Европските интеграции сè повеќе претставуваат омасовен индивидуализиран процес на „гласање со нозе“ – преселба на младите луѓе од опкружувањето во оние земји од Европа и светот кои имаат недостиг од работна сила и вишок пари.

Воја Жанетиќ

За секој родител е тежок, а истовремено и радосен, моментот кога неговото дете ќе престане да верува во реалното постоење на Дедо Мраз. Додуша, а воедно и за среќа, настапувањето на тој момент на пресврт во животот на младото поколение не може баш точно да се утврди, затоа што децата уште некое време од лукративни причини фолираат дека веруваат дека некаков чичко со брада – а со помош на летечки санки кои ги влечат исто така летечки ирваси – им оставил подарок за Божик или за Нова година. И на крајот од тој двонасочен процес на залажување, Дедо Мраз се споменува само симболично, само во знак на почит кон периодот на растење. И сите знаеме дека сме се лажеле уште од почетокот, но и понатаму молчиме во врска со тоа, заради мирно продолжување на меѓусебната љубов и слога. А и Дедо Мраз можеби сепак ќе дојде.

Затоа што надежта последна умира.

* * * * *

За да не ги малтретираме читателите со пародирање на оваа приказна за Дедо Мраз – кој би им донел подароци на децата ако се добри и ги исполнуваат кластерите на неговите услови – веднаш ќе преминеме на тезата дека приказната за пристапувањето кон Европската унија со текот на времето стана бајка, во која притоа веруваат и сè помалку жители од ова опкружување. А поради лукративните подароци, кои сè уште можат да се добијат од Брисел и околината, сите се прават дека е исто како кога, на пример, Бугарија и Романија беа примени во ЕУ по итна постапка. И дека и земјите од Западен Балкан – кои и онака не се баш многу интегративно способни и расположени – ќе ги стигне некоја таква бајковита среќа.

На ова место треба да се додаде и дека пред неколку дена се појави вест дека во Австрија во моментов има околу 230.000 слободни работни места. За оние кои штотуку завршуваат средно или високо образование, овој податок, и нему сличните кои упорно пристигнуваат од Европа, претставува јасен сигнал дека треба да го земат пасошот в рака и да ја бараат својата животна среќа таму каде што има работа и каде што таа е добро платена. Сега да го префрлиме ова во темата на овој број на „Опкружување“, а таа би била односот на овдешниот млад свет кон евроскептицизмот и европозитивизмот во регионот: може да се заклучи дека постарите можеби имаат уште малку причини да веруваат во бриселскиот Дедо Мраз, но помладите имаат многу, многу помалку. Што и не е нешто чудно, затоа што влезот на цела држава во Европската унија не претставува преголема грижа за некој што може да влезе во истиот економско-политички простор поединечно и самоиницијативно. Со покажување на пасош на граничниот премин и со вработување речиси веднаш потоа.

* * * * *

Во некои дамнешни времиња, кога авионската карта во еден правец до, на пример, Стокхолм, не чинеше само малку повеќе од 50 евра, можеше како-така да се размислува за политички промени. Во тие околности младата генерација, желна за подобра иднина, таа иднина активно ја остваруваше во рамките на територијата каде што е и родена. Протести, гласање, притисоци врз постарите, па дури и револуции – постоеше широк асортиман на можности со кои новите генерации создаваа личен, а како последица на тоа, и колективен подобар свет. Во овие години од овој век, сите тие опции се скратени на еден збор: довидување. Регионалните земји, за чии територии страсно и крваво се војуваше по падот на Берлинскиот ѕид, своите млади сè почесто ги гледаат за празници и во сезоната на годишни одмори, кога ќе се вратат од, на пример, истиот тој Берлин. И тоа под услов комуникацијата да не се свела само на пораки, видео повици и слики на Инстаграм. Значи, европските интеграции сè повеќе претставуваат омасовен индивидуализиран процес на „гласање со нозе“ – преселба на младите луѓе од опкружувањето во оние земји од Европа и светот кои имаат недостиг од работна сила и вишок пари. Па на прашањето што мислат младите за процесот на интеграција на Регионот во ЕУ, одговорот може да биде – истото што го мислат и за Дедо Мраз. Само постарите молчат околу тоа, со надеж дека иселената младост сепак еднаш ќе се врати. Кога ќе нè примат во ЕУ, да речеме. Надежта, како што кажавме, последна умира.