Реките во цевки не се злосторство само кон природата, туку претставуваат одраз на суров, вообразен, завојувачки, непријателски и презрив однос кон „таму некои“ што живеат „таму некаде“.

Воја Жанетиќ

Ако дозволи читателот, овој текст би го започнал со едно сведоштво за сопствената мрзливост. Нема да биде долго.

Пред неколку години сакав да напишам книга, „Извинете, деца“. Во таа книга, во име на неодамнешните и на сегашните генерации, би напишал едно подробно извинување за сѐ што неповратно им потрошивме на идните генерации или, уште полошо, за сѐ што неизбежно уништивме така што тие веќе нема да можат да го користат. А имаше ставки, не дека не.

Демократија, правда, социјален мир, економска рамноправност, образование, информирање, пари, па сега и да не набројуваме, ќе потрае – многу нешта ни се дадени на користење, а ќе ги оставиме расипани или неупотребливи за во иднина. Нешто од тоа можеби и може да се поправи подоцна. Но, температурата на планетата изгледа не можеме да ја вратиме. Висината на морето, исто така. На пластичните ќеси им се потребни 450 години за да се „разложат“, на еднократните пелени 550. Од овие последните, само во САД се фрлаат некаде околу 18 милијарди годишно. Значи, срање, без разлика во која смисла ќе го сфатите.

Сега да не должам повеќе, јасно е од каде е потребно извинување за идните генерации. Не напишав книга, ама еве, барем вака и волку.

 

* * * * * * *

Со природата може да се направи сешто. Можеме да ѝ се восхитуваме, можеме да ја сакаме, можеме и да ѝ се плашиме. Природата можеме и да ја зауздаме, да ја скротиме, да ја заробиме, да ја користиме, да ја експлоатираме, па дури и да ја уништиме. Но, овој нов бран на комбинирана алчност, корупција, нестручност, негрижа и немарност донесе еден нов, можеби најстрашен и сигурно најодвратен облик на односот кон природата. Нејзино понижување.

Реката пикната во цевка и заробена во неа, осуетена од каков било контакт со живи суштества и со остатокот од природата, оневозможена да се сретне со дождот, земјата и небото, е понижена до максимум. Во однос на реката наполнета со ѓубре, што исто така е своевиден облик на понижување, постои јасна разлика: обичното фрлено ѓубре е несвесно што ѝ прави на реката, а ѓубрето кое реката ја ставило во цевка многу добро знае што прави. Но, не му е грижа. Затоа што грижата е наменета за новиот џип, за облеката со која се докажува општествениот статус, јадење на места каде што можат да се најдат слични на нив и, што е своевидна иронија, патувања во егзотични предели со, ни помалку ни повеќе, туку недопрена природа.

Реките во цевки не се злосторство само кон природата, туку претставуваат одраз на суров, вообразен, завојувачки, непријателски и презрив однос кон „таму некои“ што живеат „таму некаде“. Други луѓе, што не се опфатени со поимите „екипа“, „ортаци“, што не спаѓаат под номенклатурата „брате / пријателе“, на кои не може да им се „тутне“ некоја пара за да замижат пред сопствениот живот; тие не постојат во светот на тој свет кој прави злосторство врз светот во кој се живее или во кој допрва ќе се живее.

Извинете деца, имавме наши сопствени окупатори. А за тоа не умееме да смислиме соодветен отпор.

 

* * * * * * *

Затоа што не се цени заедничкото, а ни туѓото. Затоа што не се почитува законот, а ни логиката. Затоа што се обезбедуваат своите, а се поткраднуваат потомците на другите. Затоа што државата е онаму каде што е шалтерот, но не и каде што е потокот. Затоа што сега е капитализам, и тоа овој домашниот. Затоа што на „нашите“ им е сѐ дозволено, додека не дојдат „нивните“. Затоа што моќта е онаму каде што е паричникот. Затоа што „тоа не е моја грижа“. Затоа што „па што“ и „што има врска“. Затоа што природа е тревата покрај отворено џакузи, а не шумата во таму некоја си вукојебина. Затоа што е такво реалити, таков таблоид, таков парламент, такви се институциите, таква е полицијата, такво е правосудството. Ете затоа.

И затоа што она што им се прави на реките, всушност ни се прави нам. Само што и ние сме одамна во цевка, па не можеме да го видиме и да го разбереме тоа.

Ете, тоа сакав да го кажам за мини хидроелектраните.

Извинете деца, за таквото Опкружување.