Најавата за „страшна зима“ најмногу им одговара на оние кои сакаат претстојното управување на своите држави (или институции) да го прикажат како неописливо тешка задача, која ќе биде решена благодарение на нивните натчовечки напори и способности.

Воја Жанетиќ

Иде страшна зима.

Оваа реченица би можела и да се изговори, но само под два услова: да знаеме што, во моментов, би можело да биде иднината, како и да знаеме што подразбираме под поимите „страшно“ и „зима“.

Зимата, за почеток. Имало и гадни зими. Онаа, да речеме, од 1709 година, кога замрзнала цела Европа и останала таква со месеци. Притоа не се мисли на оваа, сега замрзната Европска унија, која одамна го стави на мраз приемот на нови членки од Балканот.

Не, ние мислиме на Европа, да речеме, на Луј XIV, чија роднина, војвотката од Орлеан, во едно писмо наведува дека никогаш не видела зима од која се смрзнува виното во шишињата. Дваесет и четири илјади Парижани умреле таа година, без вино, од студ. Тоа е зима.

Одиме сега на страшно: Шри Ланка годинава веќе не е во состојба да ги врати своите кредити. Училиштата и многу канцеларии во оваа земја се затворени, за да не се троши непотребно гориво, кое и онака го нема – бидејќи сите залихи се потрошени. А тоа и не е толку страшно, затоа што жителите на Шри Ланка – кога не преспиваат, онака баш бесни, во претседателската палата – сепак можат да се вратат дома, за разлика од моменталните 5.6 милиони официјално регистрирани Украинци, кои веќе ја немаат привилегија. Бегалци се. Ете, тоа е страшно.

И на крај, прашањето околу иднината. Таа, пак, од некакви причини се самоукинала и му го отстапила местото на овој некој временски хибрид – во кој од модерните средства за комуникација вриштат претходните, штотуку воскреснати векови. Наредното минато, така би можеле да го разбереме овој чудесен концепт кој ни се одвива пред очи во сегашноста, ги врати во игра и ги омасови империјализмот, порекнувањето на науката и медицината, суеверието, заверологијата… Така и поимот „иде“ веќе не значи ништо смислено, освен воскреснување на заборавените дефекти од историјата.

Но, ако „Иде страшна зима“ и не е баш некое сосема конзистентно тврдење, зошто тогаш сѐ почесто ја слушаме таа формулација?

За тоа објаснување ни е потребен еден камион и овци во него.

* * * * *

За време на социјалистичкиот блок постоше легенда за Радио Јереван, ерменска радиостаница која, според таа легенда, емитувала шеги кои можеле да се разберат како интелигентна критика на Советскиот сојуз. Во една од тие апокрифни шеги е објаснето на кој начин можат да се транспортираат во СССР петнаесет овци во камион во кој има место само за десет. „Така што прво на сила ќе напикате дваесет овци, па потоа ќе извадите пет, за останатите да мислат дека им е многу полесно.“

Неспорно е дека во наредните месеци воените шокови со снабдувањето со енергенси, житарки и суровини ќе направат современите проблеми да бидат малку поголеми од досегашното непостоење на доволно брз Wi-Fi или намалувањето на можностите за набавки на брусница за фенси рестораните кои ја ставаат во сѐ живо. Исто така е неспорно дека, на споменатите кризни основи, извесно количество на бескрупулозни бизнис-мршојадци дополнително ќе се обогати, без никаква искажана милост кон осиромашувањето на ситуираните или зголемената беда на и онака сиромашните жители на земјината топка.

Но, овде разгледуваната најава за „страшна зима“ најмногу им одговара на оние кои сакаат претстојното управување на своите држави (или институции) да го прикажат како неописливо тешка задача, која ќе биде решена благодарение на нивните натчовечки напори и способности. Праизведбата на овој, во суштина, политичко-маркетиншки маневар го гледавме за време на (и понатаму активната) пандемија, а сведоци на успехот на пресметаната драматичност се, да речеме, клучевите од автомобилите и становите, кои можеби сѐ уште ни мирисаат на средства за дезинфекција – како своевидни антиподи на сегашното игнорирање на постоењето на вирусот.

Значи, методологијата на транспорт на вишокот „радио-јеревански“ овци веќе имавме прилика донекаде да ја испробаме. Оттука, секоја најава за „страшна зима“ – изречена од некого чија владејачка, функционерска или некаква друга хиерархиска судбина зависи од извештачената кариеристичка загриженост – треба да се прими со разумна резерва. Да, зимата секако нема да биде како претходните. Но, вистинскиот квантитет и квалитет на нејзината „страшност“ ќе го дознаеме дури на пролет. И ние, и оние кои претстојниот „хорор“ вербално го дистрибуираат.

Ќе почекаме, ниту тоа не е страшно.