Осовременетата верзија на романот „Господар на мувите“ се изведува во живо и непрекинато, далеку од нашите очи, на пустите острови што опустеле така што сме се оддалечиле од нив, веројатно и сме се отселиле.

Воја Жанетиќ

Кога темата за врсничко насилство беше планирана за ова издание на „Опкружување“, а тоа беше пред околу два месеца, не можевме да знаеме дека текстовите ќе бидат пишувани во време кое доаѓа по две страшни трагедии на масовно убивање во Србија. Првото од двете масовни убиства се случи во основно училиште. Нема порадикално врсничко насилство.

И од каде, сега и овде, да почнам со пишување за нашата тема? Ова е воведник, па оттука би можеле да се наведат некакви рамки за разгледување на врсничкото насилство: тоа може да биде директно и индиректно; насилството може да биде физичко, вербално, психичко, емоционално, социјално, сексуално, електронско; може да се разликува по  јачина и траење; а според наведените типови, насилството може да биде поединечно или комбинирано…

По ова набројување, би можел да се напише и некој пример за насилничката инфраструктура на општеството во кое живееме, па тој да се илустрира со агресивното возење по патиштата, или со агресијата на армиски моќните земји врз послабите противници. Од кој било крај да тргнеме, личен или империјален, малку или нималку бениген, можеме да пронајдеме патокази за насилство според кои се управуваат и младите поколенија. Да, би ги споменале и медиумите и социјалните мрежи.

Сето ова би можело да се направи. Сепак, ќе одиме вака:

* * * * *

Речиси седумдесет години порано, британскиот писател Вилијем Голдинг го објави својот прв роман со наслов „Господар на мувите“. Во најкратки црти, да потсетиме, романот зборува за група момчиња, кои ќе се најдат на пуст остров по авионска несреќа. Сите возрасни од авионот загинале, така што децата мораат самите да ја организираат новонастанатата заедница.

Општествената организација меѓу децата, макар оваа за која ние тврдиме дека се вика цивилизација, не трае долго. Препуштени сами на себе и на сето она што речиси изворната човечност и онака подразбира кога ќе ѝ се отстранат обврзувачките општествени „стеги“, момчињата се делат во спротиставени групи што се борат за превласт и за моќ. Меѓу оние попримитивните се прогласуваат демони и се воспоставуваат обреди, доаѓа и до насилство, до убиство… Романот има и среќен крај: припадници на морнарицата, кои трагале по урнатиот авион, ги наоѓаат момчињата и ги одведуваат од пустиот остров. Назад во светот вон островот, онаму каде што цивилизацијата во меѓувреме не исчезнала видливо, ниту радикално.

Создавајќи го романот „Господар на мувите“, Голдинг напишал застрашувачки општествен хорор, кој не малку пати се актуелизирал и пред и по оваа книга, но во светот на возрасните. Онаму каде што општествените норми исчезнуваат или каде што намерно се забораваат – во широкиот аморален простор меѓу тепачките и грабежите, па сè до воените злосторства и геноциди – насилството ќе биде прво, најефикасно, а честопати и единствено оружје за децивилизирање. „Господар на мувите“ е дотолку пострашен – и дотолку поголем хорор од обичниот живот – затоа што токму на децата, за кратко време, им се случува она што возрасните цело време си го прават самите себе, кога ќе заборават дека постои нешто што е „повозрасно“ од нив.

Вредности, правила, закони.

Значи, заедница.

* * * * *

Врсничкото насилство, за кое овде зборуваме, можеби би можело да се набљудува и како осовременета верзија на романот „Господар на мувите“. Таа се изведува во живо и непрекинато, далеку од нашите очи, а на пустите острови што опустеле така што сме се оддалечиле од нив, веројатно и сме се отселиле. Училиштата, дворовите, улиците, парковите, терените, трибините, халите, моловите, дигиталните простори; сите тие се места на кои, можеби одамна, им е потребно доаѓањето на некаква „морнарица“, која ќе ги одведе актерите на врсничкото насилство – и оние насилните, и оние кои се жртви на насилство – назад во цивилизацијата, таму некаде каде што возрасните можеби сè уште не настрадале во некаква голема несреќа. А ако тој свет го нема, или го нема во доволна мера, тогаш ќе мора да се направи.

Со помош на сето она што останало од возрасното и мудрото во нас.

Сè друго е господарење над мувите, ненасилно зборувајќи.

Ете. Само толку за ова, во ова време и на ова место.