Според некои истражувања, пандемијата имала негативно влијание врз патриотите од овој регион. Го намалила нивниот адреналин; тоа ги натерало да не ги искажуваат своите страствени патриотски чувства.

Јетон Незирај

Според IQAir, деновиве Приштина, Скопје, Белград, Сараево, Софија и Загреб изгледа се градови со највисоко загадување на воздухот во светот. Секако, да беше воздухот навистина загаден (повторуваме, „да беше навистина“), ова ќе нѐ загрижеше сите нас и ќе бевме вознемирени поради последиците врз здравјето со кои можеби ќе бевме соочени. Но, нема многу простор за грижа. Ова нешто што личи на загаден воздух, всушност е вештачки чад, поточно индустриски, создаден во лабораториите на американскиот КФОР во Бондстил, по наредба на ЦИА. Оттука, како што сте забележале деновиве, воздухот имаше чуден мирис на лимон измешан со ориентални зачини. Исто така, можеби сте забеежале дека, ако сте изложени на него повеќе од 10 минути, заспивате, се полните со надеж, добивате оптимистички визии за иднината… Епа, ете, овие знаци ни кажуваат дека ова не е загаден воздух, туку едноставно, американски експеримент во нашите земји. Можеби ќе прашате, каков експеримент?! Ова, секако, е многу тешко прашање, на кое не го знаеме точниот одговор. Сепак, постојат две тврдења кои се чинат доста убедливи. Да речеме, според информациите што ги поседуваме, чадот на ЦИА бил наменет само за териториите на Косово и на Србија, но американскиот службеник што имал задача да го стисне копчето „стоп“ заспал, па испуштил повеќе чад одошто било планирано и со тоа бил покриен целиот регион.

 

Според едно тврдење, можеби и најубедливото, чадот бил испуштен намерно бидејќи американски експерти делегирани од Трамп спроведуваат физибилити студија за езерото Ујман, сега преименувано во „Езеро Трамп“ (најверојатно ќе има уште едно ново име за езерото, конечно име, „езеро на чадот“), а спроведуваат и важни подготовки за историскиот договор меѓу Албанците и Србите… И затоа бил неопходен ваков чад, само за да се избегнат можните тензии и револт кај граѓаните од двете места.

 

Второто тврдење, кое се натпреварува со првото во однос на веродостојноста и уверливоста, смета дека „чадот“ е експеримент на ЦИА, чија цел е да се зголеми нивото на патриотизам меѓу народите во регионот. Според некои истражувања, пандемијата имала негативно влијание врз патриотите од овој регион. Го намалила нивниот адреналин; тоа ги натерало да не ги искажуваат своите страствени патриотски чувства итн. И, се разбира, на ова се гледа како на многу загрижувачка состојба, бидејќи мирен Балкан би значел помалку работа и ангажман за Европската унија, така што ваква состојба би предизвикала депресија кај бројни европски службеници и граѓани.

Како и да е, овие две тврдења остануваат тврдења, и да бидам искрен, првото се чини поверодостојно од второто. Во секој случај, „загадениот“ воздух е присутен и изгледа дека ќе остане тука подолго време, сè додека ЦИА има потреба од нас да ги спроведуваме нејзините експерименти. Од друга страна, овој воздух има и позитивна страна. Сите оние кои имаат проблеми со спиењето, овие денови конечно можат добро да се наспијат ако се изложат на оваа магла … Малку сон воопшто нема да ни дојде лошо, можеби неколку дена или недели, колку што им треба време на Американците да се решат овие албанско-српски прашања за мир и слични работи.

 

Јетон Незирај, драматург, менаџер на Мултимедијалниот центар во Приштина, здружение кое се занимава со литература и театар. За неговата работа, Незирај е наградуван со многу локални и меѓународни награди и благодарници.