Некои земји надвор од границите на нивните вековни огништа и просторите на предците им станаа поважни. Своевидната енигма се разоткрива деновиве. За, наводно, да се реши кризата во БиХ, се нуди троен состанок на челниците на Хрватска, Србија и Турција.

 Џевдет Тузлиќ

Бањалучките гимназијалци од генерацијата 1970 година се распрскале по светот, имаат вибер-група, па секојдневно некој се јавува со коментар, честитка, фотографија… Вакцината е една од темите. Пламнува вистинска мала војна меѓу поборниците за вакцина и антиваксерите. Се прашува една колешка: „страв ми е каде сето ова ќе заврши?“ Како да се плаши од некаква војна од глобални размери? Затоа што една војна е главната причина што живее во Онтарио. Но, којзнае зошто е тоа добро?! Бидејќи на Балканот добро нема ни до ден-денеска.

И кога би дошло до глобален судир, предизвикан од вакцините, тоа би било граѓанска војна. Балканските народи едвај би дошле до израз. Затоа што овде, на ридестиот Балкан, претежно живеат селани. И голем број неписмени. И голем број националисти. Ним не им е до војна за или против вакцини. Ним им се многу поважни војните за „националните работи“.

Но, за националистите не вреди да трошиме зборови. Единствено ми е жал дека ги изманипулираа селаните, па на избори ги добиваат нивните гласови. Градовите повремено се будат, па избираат некои други.

И што уште ни прават националистите? Ги бркаат и без војна оние што опстанале. На власт се, не даваат да дојдат до работните места што ги заслужуваат, не ги плаќаат колку што вредат. И луѓето си заминуваат на сите четири страни од светот. Бараат резервна „татковина“. Јас ја најдов уште во 80-тите. Во тогашната Чехословачка. Значи, пред „балканските војни“ кои беа во самракот на 20-тиот век. Баш беше самрак. И никако да се раздени.

Тој избор во 90-тите години стана сопствено иронично отстапување наспроти наметнатите „резервни татковини“ кои станаа политичка алатка. И одеднаш, Босна на Босанците, а Херцеговина на Херцеговците, стана нешто попатно. Некои земји надвор од границите на нивните вековни огништа и просторите на предците им станаа поважни. Своевидната енигма се разоткрива деновиве. За, наводно, да се реши кризата во БиХ, се нуди троен состанок на челниците на Хрватска, Србија и Турција. За, наводно, да се решат односите меѓу Хрватите, Србите и Бошњаците. Другите не се споменуваат, како ни „босанците“ и „херцеговците“ (присвојна придавка настаната од припадноста на земјата која се вика Босна и Херцеговина). Така, Бошњаците испаднаа Турци. Значи, Турција е резервна татковина на Бошњаците???

Бев деновиве во југоисточниот дел од таа земја, на просторот на „среќната полумесечина“ како што ја нарекуваа Месопотамија, на археолошките ископнини Гобеклитепе, „нултата точка на времето“, и по ништо не можев да заклучам дека се наоѓам во „резервна татковина“.

А кога одам во Прага, тоа го чувствувам со целото мое битие. Таму се родени моите важни духовни предци, како Храбал, Кундера, Кочут, Менцел, Хивнар… па колегата по професија, Хавличек Боровски, чиј слоган „Народот себе“ го искористи Прашкиот народен театар (Народни дивадло) во 1983 година кога славеше 100 години постоење. И баш ме израдува сличниот слоган на сараевското Народно позориште, кое тој јубилеј го слави годинава: „Театарот на народот“.

Всушност, за тоа и сакав да пишувам. И за успесите. За пливачката Лана Пудар, 15-годишна девојка која секоја победа ја слави како успех на земјата во која живее, за успесите на босанскохерцеговската женска кошарка…

Сакав да пишувам и за фудбалската репрезентација на БиХ, која имаше можност за пласман на Светското првенство. Какво славење ќе беше тоа!!!

Регионот ќе славеше!?!?!?

 

Џевдет Тузлиќ, босанскохерцеговски новинар со повеќедецениско искуство на радио, телевизија и во печатените медиуми