Значи, капиталот за иднината на малите земји од Балканот лежи во нивното минато. И во посакуваната (веројатно и возможна) способност да не го преживуваат повторно тоа минато, кога веќе целиот останат свет има намера да го прави тоа.

Воја Жанетиќ

Долго време не знаев што да напишам за Украина.

Малку ми е и срам. Од удобниот стол – со фрижидер во близина, со струја во каблите и вода во цевките – „сметам“ за трагедијата која се случува во земја која наскоро ќе има бегалци колку што мојата земја има жители. Се пишуваше и се бришеше, ништо паметно не излегуваше од тастатурата.

И така одеше работата, сè додека не ги прочитав зборовите на некој вистински мудрец од Интернет: „Ако избие Трета светска војна, ве молам сите ние од Балканот да се правиме мртви. Од нас е доста.“ Баш, навистина придонесовме за историјата. Иако би можеле уште да придонесеме, со што би се позанимавал во редовите што следат. И не замерувајте за „сметањето“.

* * * * * * *

Далечниот 31 јануари 1992 на полиците во книжарниците се појави делото на американскиот политички филозоф Френсис Фукојама: „Крајот на историјата и последниот човек“. Само неколку месеци по десетдневната војна во Словенија, со која на извесен начин почна крвавиот распад на (пост)социјалистичка Југославија, оваа книга објаснуаше како престанокот на постоењето на Советскиот Сојуз означува крај на идеолошката еволуција и универзализација на западната демократија. И, на тој начин, и крај на самата историја.

Триесет години подоцна, својот практичен поглед на завршувањето на историјата го објави Владимир Путин, известувајќи го пост-советскиот и пост-историскиот свет на Фукојама дека во новата војна можеби ќе му дојде и физичкиот крај: Русија го стави своето нуклеарно оружје во состојба на готовност, дополнително аргументирајќи го присуството на нејзините воени сили во Украина, а во своевидно отсуство на каква било логика и причина. Цената ја плаќаат обичните луѓе, учесници во онаа историја која не завршила.

Да можеше во 1992 година некако да се сконцентрира на настаните во Југославија, Фукојама немаше да ја опсипува западната политичка хемисфера со тврдења за конечната победа на што и да е. Бидејќи Историјата со најголемиот од своите прсти укажуваше на тоа дека има свои начини да продолжи: наративот за идната универзална среќа на Работничката класа набрзина беше заменет со бајки за благодетите на заземањето животен простор од страна на Нацијата. Меѓу народите и народностите на поранешната социјалистичка Југославија – не меѓу сите подеднакво – поделбата на југословенскиот државен простор беше сфатена и како можност за национално разграничување.

Резултат на тоа сфаќање се војните во деведесеттите во опкружувањето, кои се завршени веќе некое време. Иако песимистите не ја сметаат оваа завршница за конечна. Независно од песимизмот и оптимизмот, она што може да се смета за конечно е сознанието дека прашањето за национално разграничување во поранешните социјалистички држави не е само екс-југословенско, југоисточно-европско или какво било друго локално балканско прашање.

Имено, има Балкани на уште некои места во светот.

* * * * * *

Три децении по фантазирањето на Фукојама за апсолутната и конечна победа на демократијата – а исто толку по почетокот на распадот на Југославија – дојде време да се напише нова книга. Но, овојпат не за крајот на историјата, туку за нејзиното повторување во некои нови околности. Војните во Југославија не се водеа под будното око на социјалните мрежи, ниту, пак, на бомбардирањата и на опколувањата на градовите им претходеа светска економска криза, пандемија, поларизација и поплава од лажни вести. Како и да е, во својата арогантна глупавост, големите сили си дозволија луксуз – со многу потрагични и многу поглобални последици – во далеку полоши услови да се претворат во она што во текот на три децении го менторираа и насочуваа. Да се претворат во нас.

Во таа смисла, една од можните иднини на овие простори лежи во тоа земјите од таканаречениот Регион да им овозможуваат консултантски услуги на Русија, САД / НАТО / ЕУ, Украина (токму по тој редослед и точно како што е наведено) – во областа на помирувањето и соработката. Особено во поглед на тоа како да се помируваш и да соработуваш под надзор и условување од оние кои сите твои грешки мегаломански ги повторија, три децении подоцна. Значи, капиталот за иднината на малите земји од Балканот лежи во нивното минато. И во посакуваната (веројатно и возможна) способност да не го преживуваат повторно тоа минато, кога веќе целиот останат свет има намера да го прави тоа.

Да се правиме мртви, рече мудрецот од интернет.

Историјо, можеш ти и без Балканот, рече Фукојама во својата нова, ненапишана книга.