Дваесет и пет (25)+ причини поради кои младите заминуваат

 Воја Жанетиќ

  1. Затоа што таму каде што ќе одат постои недостиг од работна сила, особено онаа образованата, а зошто недостигот не би се надоместил од онаму каде што таа сила е реално вишок, и плус, така „за Џ“ се добива неколку стотини илјади евра образовна и до неколку милиони евра работна вредност.
  2. Затоа што светот е поделен во минимум четири категории на држави и секој разумен државјанин на светот, особено оној помладиот, гледа да биде сместен во – таман во тек е фудбалското првенство, па да го искористиме терминот – „повисок ранг на натпреварување“.
  3. Затоа што државите од кои се заминува не разбираат (или не сакаат; или баш им е гајле) дека одливот на мозоци и работна сила, всушност, претставува бесплатен извоз на капитал, чија вредност се зголемува со годините.
  4. Затоа што овде, каде што би можеле да останат, младите немаат гаранција дека ќе ги добијат оние „РСПП“ важни за засновање на постојан престој: работа, семејство, правичност и перспектива.
  5. Затоа што најчестата „област“ во која престојуваат младите – интернет – баш и нема меѓудржавни граници, па со самото тоа, баш им е гајле за истите.
  6. Затоа што новата генерација гласа со нозете: таму каде што не им се допаѓа државата, општеството или власта – си одат на друго место, каде што сето тоа е подобро.
  7. Затоа што властите од државите од кои се заминува никогаш немале потреба од гласачи кои нешто би менувале или биле заинтересирани за иднина која достигнува преку границите на еден мандат.
  8. Затоа што не се планираат внуци на територија каде што некои, во текот на само еден мандат, ги обезбедуваат и внуците.
  9. Затоа што државата е, во суштина, некој вид на услужна дејност, а младите луѓе ем сакаат подобра услуга, ем подобрите услуги секогаш се борат за своите нови корисници.
  10. Затоа што вистинските државни буџети се креираат врз основа на идејата за оданочување на (идните) перспективни и способни, а не за задолжување на (поранешните и сегашните) неспособни и непродуктивни.
  11. Затоа што работата е – пазар; а на тој пазар овој самозаљубен Регион нема најдобра понуда, туку напротив.
  12. Затоа што ова е свет на дигитални номади, а не на аналогни грамади.
  13. Затоа што се владее со гласовите на мнозинството, а мнозинството не се млади и мнозинството млади – да не се лажеме сега – во суштина и не ги интересира.
  14. Затоа што сѐ уште владее мантрата за тоа дека ние во опкружувањето сме земји со евтина работна сила, како да е цената на работата на населението нешто налик на доминантната боја на нивната кожа, па тоа не може никогаш да се промени.
  15. Затоа што слободата е, меѓу другото, онолку колку што можеш да се обезбедиш себеси финансиски, а младите баш некако сакаат – такви се, што да се прави – да живеат таму каде што има слобода.
  16. Затоа што на изборите победуваат ветувања за подобар живот, а не планови за подобра иднина.
  17. Затоа што на новата генерација никој од претходната генерација не им се извинил за светот што им е оставен.
  18. Затоа што и со авион може да се дојде на викенд, и преку Скајп да видиш како се твоите, а и полесно е да бидеш патриот од далечина.
  19. Затоа што миграциите постоеле откако постојат и сиромаштијата, и желбата, и волјата, и надежта – значи, отсекогаш.
  20. Затоа што ниту старите не би останале, само кога би биле помлади.
  21. Затоа што за условите за живот повеќе размислуваат оние што имаат повеќе живот.
  22. Затоа што кога си млад, не е „како е, така е“, „што можеш тука“ и „само нека сме живи и здрави“.
  23. Затоа што не можеш да ги потпомагаш родителите со просечни пензии со просечна плата од ова поднебје.
  24. Затоа што туѓото е послатко најмногу кога домашното е блуткаво.
  25. Затоа што овие „затоа што“ можат да бидат и 250, ама еве нека бидат овие 25, бидејќи дојде време овој текст да се заврши.