Вакцината, така одеднаш, стана темел на опстанокот на сѐ што имаме, па и на нашите поделби.

Ни крива, ни должна.

Воја Жанетиќ

Светот стана премал за оваа количина поделби.

Раси, нации, вери, идеологии, генерации, полови, сексуални определби, степени на образование, родни краеви, јазици, културни групи, стилови, клубови, кланови, жанрови… Една од веројатно најтешките задачи – посебно во оваа логореична дигитална ера – е обидот за помирување или, скраја да е, неутралност меѓу спротивставените во рамките на постоечките безбројни припадности.

Балканот, ова наше опкружување, историски навикнато и навлечено на тоа да гине под секакви барјаци, радо и со голема љубов кон омразата ја дочекувал секоја нова поделба. Па еве, тамам, спремни сме и за оваа новата, соодветна на новата епоха во која живееме.

Дами и господа, другарки и другари, браќа и сестри, овие и оние, по феудализмот, капитализмот, социјализмот и конзумеризмот, чест ни е да се запознаеме и со вакционализмот, нашата нова основа за делби.

 

* * * * * * *

 

Оној што досега не се запознал со реториката на антиваксерите, не знае за изразот „брњичари“. Овој назив (роднина на рамноземјашкиот „глобусари“) ги означува сите луѓе што носат маски со – да ги парафразираме наречените противници на вакцинацијата – „луда идеја да се заштитат себеси или другите од вирус што не постои и што е измислен само за да нѐ покори сите нас“. Со вакцината човечката раса притоа и се „чипува“ и така нѐ надгледуваат, иако ретки умерени антиваксери сметаат и дека вакцината е опасна само затоа што во себе содржи супстанции опасни по животот на оние кои, истиот тој свој живот, би го заштитиле со имунизацијата. It’s complicated, што би се рекло.

На оваа прилично голема армија пандемиски скептици ѝ се спротивставени, на пример, вакционалистичките паничари, најмногу застапени во уредувачките колегиуми на порталите и на таблоидите незадоволни од тиражот. Тие својот работно-хистеричен ден не го започнуваат без објава на нова трагедија која пандемијата ќе ја надвие над нас ако сите не се вакцинираме. Инфодемичарите, поблага верзија на ова „крило“ од поделбата, секоја минута од своето постоење се занимаваат со нови информации во врска со вакцината која, веројатно, би имала помала моќ кога ние не би биле соодветно информирани за неа. А не сме.

И накратко, ова е основната поделба во рамките на вакционализмот, општественото уредување кое се темели на тоа дека нашата цивилизација не е прилагодена на потребите кои ги има одбраната од пандемија. И дека инјекцијата на две рати е единствен начин оваа претерано напорна „болештија“ по здравството, економијата, културата и политиката да не се шири понатаму. Вакцината, така одеднаш, стана темел на опстанокот на сѐ што имаме, па и на нашите поделби. Ни крива, ни должна.

 

* * * * * * *

 

Во нашето локално опкружување веќе не е „ин“ да се биде некаков „застарен“ национален фундаменталист, бидејќи на секое споменување на реорганизација на границата, на реаранжирање на историскиот контекст, на реконструкција на големината на „животниот простор“ – единствениот одговор е зевање и досада. „Тоа нас не нѐ интересира, имаш ли ти нешто за Вакцината?“

И тука сега веќе не е важно чиј е Тесла или Иво Андриќ; ниту чие е Брчко, а чија Превлака – туку чиј е шприцот. Сега, значи, е модерно да се биде Вакционалист. Овој нов вид национализам има за задача да ја промовира националноста на Вакцината. Фајзер (американска), Спутњик (руска), Синештоидае (кинеска)… Таа една некоја „наша“ има огромни предности над боцкалките „на оние нивните“ вакцинатори.

Ментално развиорените шаховници, орли, лилјани и кој сега би набројал што сѐ не, ги заменија некои нови знамиња со вкрстени шприцови под логоата на фармацевтските компании. Што, од една страна, е подеднакво логично како и секоја досегашна поделба, а од друга страна, всушност, претставува најголемото достигнување што Вакцината ни го донесе овде. Од гранати, куршуми и бајонети конечно се сведовме на борба со игла; оружје кое е апсолутно адекватно на улогата, силата и важноста што сите заедно ја имаме.

Во космосот и во секое друго опкружување.