Зависи од човекот и од неговите умствени реакции, колку ќе дозволи вештачката интелигенција да не произведе одредени операции кои би значеле пречекорување на етичките и на правните норми.

Џевдет Тузлиќ

Кога пред помалку од еден месец беше објавена веста дека градот Дервента, во северниот дел од Босна, го добил првиот пример на применета вештачка интелигенција, и дека во еден ресторан можат да се сретнат двајца келнери-роботи кои ги услужуваат гостите и комуницираат со нив, многумина ја примија со неверување.

Затоа што мислеле дека тоа е соодветно за некоја болница или за научна лабораторија.

Но, кафеана!?

А како на улица, така и во кафеана, темата за вештачката интелигенција веќе наголемо е присутна меѓу обичните луѓе. Додуша, за сега, само на ниво на полемични расправи за спорт.

Примерот од Дервента сведочи дека таа тема се всели во животот, стана нов „баук кој кружи низ Европа“, стана реалност.

Двајцата необични вработени, двајцата келнери-роботи кои ги услужуваат гостите, се набавени од Кина.

Луѓето, со чашка разговор, можат да ги сретнат, имаат привилегија да ги допрат келнерите-роботи, да остварат некаков вид комуникација. А роботите остваруваат интеракција со гостите, им се заблагодаруваат или кажуваат дали им се допаѓа тоа што ги допреле за уво, учтиви се и кога на гостите им ја сервираат храната на маса, или кога гостите си заминуваат.

А функционираат така што храната им се сервира на предвидена платформа и се внесува бројот на масата. Наместо келнерите ги носат и празните чинии до кујната. Продуктивноста и брзината на услугата во ресторанот се зголемени. На гостите им се забавни. Од друга страна, босанскохерцеговските научници на мултидисциплинарна основа водат расправи за улогата на вештачката интелигенција во различните облици на живот. Па организираа и научна конференција за вештачката интелигенција, чиј Зборник на трудови е промовиран во Мостар и во Сараево. Сѐ координира Технолошкиот парк Интера. Од Мостар. Се вклучи и Федералното министерство за образование и наука, бидејќи важноста на вештачката интелигенција е препознаена како важна компонента на сегашноста и на иднината.

Примената е веќе воочена во областа на правото, медицината, па и во новинарството, а до крајот на 2023 година се очекува нова конференција за примената на вештачката интелигенција. Зборникот кој се појави прв пат во печатена форма, ја носи и Декларацијата на ОН за етиката на вештачката интелигенција.

Тоа упатува на фактот дека се присутни големи стравови од можна злоупотреба на вештачката интелигенција.

Сараевскиот професор Зикрија Авдагиќ се залага за разговор во врска со сите аспекти на употребата на вештачката интелигенција. И кога на луѓето може да им помогне во извршувањето на посебни задачи, но не треба да се занемари ниту можноста да стане премногу автономна, кога би можела да стане фактор за дехуманизација на човекот.

Иако општиот заклучок, по читањето на обемното четиво на Зборникот на трудови, гласи дека вештачката интелигенција веќе зачекорила во секојдневието, дека станала дел од стварноста, но дека зависи од човекот и од неговите умствени реакции, колку ќе дозволи вештачката интелигенција да не произведе одредени операции кои би значеле пречекорување на етичките и на правните норми.
Затоа е неопходно човекот да биде одговорен во користењето на напредокот на вештачката интелигенција, со што би се добило најдоброто, а би се елиминирале негативните ефекти. Затоа што ништо не може да го замени човекот во аспектите кои ги бараат неговите единствени умствени способности.

Раководејќи се од принципот на балканскиот менталитет да се снаоѓа и во најтешките ситуации, за што историјата и секојдневието биле сведоци безброј пати, како и секојдневието сѐ до денеска, оптимистите тврдат дека на крајот ќе се најде и во вештачката интелигенција, во тој нежив систем кој има способност за снаоѓање во нови ситуации.

 

Џевдет Тузлиќ, босанскохерцеговски новинар со повеќедецениско искуство на радио, на телевизија и во печатени медиуми