Pодовото насилство е голем и сериозен проблем што му штети на општеството. Според ИНСТАТ (Институт за статистика) во 2019 година, 52.9% или 1 од 2 жени на возраст меѓу 18 и 74 години, искусиле една или повеќе форми на насилство во текот на животот, од вкупно пет форми.

Пишува: Елса Балаури

„Жената не се раѓа како жена, таа станува тоа“, се чини дека овој цитат од писателката и феминистичка активистка Симон де Бовоар е сѐ уште нејасен; самата Симон де Бовоар се обидувала да ја анализира душата на жената соочувајќи ја со самата себе, повеќе одошто да ја соочува со другиот пол – мажот.

Токму ова соочување, ако се направи успешно, може да им помогне на жените да го достигнат она што се обидуваат да го достигнат со векови: рамноправност со мажите во општеството и еднакви можности да ги покажат своите вештини и вредности.

Соочувањето на односот жена-маж е основен аспект за еднакви права, но не е единствениот.  Она што на жените им е многу попотребно, особено на албанските жени што живееле во неслободно општество, е да се соочат со себе, да се запознаат себе.

Колку се способни жените за ова?

Жената  во Албанија долго време беше збунета во врска со концептите за правата, бидејќи албанското општество многу доцна се запозна со овие концепти. Албанија стана држава во 1912 година и наследи многу патријархална култура и традиции, каде што жената беше сметана за предмет или за неопходно домашно животно. Канонските закони носеа одлуки за нејзиниот живот, и за жал, дури и во денешно време кога постојат многу современи закони кои имаат за цел да им помогнат на жените да ги добијат своите права, психологијата на општеството генерира канонска меморија.

По Втората светска војна, кога човечките права станаа најважниот дел од новиот напредок, а Универзалната декларација за човекови права даде можност да се изготвуваат закони што се темелат на почитување на човековите права, Албанија беше стуткана во комунистичката идеологија, правејќи само површни законски регулативи и не дозволувајќи да процветаат дебати за феминизмот, вистинската позиција на жените и психологијата на насилството.

По падот на диктатуратаа, законските измени создадоа поинаква социјална перцепција и веќе 30 години родовото насилство претставува општествена, државна и медиумска грижа. Беа променети кодексите за кривични постапки, Албанија ги ратификуваше сите конвенции за човекови права и е меѓу првите земји што ја ратификуваа Истанбулската конвенција.

Сепак, од друга страна, родовото насилство е голем и сериозен проблем што му штети на општеството. Според ИНСТАТ (Институт за статистика) во 2019 година, 52.9% или 1 од 2 жени на возраст меѓу 18 и 74 години, искусиле една или повеќе форми на насилство во текот на животот, од вкупно пет форми.

Подготвувањето на добро законодавство не е доволно ако државните служби и структури не дејствуваат во правец на намалување на насилството. Во Албанија, владата честопати се задоволува со тоа само да го заврши и одобри законот, а од друга страна, законската обврска за поставување на служби станува бавна, нецелосна и нефункционална.

Жената треба да го победи стравот. Треба да се запознае себеси подобро. Треба вешто да најде начини да се бори против насилството. Треба повеќе да размислува за цитатот од Де Бовоар „ Жената не се раѓа како жена, таа станува тоа“ и треба да учи повеќе од храброста на Роза Паркс.

Човековите права се во неа. Патот до нив е тежок, но сигурен.

 

Елса Балаури, активистка за човекови и за женски права, новинарка, поетеса, колекционерка. Ја менаџира Албанската група за човекови права (1996). Основачка на Женскиот музеј (2018)