Отворањето на музејот поттикна и низа други паралелни процеси, старт-ап туристички тури „Валтер го брани Сараево“, како и интерес на кинеската и на светската филмска индустрија за римејк на филмовите на Шиба Крвавац.

Јасмин Дураковиќ

Отворањето на музејот „Валтер го брани Сараево“ беше вест за која во текот на 2019 година регионалните медиуми известуваа со нескриени симпатии и како за ретко успешна пракса за зачувување на филмското наследство, но и како пример како се создава нова туристичка атракција во главниот град на БиХ.

„Валтер го брани Сараево“ е многу повеќе од филм; ова ремек дело од воен акционен филм на Хајрудин Шиба Крвавац со текот на времето стана чист бренд на популарната култура на просторите на поранешна Југославија, и еден од симболите на денешно Сараево.

Славата на овој филм одамна ја мина границата на поранешна Југославија, па така стана еден од најпопуларните филмови на сите времиња во далечната Кина. Токму Кинезите беа најбројните гости во овој музеј, иако не заостануваа ни оние од Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, како и значаен број на гости од западноевропските земји кои ги интересира колективното сеќавање на времето од Втората светска војна и европскиот антифашизам.

Самиот музеј е создаден според форматот на слични примери од светот и претставува атрактивна комбинација од музеј на восочни фигури, сценографски реконструкции од филмот, со атмосферски аудио-визуелен амбиент кој нѐ враќа во атмосферата на филмот и во Сараево од времето на Втората светска војна.

Отворањето на музејот поттикна и низа други паралелни процеси, старт-ап туристички тури „Валтер го брани Сараево“, како и интерес на кинеската и на светската филмска индустрија за римејк на филмовите на Шиба Крвавац.

За жал, корона вирусот привремено го запре понатамошното ширење на овој музеј и неговото целосно етаблирање на мапата на туристички понуди во Сараево.

Како двигател на идејата за отворање и на самата поставка во музејот, во рамките на делувањето на Филмскиот центар Сараево, ме радува повторниот интерес за овој музеј. Новоизбраната управа на градот Сараево сака да се вклучи во развојот на оваа несекојдневна културолошко-туристичка приказна, па се разгледуваат и опции за нова, доста атрактивна локација во старото градско јадро, туристички најатрактивниот дел од Сараево.

Непосредно пред пандемијата, Сараево доживуваше свој туристички процут, па ваквите проекти беа повеќе од добредојдени во функција на подобрување на понудата за стотини илјади туристи кои ги привлекува магнетизмот на историското наследство на градот на Миљацка. Истовремено, овој музеј покажа дека културата и уметноста, освен значењето во ова поле, можат да бидат и трговска марка која има своја пазарна, овојпат – туристичка, вредност.

Уште многу нешта треба да се направат за Сараево во секој поглед да може да го оправда епитетот на балканска туристичка атракција. Без современа инфраструктура и зрелост на туристичката индустрија, резултатите ќе бидат половични.

Денешниот свет бара приказни што се музејски атрактивно раскажани, како и инфраструктура и осмисмена туристичка понуда во туристичките дестинации како Сараево.

Генијалецот на „партизанскиот вестерн“, авторот на филмот „Валтер го брани Сараево“, не можеше ни да замисли дека толку години подоцна ќе биде и понатаму популарен кај публиката и дека ќе се поставуваат и отвораат музеи според неговите филмови.

Духот на градот го нема без неговите луѓе. Го нема тој дух ни без креативците каков што беше режисерот Крвавац, но и без свеста за сопствената значајност и потенцијал.

Затоа над Сараево, како историски град кому бурната историја му носела тешки моменти, но и оставала зад себе обележја, историја и големи приказни, засекогаш ќе стои духот на луѓе како Хајрудин Шиба Крвавац, но и на сите оние кои учествувале во создавањето на филмот што ги инспирира денешните филмаџии, но и цели генерации. Тој дух над Сараево кратко вели: – Das ist Valter.

 

Јасмин Дураковиќ, босанскохерцеговски новинар, продуцент, драмски писател, театарски и филмски режисер. Негови најпознати долгометражни филмови се „Нафака“ и „Севдах за Карим“