За воопшто да дојдеме до каква било веродостојна дебата на тема паметна специјализација, всушност треба да дојдеме до позиција да си одговориме дали ни треба памет.

Срѓан Периќ

Претпоставката дека заедницата која се гради врз знаење би била одржлива и, долгорочно гледано, просперитетна, во моментов ја губи трката со зголеменото незнаење, неразбирање и нетолеранција. Да додадеме, образованието бара труд и одрекување, а тешко е да се истрае во тоа во време подредено на површно задоволство.

Европа веќе долго време се справува со дилемата дали формалното образование треба да биде подредено на пазарот на труд, или неговата клучна цел е да ни помогне да се запознаеме себе и светот околу нас. Иако во академските кругови станува сè помоќен гласот дека целта е ова второто, не се без влијание ниту оние кои сметаат дека од економијата треба да доаѓаат определувачки импулси барем околу училишната и универзитетската уписна политика. Дали паметната специјализација може да ја помири оваа остра дилема? Се чини дека тоа е преголемо барање за неа, но во реалниот живот, таа би можела да им помогне на луѓето да ги препознаат предностите со кои располагаат, да ги насочат своите склоности во тој правец и да ги развиваат. Гледано исклучиво низ призмата на економијата и на функционалноста на системот – ова има смисла и може да биде корисно.

Принципиелно гледано, pro et contra дебата на оваа тема може да биде интересна и да изроди иновација. Меѓутоа, кога тоа ќе го примениме на реалноста во која живееме, таа е сосема безпредметна. Секоја, ама буквално секоја власт ќе прифати или веќе ја прифатила секоја или речиси секоја образовна или на неа заснована стратегија, ако таа потекнува од макар малку релевантен институционален извор од ЕУ. И тука не се работи за ширина, ниту за разбирање на поширокиот концепт и подготвеност тој вистински да се примени – ним едноставно не им е грижа за образованието. Чекор понатаму, се развива антиинтелектуализмот, во кој, ако сте наклонети кон контемплација, преиспитување, ако сте дискретни или интровертни, се соочувате со сериозен ризик, во случај да сте релевантни во која било смисла, да бидете прогласени за човек на службите. Кои? Не е важно, овде логиката не е важна. Да зборувате за паметна специјализација во Црна Гора е како да водите дебата за квантна физика пред тезга на која се продаваат, да речеме, чорапи. Звучи паметно, но всушност никому не му паѓа на памет суштински да се занимава со тоа – затоа што сегашното победничко начело гласи: животот е трка по споменатите површни задоволства, а нив ги распоредува и дели политичката класа.

Звучи неверојатно, но високите функционери сметаат дека е во ред да не се вработи тој што најмногу знае, туку оној кој е менаџер, кој за чудо е некој од партијата на тој што промовира ваква мудрост. Не е важно што знаеш и што умееш, има само една причина која се сведува на одговорот на прашањето: „Дали си наш?“ Тука приказната за паметна специјализација нема смисла, иако во пракса би можела барем да помогне да се размислува, на пример, како да се излезе од регионалниот дисбаланс во развојот и како да се запре драматичното иселување од помалите средини.

Триумфот на партократијата е проследен со терор на незнаење. Тука нема простор за иновативни идеи. Затоа, за воопшто да дојдеме до каква било веродостојна дебата на тема паметна специјализација, всушност треба да дојдеме до позиција да си одговориме дали ни треба памет и дали сакаме да се специјализираме и за што да се специјализираме. До тој момент, сакале или не, постои политичка борба, најсуштинската можна – тоа е борбата за слободен човек.

 

Срѓан Периќ е граѓански активист, еден од основачите на движењето „Преокрет“