Како би преживеале таблоидите да се продаваат по цена од 20 динари по примерок, а да немаат обилна финансиска инфузија директно од државната ризница? Како би работеле провладините телевизии да почнат навистина да го плаќаат сиот оној данок кој им се простува? Лесно е да се биде главен играч кога татко ти е судија.

 

Јелена Васиќ

Најскапата фраза, митско суштество и недостижна цел, тоа се првите асоцијации за одржливост на медиумите во Србија.

Зошто е така? Има повеќе причини, не се сите оправдани; одиме по ред.

(Само)одржливоста е тема со која се занимаваат независните медиуми. Значи, овде зборуваме за медиуми чие работење во Србија уште сега е загрозено, бидејќи не се пиони на власта. Тоа се оние портали и весници на кои владејачките структури „им подметнуваат нога“ на секој чекор, па странските институции им се (речиси) единствен извор на приходи. Тие меѓународни организации се свесни дека е важно со донации да ги поддржат новинарите кои пишуваат објективно и непристрасно, бидејќи така во диктаторските земји чуваат барем еден од столбовите на демократијата – правото на вистинито информирање на граѓаните.

Е сега, токму меѓународните донатори го покренуваат прашањето за „одржливост“ и ги потсетуваат загрозените медиуми дека мораат да бидат подготвени целосно самостојно да се борат на пазарот.

Тука доаѓаме до првиот (во низата) парадокс, бидејќи Србија нема слободен медиумски пазар. Да го има – на независните воопшто не би им требала меѓународна поддршка за да преживеат.

Слободниот пазар значи дека имате рамноправни услови да дојдете до вниманието на публиката. Дали тоа се случува во нашата земја? Не.

Постои јасна поделба меѓу медиумите која ја направи режимот, а тоа е поделбата на подобни и на неподобни. Подобните или послушни медиуми се таблоидите и телевизиите кои не известуваат, туку креираат лажна слика за стварноста во Србија и за тоа се дебело наградени со пари од буџетот на граѓаните. Тие се платени да молчат или да лаат, во зависност од ситуацијата и од потребата. Тие се „моќни играчи на пазарот“, исклучиво кај нив се огласува најголемиот клиент – државата.

Од друга страна, неподобните медиуми се секојдневно казнети поради својата непослушност. Ако пишуваат објективно и притоа, далеку било, како КРИК откриваат и случаи на државна корупција, единствено што им следува се инспекции, прислушкување, следење, валкање на нивното име по таблоидите, неосновани тужби, можеби и повремено обивање на станот, заедно со редовната кофа болни лаги и различни притисоци. Така, со врзани раце и нозе, не може да се игра медиумски натпревар.

Но, како што често повторува познатиот домашен говорник – предавањето не е опција.

Колку и да е тешко, сето ова навистина не е причина темата за одржливост на медиумите во Србија да се прогласи за нерешлива.

За да се согласиме околу што и да е, мораме прво да видиме дали имаме исти дефиниции за таа проблематика. Општо прифатената дефиниција за одржливост на медиумите е онаа според која медиумите мораат да бидат сосема самостојни, поточно, да можат да опстанат без никаква помош од донатори. Ако сето ова буквално го толкуваме – тоа значи дека не постои ниту еден одржлив медиум во Србија, а особено ги нема меѓу режимските гласила! Размислете, како би преживеале таблоидите да се продаваат по цена од 20 динари по примерок, а да немаат обилна финансиска инфузија директно од државната ризница? Како би работеле провладините телевизии да почнат навистина да го плаќаат сиот оној данок кој им се простува? Лесно е да се биде главен играч кога татко ти е судија.

Јасно е дека ни треба нова дефиниција, а една од подобрите даде Драгана Обрадовиќ, директорка на Бирн Србија, кога неодамна рече дека одржливоста треба да се мери по тоа дали некој медиум зависи само од некој поединечен голем донатор, што значи, ако тој донатор ја прекине соработката – медиумот се гасне.

Познато е дека ова ниту еден професионален медиум не си го дозволува. Можете да ги анализирате сите независни медиуми во Србија (лесно е, малку се и нивните финансии се јавни и транспарентни) и да видите дека оние најквалитетните, всушност, секогаш соработуваат со повеќе донатори. Со тоа ја осигурале својата независност, покрај фактот дека малите поединечни грантови (т.е. донации) не се ни одблизу доволни да ги покријат сите трошоци на една редакција и дека секогаш е потребно да имате неколку грантови.

Освен тоа, важно е да се каже дека истражувачките редакции во Србија во последните години покажаа дека можат да соберат значајна поддршка и директно од своите читатели. Порталот КРИК е вистински пионер во оваа област; донациите од читателите не само што многу значат финансиски, туку се и доказ за квалитетот на работата и причина да се истрае. Сѐ повеќе читатели се подготвени да издвојат пари за важни откритија, па дури и да излезат на улица и да застанат во заштита на загрозените новинари.

Затоа независните медиуми се буквално поодржливи од режимските! Како? Проста математика – државата е главен и најголем „донатор“ на провладините медиуми и ако таа реши да сврти грб на некого од своите, тој медиум е веднаш покоен. Од друга страна, независните медиуми имаат повеќе мали донатори и така не зависат од ниеден, а истовремено силно работат и покрај тоа што државата одамна им „свртела грб“ и постојано вложува напори да ги згасне.

Секако, можеби сѐ изгледа лесно на хартија, но потребно е непрекинато да создавате квалитетна содржина и со години да ја стекнувате довербата на публиката за да се дојде до статус на независен медиум. Оттогаш, па засекогаш – тој статус се освојува и се чува секој ден, заедно со ознаката за одржливост. И тоа според новата дефиниција.

 

Јелена Васиќ, новинарка на КРИК