Бидејќи е тешко да се поверува во реалниот свет, се верува во нереални феномени. И се верува со сето срце, кое инаку, без таа вера, би било сосема сигурно – скршено.

Воја Жанетиќ

Работното време во текот на осум работни недели има милион и сто педесет и две илјади секунди. И не е „па што“…

Американскиот Конгрес на синдикати неодамна пресмета дека на работник вработен во магацинот на компанијата „Амазон“ му се потребни четири недели за да заработи онолку колку што Џеф Безос, сопственикот на „Амазон“, заработува во една секунда. Значи, во историски прогресивниот 21-ви век, една единка заработува милион и кусур пати повеќе одошто друга, која е вработена кај онаа првата. А притоа, тоа не е сѐ, бидејќи:

Работникот во „Амазон“ е платен 18 долари на час. Тоа го прави некој вид на работничка буржоазија, ако земеме предвид дека тоа е, на пример, речиси седум пати повеќе отколку што вреди просечниот работен час во, да речеме, Србија – 2.2 евра. Повторно малку ќе си играме со цифри: на страна какво сѐ дополнително богатство и капирал има, но Џеф Безос во една секунда заработува речиси осум милиони пати повеќе (7.737.313) од работник во Србија. Значи, Џеф Безос е личност која заслужува свој култ. Ма, каква црна личност: Тој е Божество, лично.

* * * * * * *

Некојси учени луѓе тврдат дека сме влегле во една нова, во најмала рака интересна, епоха. Нејзиното име е Техно-феудализам. Поедноставено гледано, станува збор за општествено уредување во кое преку 99% од населението се претвора во трајно сиромашни или во привремено богати „кметови“, со кои господари помалку од 1% техно-феудалистички моќници.

Задремани во илузијата за постоење на средна класа, заслепени околу губењето на секаква работна, професионална и животна сигурност, современите кметови дополнително станаа и верници, цврсто решени да им се посветат на новонастанатите култови. Култ на поседувањето, култ на убавината, култ на фитнесот и на велнесот, култ на верувања во завери… а веројатно во пресекот на сите тие многубројни култови – нови и најнови – се наоѓаат осовременетите Култови на личноста.

За почеток, личностите се познати и со разнородни титули. Инфлуенсери, опинионисти, инстаграмери, јутјубери, тик-токери, селебрити, спортисти, музичари, актери, „модни икони“ и „икони на стилот“… Тој секаков, многуброен свет има свои почитувачи, следбеници, верници. За разлика од претходните култови на личности, сега, освен на нашата љубов кон Нив, акцентот е и на тоа како Тие го сакаат истото што и Ние. Или барем ни зборуваат што сѐ Ние треба да сакаме. И да купуваме, секако. Од парите што сме ги заработиле во текот на нашите работни часови.

Елем, тие и такви Култови ја создадоа и Културата на нео-феудализмот во кој живееме. Богатството, славата и моќта имааат свои заслепени следбеници, кои ниту гледаат, ниту можат да видат дека некогашната пропаганда се претворила во денешна хипноза, или дека (извини, Маркс) некогашниот „Опиум за масите“ се вратил децентрализиран, гламурозен и омасовен. Бидејќи е тешко да се поверува во реалниот свет, се верува во нереални феномени. И се верува со сето срце, кое инаку, без таа вера, би било сосема сигурно – скршено.

* * * * * * *

Современите политички Култови на личноста, од сѐ претходно наведено, претставуваат логично комплементарно продолжение на нашите новобожечки религии, измешани со мала помош од материјалот познат од порано. Но, да нагласиме, мала количина. Современите Сталини, Мусолини или Маовци само на прв поглед потсетуваат на тоталитарните образци познати од порано, но многу поубаво се спакувани, со машничка. Во пакувањето на нашите идеолошки Ријани и Џастини Бибери нема ништо, но има многумина. Глобални или локални Безоси, и ситни и крупни парични и останатоинтересни јунаци на ова доба, сите претставуваат еден убав шарен собир на новофеудалната олигархија. Сите нив собрани ги држи користа која се добива кога светкавата фолија на Култот на Раководните Селебрити ќе го изврши своето чинодејствување врз анонимниот кмет-гласач.

Значи, овде не станува збор за Култ на Личноста, туку за Култ на Сличноста. А тој служи за да оневозможи да дојдеме до заклучок дека сѐ се променило и дека единствено Лидерот сѐ уште по малку потсетува на некој Водач кого порано сме го познавале. И колку сме посиромашни, толку повеќе ни личи.

Инаку не би ни работеле за 2.2 евра на час.