Еве се прашуваме дали би имале повеќе среќа кога, наместо модерниот изборен карамбол, би се организирала една старогрчка изборна томбола.

Воја Жанетиќ

Ако дозволите, ќе бидам првиот колумнист на овој сајт, а веројатно и во принцип, кој ги користи услугите на GPT-4 платформата за создавање на делото колумна. Си велам, модерно е… Елем, ја прашав вештачката интелигенција што е Клеротерион. Сметам, тоа е сосема добар начин да се почне токму овој и токму ваков текст. И еве што вели:

„Клеротерион (грч. κληρωτήριον) бил систем на избирање службеници во античка Грција, а особено во Атина. Користен е за избирање на граѓани кои ќе извршуваат јавни функции, како судии, членови на собранието или војници.

Клеротерионот се состоел од плоча на која биле нацртани колони во кои се ставале бронзени плочки на кои биле напишани имињата на граѓаните што биле избирани за јавни функции. Системот функционирал така што по случаен избор се извлекувала една плочка за секоја функција. Граѓаните чии имиња на плочките би биле извлечени станувале јавни службеници на одреден период.“

 * * * * *

Благодарам, роботу. А сега малку јас.

Значи, старите Грци биле скептични во однос на изборите како начин за избирање на јавни функции. На изборната корупција и на заводливоста на говорништвото тие се спротивставиле со – лотарија. Среќниот избор, тогаш, се прогласувал за најсреќен начин на демократски избор на јавни функции. Државна позиција треба да им се даде – се сметало неколку века пред раѓањето на Христос – не на оние кои тоа баш силно го посакуваат, туку на оние кои ја имале таа среќа (или несреќа) да бидат избрани со помош на политичкото Лото. Во случајот на политиката, нека одлучи случајноста, рекле оние кои ја измислиле демократијата. И како да имале право.

Дваесетина и охо-хо векови подоцна, еве се прашуваме дали би имале повеќе среќа кога, наместо модерниот изборен карамбол, би се организирала една старогрчка изборна томбола. Тоа особено фино би ни легнало нам, во ова опкружување, со тридецениски стаж на сведоштва дека демократскиот изборен систем не претставува никаква гаранција за сигурно воспоставување на контролата на народната волја врз политичарите. Меѓунационалните конфликти, зголемувањето на класната нееднаквост, распродажбата на државниот (читај – народниот) имот, неприродното богатење на политичката каста и ним блиските: сето ова – ако ништо друго – барем полесно би ни паднало кога би било последица на несреќа предизвикана од лошо извлекување на лотарија, а не од лошо завршен гласачки ентузијазам. Навистина преголем, за постигнатите резултати.

Значи, некаков наш Клеротерион би можел да биде виновник за не баш најсреќниот премин од фантазиите за демократија од времето на социјализмот во суровата реалност на натпревар меѓу политичките претприемачи од времето на овој и ваков капитализам. Би можеле да констатираме дека не сме имале среќа, затоа што сме имале несреќно извлекување. Вака се чини дека немаме среќа, и тоа ептен, но не можеме да ја обвиниме лотаријата, затоа што, освен среќа, ја немаме ни неа.

* * * * *

Состојбата на демократијата во опкружувањето, а и во принцип, сега во најмала рака не е среќна. Всушност, констатацијата дека сме немале среќа може да доживее и свое таксативно расчленување: немавме среќа со распадот на Југославија; немавме среќа со порастот на криминал и неговото влијание врз политиката; немавме среќа со разбирањето што сè демократијата мора да подразбира за да постои; немавме среќа со домашните и со странските бизниси што влијаеја врз политиката; немавме среќа со количеството капитал кој мораше да промени сопствеништво; немавме среќа со географската положба во однос на идеолошките Запад и Исток; немавме среќа со индустриската и со медиумската револуција среде која се демократизираме; немавме среќа ниту со економските и со политичките кризи во земјите што би требало да бидат демократски пример на кој би се угледале – но ниту тие нешто немаат среќа во последно време…

И како, тогаш, со овдешната демократија понатаму? Па да се надеваме дека во иднина ќе имаме малку повеќе среќа, а и да размислиме дали сепак треба да го активираме стариот добар Клеротерион, па да се обидеме да дојдеме до таа среќа со избраните на најсреќниот можен начин. Речиси и единствениот.

Нека ни е со среќа.