Мојот пријател има видено и слушнато сешто, секојдевно е сведок на корупција, арамилак, уцена, мобинг, измама, проневера, манпулација…

И не е единствениот.

Зоран Кесиќ

Ме замоли да остане анонимен и да ѝ го претставам на јавноста како пријател, без никакви понатамошни детали околу нашето „пријателство“. Загрижен е за својата и за безбедноста на неговото семејство, и тоа, би рекол, со право.

Меѓутоа, здраворазумската претпазливост не го прави помалку херој. Самата одлука да ми достави материјали (токму така ги нарекуваше во неколкуте мејлови што ми ги напиша, обидувајќи се да ме убеди дека не е еден од илјадниците чудаци со „многу важна приказна која би можела да ни биде интересна“) го прави вистински јунак, лик за кого копнеат филмските сценарија.

Само што ова не е филм.

Во филмот, веројатно, веднаш би ме заинтересирала пораката што ми стигна од пријателот.

Во стварноста, му требаа неколку недели упорност за конечно да го удостојам со внимание.

А кога тоа најпосле се случи, веќе немаше враќање назад.

Мојот пријател е вработен во јавно претпријатие, претседател е на општина, работи во фабрика, новинар е во локалниот весник, обвинител е, судија и адвокат.

Исто така е, по ред: фудбалер во прва лига, професор по математика во средно училиште, секретарка , директорка на приватна фирма и сопственичка на ресторан.

Да, мојот пријател е и пријателка.

Владика е, навивач, пејачка е, актерка и возач на некој богаташ. Сето тоа е, и којзнае уште што сѐ.

Мојот пријател има видено и слушнато сешто, секојдевно е сведок на корупција, арамилак, уцена, мобинг, измама, проневера, манпулација… И не е единствениот.

Сите во неговата фирма, клуб, комора,канцеларија, парохија, општина, салон… исто така се запознаени со тоа што се прави и како се прави, тоа е заедничка тема, но само кога никој не слуша и се зборува за тоа со пригушен глас.

Се подразбира дека никој нема да писне.

А и да писне, кому ќе писне?

Медиумите во рацете на власта се затворени за мојот пријател, а оние малубројни критички медиуми и онака веќе се одамна прогласени за странски платеници и домашни предавници, чија единствена цел е предизвикување хаос и рушење на легитимно избраната власт.

И кога би писнал, неговиот писок би бил прогласен за уште една лага, а пријателот потоа како деклариран лажго би бил прогонет од работното место, посрамен, баш како и неговото семејство, и убиен во поим.

Па оди пиши.

И затоа мојот пријател сака да остане анонимен.

Меѓутоа, материјалите кои ми ги испрати копнеат за публицитет. Сакаат насловни страници, бараат специјални емисии, под итно сакаат да влезат во главната тема и во домовите на сите граѓани.

Она што ми го достави мојот пријател, сите тие видеа, звучни записи, фотографии и документи – се доволни оваа земја да се сврти наопаку за помалку од 24 часа, сите валкани алишта да се пробијат во светлината на денот и да биде едноставно невозможно да се изгаснат толку пожари.

Секако, сега кога јавно открив дека поседувам материјали и докази што ќе означат крај на оваа влада, јас ќе имам проблеми.

Секој час очекувам некој да ми затропа на врата, да ми го претресе станот, да ми го заплени лап топот, а мене да ме приведе на информативен разговор  во полиција (во подобар случај) или во некоја викендица во околината на Белград (во полош.)

За среќа, јас сум новинар на „Јужне вести“, колешка од „Н1“ и уредник на „КРИК“. Јас сум репортер од утринската програма на Радио Телевизија Србија кому му прекипело, јас сум водител на „Пинк“ кој веќе не може да биде послушен идиот, јас сум тв режисер и ќе го пуштам среде „реалити“ програмата на „Хепи“ материјалот што ми го достави пријателот.

Богами, малку потешко ќе ме замолчат кога ме има толку, кога сум на сите страни и кога ме има сѐ повеќе и повеќе.

Локални херои, свиркачи, луѓе на кои им се смачило да гледаат и да трпат неправда, но и стаорци кои бегаат од бродот, па спасот го гледаат во можноста „да прејдат во партизани во 44-та“ и со тоа да си купат прошка за гревовите или барем да добијат поблага казна, сите тие излегуваат со материјали.

„Не е возможно сѐ да било волку корумпирано, лажно и труло“, гледа публиката во неверување.

„Како сите овие години сме биле слепи при очи?“, се прашува народот.

„Има ли барем едно нешто што било искрено, вистинско и чисто“, констатира граѓанинот додека се обидува да ја согледа огромната количина материјал на мојот пријател.

На филм сѐ се случува и се решава во еден ден.

Бидејќи природата на материјалот е таква што, по објавувањето, ништо не може и нема да остане исто.

Само што ова не е филм.

Ќе потрае малку подолго, но знаете како е, вистинските пријателства се градат со години.

А јас сакам да имам пријатели.

Многу пријатели.