме, и авторот на овие редови.

Наведената реченица ја изговараат драги непознати луѓе кои честопати приоѓаат да се поздрават со ним познатиот автор и малку да помуабетат за квалитетот и квантитетот на хумористичен и сатиричен потенцијал кои „оваа ситуација“ и „ова овде“ го имаат. Така, „ситуацијата“ и „овде“ стануваат некаков „материјал“ со чија помош хумористите и сатиричарите, како што рековме, и понатаму можат успешно да се занимаваат со она со што се занимаваат.

Мала дигресија. Писателот Слободан Селениќ своевремено има кажано дека само во Србија луѓето „се занимаваат“, во останатите земји луѓето работат.

Значи, изгледа дека тој „материјал“ претставува основа на хуморот и на сатирата. И дека без тој „материјал“ не би ни имало луѓе што ќе ја вршаат таа работа на засмејување или на горко-смешно размислување за сѐ и сешто ослободено од логика, смисла и целисходност. Во таа смисла, а во ова опкружување, сатиричарите и хумористите се сотираат од работа.

Затоа што „материјал“, реално, има. Само да утврдиме што е тој.

 

 

* * * * * * *

 

Ѕвездата од почетоците на американската телевизија, музичарот, актер и хуморист Стив Ален, во неговата колумна за „Космополитан“ во дамнешната 1957 година, за првпат во јавноста ја изрече веројатно најпрецизната дефиниција за комичното:

„Комедијата е трагедија плус време“.

Значи, ако на нешто трагично му дадеме доволно време, ќе се најде начин тоа да ни стане и комично. Секако, треба да постои и потреба нешто да нѐ засмее. А тоа обично се случува кога нешто тажно не може или да се издржи или лесно да се заборави. Во таа смисла, комедијата, меѓу другото, е и некој вид показател дека сме сфатиле дека трагедијата е наша и дека сакаме да ги проучиме сите аспекти од тој наш „материјал“.

Војни, окупации, сиромаштија, немоќ, па еве сега и здравствено-општествена болест – сите тие се елементи на трагичното од кои, понекогаш и со децении, се состои реалноста на ова опкружување. Згора на тоа оди – како она овошје или зеленчук кое продавачите го ставаат гратис на пазарската вага на крајот од купувањето – шаренило од живописни Водачи кои им ветуваат на генерациите дека ќе ги одведат од трагедијата. Во подобар живот, во поубава иднина, во што и да е. Може ли сето ова досега наведено да се поднесе и да се сфати без смеа? Може, или со помош на деменција или со емигрантска егзистенција. Но, ако сме при свест и ако не сме побегнале во Канада, мораме да се смееме, за да можеме да поднесеме. Од трагедијата не ни преостанува ништо друго – освен комедија.

Комичното и сатиричното можете и да ги обвините. Дека го намалуваат бесот и така оневозможуваат револуционерни промени. Дека ја „пеглаат реалноста“. Дека се „вентил“ без кој крвта на виновниците би течела по улиците, пролеана од страна на гневните. Бидејќи сѐ што е бунтовно се случува таму каде што нема хумор и кон тоа ние овде треба да тежнееме за да дојдат промени.

Да речеме, во Северна Кореја.

 

 

* * * * * * *

 

Пред некој ден ми стигна писмо, денеска тоа се вика мејл. Двајца, болни од ковид. Мажот има вртоглавици, грозни главоболки, не може да јаде – пишува сопругата. Зготвиле супичка, единствено тоа некако може да го јаде. Го вклучиле телевизорот, гледаат „ПЉиЖ“ и во продолжението на писмото пишува:

„Се подигна, јаде по малку и гледа, така слатко се смееше, а блед, никаков. Баш му го кренавте расположението.“

Се стега грлото кога ќе прочиташ, кнедлата негова. Не можеш да се занимаваш со ништо смешно, освен ако не познаваш секакви тажни нешта. Тој и таквиот „материјал“.

Од хумористите и сатиричарите сега и овде многу поголема почит заслужуваат сите оние што и понатаму се смеат, без оглед на тоа што секој ден е сѐ потешко. Вистинскиот „материјал“, вистинскиот темел на хуморот, се луѓето што имаат доволно снага сето ова и понатаму да им биде комично. Духот кој се брани со смеа е основата на сета наша духовитост.

Во опкружувањето и пошироко.