Не бевме подготвени за голем чекор – направен е најмалиот возможен.

Срѓан Периќ

Долготрајната власт роди состојба на духот во која тешко разликуваме што ни користи, а што ни штети. Она што би требало да ја зајакнува демократијата е ослабено или искривено, до непрепознатливост. Интелектуалците, активистите, медиумите… сето она што беше критички ориентирано се најде пред сериозен предизвик. По промената на власта, изборот беше следниот: или ќе се случи темелно демонтирање на политичкото размислување, а потоа и на праксата, или ќе јурнеме во грабеж за плен. Метафорички кажано: или таа состојба ќе ја доживееме како можен крстопат каде што ќе тргнеме по поинаков пат, или ќе гледаме кревање и спуштање на историски момент со недораснати актери.

Наместо крстопат, добивме клацкалка. Не бевме подготвени за голем чекор – направен е најмалиот возможен.

Наместо темелна општосоцијална реформа и промена на клучните системски кадри, заплиснати сме со поплава од демагогии, која во блиска иднина можеме да ја платиме со крајно нестабилни јавни финансии. Попатна жртва е претприемачкиот дух, „продадена е приказната“ дека тоа што се задолжуваме и трошиме повеќе значи дека ќе имаме повеќе, а дека идеална работа е – онаа државната.

Воспоставен е образец во кој имаме луѓе кои се професионални добитници на транзицијата – на секоја. Тие можат да го слават новото раководство, затоа што тоа успеало да маргинализира значаен дел од оние кој на овој или на оној начин донеле промена, а неретко од послугата на стариот режим да создаде реформатори – понекогаш и експерти.

Проблемот околу разбирањето на улогата на медиумите сега доби друга димензија. Нè зафати и глобалниот тренд во кој медиумите сè повеќе се сведуваат на производители и на дистрибутери на информации со економска цел стекнување профит преку трговија со влијание. Исклучоците се скапоцени, но недоволни за потребите на вистинската демократизација. Замената на власта не предизвика прекин на праксата на „црни листи“ во медиумите – некаде очекувани, а некаде изненадувачки. Се наоѓаме среде момент во кој се дели пленот, а за таа работа е потребна црно-бела оптика. Згора на сè, положбата на уредникот и на новинарот е девалвирана до граница на обесмислување на професијата – бидејќи ниту новата власт покажува сензибилитет за ставовите на оние кои, всушност, ѝ помогнаа да стане власт, ниту сопствениците на медиумите, по правило, ги разбираат егзистенцијалните проблеми на своите новинари.

Како резултат на тоа, имаме состојба во која нема ниту најава за идеја за широк општествен дијалог. Причината е едноставна: отсуство на капацитет да се слуша долго и поинаку.

Демократијата по својата природа е кревка, но нејзините основни принципи би требало да ѝ даваат живот. Еден од нив е оној дека таа претставува владеење на мнозинството – кое не е доведено во прашање. Ние успеавме и тој принцип да го искривиме, па така, преку различни форми на изговори, со државата управуваат структури со многу низок вкупен степен на доверба во јавноста. Повторно, надежта дека конечно неселективно ќе го применуваме и толкуваме Уставот и законот се покажа нереална. И не треба никој тука лично да се стигматизира – ние немаме поинакво искуство, а новото раководство ниту знаело, а ќе се покаже – ниту сакало поинаку.

Овие недели добивме нов политички импулс – избор на нов претседател на државата, откако на изборите претрпе пораз сè уште актуелниот, кој воедно отстапи од челната партиска позиција. Се отвора можност конечно доминантно да почнеме да гласаме за нешто, а не против некого.

Ни претстои бавен процес на повторна едукација за тоа дека го имаме секое можно право да се бориме за слобода на мислата и на говорот. Ако во 2023 година за ова мораме да пишуваме, тогаш дури и можеме да бидеме задоволни со местото на скалата кое ни го додели „Фридом Хаус“ во врска со состојбата на демократијата, политичките слободи и човековите права.

 

Срѓан Периќ е граѓански активист, еден од основачите на движењето „Пресврт“