Ги молам статистичарите да Нѐ пребројат. Колкумина сме молчеле сите овие го години и со тоа сме го охрабриле Него да гледа сојузници во Нас, а воедно ја деморализирало и Неа да повика помош. Е таа статистика ме интересира.

Пишува: Зоран Кесиќ

Лесно би било да се пронајде податок за бројот на убиени, силувани, претепани жени од почетокот на годинава до сега.

Би можеле да ги споредиме тие податоци со минатата, предминатата, и онаа некоја си година, па врз основа на тоа да извлечеме некои заклучоци.

Би можеле дури и да пресметаме на колку дена (часа?) се случува злодело врз жената, а од страна на нејзиниот сопруг, момче, љубовник…

Ништо од тоа не правиме сега, бидејќи колку и да се страшни бројките, колку и да е поразителна статистиката, броевите некако ни го замаглуваат Неговиот лик.

Бидејќи, да не се лажеме, речиси секогаш е Тој.

Маж, сопруг, татко, често добар сосед, работник на кој можеш да се потпреш, омилен во друштвото, семеен човек, традиционалист, додуша, кога ќе се напие некоја чашка повеќе има малку терсене карактер и „малку е лев“.

За јавноста човек со чест, приватно силеџија.

Во друштвото чесен, дома насилен.

За сите други добар, само за Неа џелат.

Тоа е нејзина привилегија, ексклузивно право да биде жена на крвник, а воедно и обврска таа чест олицетворена (хе, „олицетворена“) во вид на модрици, подливи, исеченици и рани, да ја задржи за себе и никако да не ја изнесува во јавност, бидејќи што ќе каже светот.

Посебно во мало место. За час ќе пукне срам.

И тоа нема да биде Негов срам, тоа дека ја тепа. Машко е, на крајот на краиштата.

Тоа ќе биде Нејзин срам. Затоа што не би ја тепал да е добра.

Како беше она „домаќинка во кујната, дама на улица, курва во кревет“…

Па знаете што, некаде сигурно потфрлила, инаку не би ја тепал туку така.

Светот често знае да биде суров, па затоа понекогаш за Неа е помалку болно да ги трпи само Неговите удари. И да се обиде да си го задржи достоинството, барем пред светот.

А крвникот и смета на тоа. Знае дека жртвата ќе молчи, бидејќи, што друго ѝ преостанува?

Вредна му е, иако ја гази.

Вредна му е затоа што каде на друго место, освен тука во интимата на семејното насилство, тој би можел да биде главен?

Тој, што е кукавица пред сите, освен пред Неа.

Тој, кој не се плаши само кога ќе се напие, па ќе претепа, а потоа кога ќе се отрезни, повторно се плаши Таа да не го пријави и да не го напушти, па се преправа дека е добар, ја опсипува со внимание, можеби ќе падне и некој ситен подарок, макар што најчесто подарокот е самото тоа што не ја тепа. Значи, вистинска љубов, барем до следните навреди, ќотек или додека не ја убие.

Јавноста има разбирање.

Во традцијата е машкото „малку да замавне“.

„Женско е, мора да слуша.“

„И што има таа да се дотерува.“ „А многу ја сакаше.“

Секој добар медиум умее да го наслушне и следи вкусот на публиката, па во согласност со тоа ги формира и насловите.

Крвникот не е крвник туку „разочаран маж“, гнасниот злочин е „трагична љубов“, а кукавичкото, проклето, безвредно силеџиско гомно не е тоа, туку „ги знаевме како добри и чесни луѓе.“

Нив!? Не него, скотот. Туку Нив!?

И откако трпела додека била жива, Таа честопати и постмортем е силувана во медиумите.

„Ау, ги знаевме како чесни луѓе, што им станало да ја убие, па потоа и себе?“

Ним!?

 

Лесно би било да пронајдеме податок колку релативизирачки наслови за злосторства се појавиле во текот на изминатата година.

Наслови кои од гнасен злочин прават возбудлив фељтон во продолженија, теленовела за целото семејство, реалити шоу за после ручек…

Наместо тој податок, да се фокусираме сега на Нас.

На Нас што молчиме на пцовките, ударите и лелеците од соседството, гледајќи си ја својата работа. На Нас што попрво ќе ја прогласиме Неа за неморална жена, одошто Него за силеџија.

На Нас, што не би удриле жена ни со цвет, но затоа на социјалните мрежи ќе ја распнеме и расчеречиме затоа што Таа изјавила тоа и тоа.

Доста веќе!

Не, не ги знаевме како добри и чесни луѓе. Секогаш нешто ни смрдело во врска со него и знаевме дека е само прашање на момент кога ќе дојде таа „чашка повеќе“, кога ќе му „падне мрак на очи“ и кога Таа ќе страда.

Знаевме и молчевме.

Затоа ги молам статистичарите да Нѐ пребројат. Колкумина сме молчеле сите овие го години и со тоа сме го охрабриле Него да гледа сојузници во Нас, а воедно ја деморализирало и Неа да повика помош.

Е таа статистика ме интересира.