На кој начин, воопшто, ние во ова опкружување ги напуштаме нашите досегашни специјализации – за производство на работна сила што си заминува, на судири што не престануваат и на економско заостанување зад ЕУ што не запира.

Воја Жанетиќ

Една приказна, за почеток.

Мој пријател еднаш патувал со автомобил низ некоја од Соединетите американски држави. И во еден момент во внатрешноста од автомобилот почнал да се чувствува доста силен и уште понепријатен мирис.

„Што смрди вака?“ – се прашувал мојот пријател, сомневајќи се по малку и во своите сопатници, бидејќи прозорците биле затворени.

„Свињарници“ – објаснил кратко и очигледно навикнато возачот на автомобилот. Со раката покажал кон речиси непрегледната низа еднолични објекти, извори на непријатниот мирис. „Ау, колку ги има!“ – рекол мојот пријател, гледајќу малку кон свињарниците, а малку и во правец на возачот, а овој рамнодушно ги собрал рамената, немо потврдувајќи дека споменатите градби се бројни. „И колку долго ќе го дишеме ова?“

„Уште 40 километри“ – констатирал возачот кратко, покажувајќи пред себе кон градбите начичкани покрај патот, а без видлив крај на нивната низа. И тоа ви е таа паметна специјализација, за која ќе зборуваме понатаму.

* * * * *

Овој модерен свет е преполн со фенси кратенки. Една од нив е „С3“, која означува дека на едно текстуално место се нашле 3 збора – Smart Specialisation Strategy (Стратегија за паметна специјализација). Таа кратенка, повторно, ја користи друга кратенка – ЕУ, која овде конкретно означува 27 земји кои не знаат баш точно што да прават со забревтаната економска глобализација, бидејќи во досегашната историја главно се стремеле кон тоа што повеќе да го произведуваат сето она што им е потребно и што помалку да зависат од другите.

Но, оваа задача за изградба на самодоволност веќе не е возможна, бидејќи стана неизводливо да се направи баш сè што ѝ е потребно на некоја територија. А и неисплатливо, затоа што секогаш се наоѓа некој што нештото го прави поевтино, или подобро, или двете. Никој повеќе не прави сè, а сите сега прават нешто свое: помасовно, поповолно и поквалитетно од другите. Тоа, меѓу другото, беше причина за пропаста на социјалистичката индустрија на Западен Балкан (ЗБ, за пријатели): сè што правеа, да речеме, економските наследници на Тито, можеше да се најде поевтино, а често и поквалитетно, кај економските наследници на Мао Цедунг.

И ете тоа, поедноставено гледано, би била темата на новото „Опкружување“: ЕУ сака секоја од нејзините земји да најде своја С3, а би било добро свое место во тоа да има и ЗБ. Многу фигуративно кажано, секоја од државите од ова наше опкружување треба да пронајде со што ќе ги пополни своите 40 километри пат. Смрдело тоа или не.

* * * * *

Илјада прашања (1000П) можат да се постават на ова место. Па еве некои: по кој редослед оди паметната специјализација, дали прво се специјализираат оние што се посилни и помоќни, па на сиромашните и на послабите им останува специјализација за нешто помалку исплатливо или помалку развојно потентно. Или, што се однесува на нас овде: ќе остане ли за нас некаква можност за специјализација, откако ќе се специјализираат сите од ЕУ, од која ние не сме дел? Ќе имаат ли земјите од ЕУ предност во специјализацијата пред оние што се кандидати за ЕУ, ќе им забрануваат ли одредени активности поврзани со специјализацијата, поради можна конкурентност? Или, да поставиме прашање за сите нас заедно што живееме и работиме на европскиот континент: дали ние ќе се специјализираме подобро и попаметно од земјите од другите континенти, има ли тука некаков договор, или ќе се тепаме додека не ни исцркаат и специјализациите и глобализацијата? Но, пред каков било одговор на овие прашања, може секако да се постави и едно мошне важно:

На кој начин, воопшто, ние во ова опкружување ги напуштаме нашите досегашни специјализации – за производство на работна сила што си заминува, на судири што не престануваат и на економско заостанување зад ЕУ што не запира. Вакви специјализации секако има уште, но специјалноста на овој воведник отсекогаш била да биде краток и едноставен. Па, одговорите ќе можат да се најдат во другите текстови од овој број.

Специјално напишани за него. СНЗН, да се изразиме кратенички.