Според Светската здравствена организација, аерозагадувањето е причина за околу 13500 загубени животи само во Западен Балкан.

 Секоја година.

13500.

Александра Томаниќ

Воздухот не познава граници. Сите сме заедно во ова.

Секоја зима, главните градови во нашиот регион се истакнуваат и редовно се вбројуваат меѓу глобалните топ 10 најзагадени градови. Ситуацијата во помалите градови, кои не се вклучени во овие меѓународни рангирања, честопати е уште полоша. Сѐ на сѐ, целиот регион живее под токсичен облак што си го подаваме меѓу себе и со соседските земји членки на ЕУ, во зависност од тоа во кој правец дува ветерот.

Благодарение на одредени иницијативи што пред неколку години започнаа да ја подигаат свеста во врска со ова прашање, загадувањето на воздухот е релевантна тема во повеќето земји. Сепак, последиците од него по нашето здравје изгледа не се доволно чести, бидејќи се чини дека не се вбројува меѓу главните политички приоритети во регионот.

Според Светската здравствена организација, аерозагадувањето е причина за околу 13500 загубени животи само во Западен Балкан. Секоја година.

13500.

Само информирана личност може да се вклучи во заедничка борба за чист воздух во своето соседство, село и град. Очекуваните последици од климатските промени уште повеќе ќе ја влошат сегашната состојба. Во текот на следните неколку месеци, ќе се осврнеме на теми како: аерозагадувањето и како тоа влијае врз јавното здравје и зголемениот морталитет; последиците врз плодноста; загадувањето што го предизвикуваат индустријата и големите загадувачи; квалитетот на воздухот и неговата взаемна врска со пандемијата на КОВИД-19. Оттука, нашата кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ има цел да ги информира граѓаните од Западен Балкан околу причините и последиците од аерозагадувањето, како и околу можните решенија.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ е иницирана од Европскиот фонд за Балканот, во партнерство со „Право на град“ од Белград, со Институтот за животна средина и територијално управување од Тирана, со „Екофорум“ од Зеница, со Центарот за екологија и енергија од Тузла, со „Сбункер“ од Приштина, со „AirCare“ од Скопје и со ОЗОН од Подгорица. Веќе ни се придружија и многу други. Материјалите создадени за време на кампањата ќе им бидат јавно достапни за понатамошна употреба и ширење на сите заинтересирани организации, иницијативи и граѓани кои ги покануваме да земат активно учество.

Аерозагадувањето е значително застапено во неодамна потпишаната Софиска декларација. Како дел од Берлинскиот процес, највисоките владини претставници од земјите од Западен Балкан ја потпишаа „Зелената агенда за Западен Балкан“ на Софискиот самит во ноември минатата година. Меѓу петте столбови од агендата, кои вклучуваат постигнување на јаглеродна неутралност до 2050 година, четвртиот столб е посветен на борбата против аерозагадувањето. „Зелената агенда“ претставува предизвик, особено за земјите од нашиот регион, кои претерано зависат од јаглен, па дури и прават планови за изградба на нови електрични централи што би работеле на јаглен. Ќе биде скапо, но ЕУ ја изрази својата посветеност да ја поддржи агендата преку разни финансиски инструменти.

Сведоци сме дека постои регионална солидарност и сочувство. Неодамнешните поплави, земјотреси и сегашната пандемија го докажаа тоа во бројни наврати. Мораме да најдеме начини како најпосле да ја преточиме оваа изразена солидарност во нормални времиња, без катастрофи. Мораме да сфатиме дека, и покрај сите спротивставени наративи и граници, ги делиме истите проблеми, и дека можеби полесно ќе успееме да ги решиме доколку работиме заедно.

Ова е кампања од сите нас, за сите нас.

Следете нѐ на: https://www.facebook.com/BalkansUnitedforCleanAir/

И придружете ни се на: http://bit.ly/BalkansUnited