Веќе со години имам делумно приватна, делумно професионална потреба да нервирам гадови. И денеска, повеќе од кога и да е, чувствувам потреба јасно да им дадам на знаење колку презирам сѐ што е поврзано за тоа светско движење на ширење глупости.

Зоран Кесиќ

Знаејќи дека лажливите антиваксерски штетници едвај ќе дочекаат злонамерно да уживаат во мојата болест и веднаш да ја поврзат со фактот дека и јас, како и огромното здраворазумско малцинство, се вакцинирав, многу прецизно јавно го наведов точното име и презиме на мојата болест.

Воспаление на вестибуларниот нерв.

Незалечената настинка и општата затнатост ми се префрлија на средното уво и предизвикаа нарушување на центарот за рамнотежа. Како што би рекол Чола: „пијан сум, а не сум пиел“, така отприлика се манифестира болеста.

Според бројот на добронамерни луѓе кои ми се јавија, а кои го имале или го имаат истиот проблем, дури сега сфаќам дека тоа вестибуларно нешто се случува доста често, дека отсекогаш се случувало, ќе се случува и нема никаква врска ниту со вакцината, ниту со короната, а особено не со бездушните, сурови антиваксерски Орки, кои, како и обично, решија и овојпат да ја прескокнат, заобиколат, антивакцинираат вистината.

Фокусирани единствено на нивната бизарна опсесија со разоткривање на глобалниот корона заговор, раскринкување на лажните вакцини и повикување на Бога во секоја друга реченица, бидејќи, секако, сатанизам, овие мршојадци едвај дочекаа и ваквиот недоказ да стане нивен клучен доказ.

Секако, со малку едноставни алатки за обработка на сликата, таканаречени „кропирање“.

На пример, еден антивакс „глас на разумот“ објави автентичен наслов на социјалните мрежи дека сум се разболел, но го исекол долниот ред од текстот во кој пишува од што сум се разболел.

Заради убедливост, додал свое толкување „И овој се боцна“.

Можете да ги замислите радосните коментари на оваа последна потврда дека вакцините се зло и дека секој што ќе се боцне сигурно ќе умре или, во најмала рака, ќе го закачи ова моево вестибуларно.

„Колку малку е потребно за овој напатен народ конечно да биде среќен“, помислувам додека ги читам славеничките коментари на одушевените традиционалисти, патриоти и големи верници кои ја слават мојата болест приближно како головите на Митровиќ на овие три квалификациски натпревари.

Друг влијателен лажго на Фејсбук не се ни замараше толку многу.

Тој едноставно реши да биде мој личен лекар тој ден и постави дијагноза: „Кесиќ се разболе по вакцинирањето“.

Ако ја следиме таа логика, зошто да не одиме и на варијантите „Кесиќ се разболел откако пливал во студено море… Кесиќ се разболел по испраќањето во војска затоа што, реално, се каменосал… Кесиќ се разболел во градинка… Кесиќ се разболел по раѓањето“

Факт е дека сите овие настани му претходеле на моето разболување, па зошто само да не собереме 1 и 1 и да добиеме … почекајте, еве го, танананана – крунскиот доказ дека вакцините се бљак.

Му пишав јавно на еден од тие фрикови дека е лажго и го прашав зошто ја замајува јавноста.

Само што пристигна одговорот од лажгото, од кој запаметив само дека сум сатанист и дека некој ќе ме тужи за нешто штом ќе заврши ова, сопругата трајно ми го одзеде телефонот и ми се закани дека ќе ме исфрли на улица ваков болен ако продолжам да си го загрозувам здравјето расправајќи се со будали.

Во последен грч, успевам да ги блокирам известувањата од затапувачките страници на Фејсбук и да го запрам продолжувањето на војната со овие испрани мозоци.

Дополнително, во наредните денови ми јавуваа дека, по мојот насилен камикази упад во најгустото легло на антивакс лудаци, таму зоврела борба на сите нив против мојата маленкост и можам само да ја претпоставам количината на гадости, насладувања и зло што таму ја изблујале.

Најчудно од сѐ е што ми е драго поради тоа. Ми дојде како колаче за болен.

Веќе со години имам делумно приватна, делумно професионална потреба да нервирам гадови. И денеска, повеќе од кога и да е, чувствувам потреба јасно да им дадам на знаење колку презирам сѐ што е поврзано за тоа светско движење на ширење глупости.

Значи, сепак, ете убави вести за српските антиваксери. Не сте ми само вие одвратни.

Но, презирот постоеше и претходно.

Ова сега е сепак повисоко ниво. Со свесното фалсификување на вестите за нечија болест, со нескриеното радување затоа што некому не му е добро, овие залуденици ја преминаа границата во која можам просто да ги сожалувам, да им се чудам, или да ги избегнувам како што на улица избегнуваш нешто во што не е пријатно да згазнеш, бидејќи, замисли да внесеш парче антивакс дома. Ем смрди, ем ќе мораш да ја стругаш патиката.

Ова нивното веќе не е само глупост, тоа е сега веќе нескриено, соголено зло.

Неодолив порив да се покаже вистинито она во што, веројатно, единствено веруваат во своите бедни, промашени животи.

За инает на светската наука, за инает на разумот, за инает на медицината, за инает на историјата, за инает на сите здравствени работници кои ни ги спасуваат животите и ги губат свооите за да нѐ спасат нас…

Абе за инает на човечноста.

Бидејќи, што му останува нему, на антиваксерот, ако му го одземеш и тоа во што цврсто решил да верува?

Што е тој без таа „вистина“?

Повторно истото она што бил и пред неа – никој и ништо.

Тоа е така сурово и лишено од смисла.

А на бесмислените маси им е неопходна смисла.

Ја пронашле во видео на Јутјуб, во кое некој просед, мустаклест, галантен чичко, кој со изгледот потсетува на белосветски хохштаплер, ги разоткрива заверата за вселената, тајната на масоните и лагата за вакцините. Овие што гледаат „над наративот што ни го наметнуваат“ ќе ви ја испратат снимката и во електронско сандаче, за задолжително да ја погледнете, со напомена „а ова се крие во мејнстрим медиумите“.

Да, секако дека се крие. Токму како што ни порно-филмовите не се прикажуваат веднаш по „Дневникот“, малку е настрано. Или токму како што оној „Под Мач Бата“ е тамам за „Балкан инфо канал“ и за „Хепи“, но не и за сериозно посматрање, освен ако не станува збор за психијатриско посматрање.

И затоа едвај чекам да оздравам, а кога ќе оздравам, ќе се насочам во своето јавно делување кон борба против глупоста, лагите и злото посилно и поостро од кога и да е.

И ќе ве боли, верувајте, повеќе од кое било шишенце од кое толку се плашите.

Тоа ќе биде моја мисија.

И имам уште една, приватна – жена ми да ми го врати телефонот.