Да почнеме со малку комичен доказ: не постои медиум во Албанија што не тврди дека е не само независен, туку и тврд борец за принципите на слободата.

Сокол Шамети

Во промотивните спотови што си ги прават телевизиите за себе се вткаени химни за неоспорните вредности на независноста на која се темелат, додека внимателно уредените кадри прикажуваат редакција во напнати, но исклучително професионални моменти на состаноци, спикер кој фрла последен загрижен поглед кон своите белешки додека оди по ходник, новинари кои известуваат од урнатините на земјотреси или од насилни протести, сето тоа придружено со помпезна музика во позадина што ве тера да го замислите целиот занает на новинарството како да е славната сцена од митската конфронтација помеѓу Мирмидоните и Аполонците во филмот „Троја“.

Дузина слогани за само-пофалба на главните портали на албански јазик ја имаат токму независноста како нивна главна тема.

Но, мораме да бидеме јасни. Во повеќето случаи, едноставно станува збор за маркетинг во деловна смисла. Бидејќи медиумите во Албанија се во огромно мнозинство во рацете на бизнисмени на кои медиумот не им е директен извор на профит, упорните тврдења за независност и професионалност изгледаат повеќе како принудни реклами.

Ајде да опишеме фантастична ситуација. Ајде да патуваме со фантазијата и да се обидеме да замислиме каков треба да биде еден независен медиум во Албанија и колку е тоа возможно.

Независниот медиум треба да биде формиран и одржуван од професионални новинари. Овие новинари не треба да бидат само новиари по професија, туку да имаат и формално образование како новинари, бидејќи тоа би ги опремило со основните техники на пишување и известување, како и алатки за правилно решавање на силните етички предизвици од нашата ера; истовремено, тие би ја работеле оваа работа со вистинска љубов, за да ја заштитат од девалвација професијата што ја избрале како постојана работа, а не како привремена обврска.

Меѓутоа, во услови кога во Албанија нема формално образование за новинарство повеќе од една деценија – бидејќи јавниот универзитет ја преобрази оваа гранка, според барањата на пазарот, во фабрика на експерти за комуникација што ги населуваат прес-службите на разни компании или агенции, оваа можност останува малку веројатна.

Второ, ако под независност подразбираме здрава дистанца на медиумот од факторите што директно или индиректно влијаат на неговата информативна мисија, тогаш станува јасно за што зборуваме: волјата на професионалните новинари сама по себе не е доволна. Потребно е и дистанцирање на сопственоста на медиумите од владините извори на финансирање. Во сегашниот медиумски пејзаж, барем кога станува збор за главните медиуми во Албанија, ова изгледа едноставно утописки.

Трето, ако, по некое космичко чудо, се исполнат првите два услови, останува еден последен предизвик: преживување благодарение само на строгото професионално известување (што во многу случаи може да изгледа премногу прозаично) на лошо образован пазар со измислени скандали.

Оваа тажна реалност ги турка независните претприемачи во медиумите, во обид да обезбедат доживотна поддршка за нивните иницијативи, да ги претворат во спектакуларен формат во границите на професионализмот, како еден вид натпревар на шоу за таленти.

Додека пазарот рамнодушно ќе осуди медиум кој едноставно известува за сѐ што се случува во реалноста и кој нема да известува за непостоечки реалности, а бизнисот намерно би бил отфрлен, тогаш, соочени со неизбежната можност за банкрот, овие медиуми избираат да го привлечат вниманието на донаторите со невообичаени форми на постоење.

Ова го објаснува фактот зошто единствените независни медиуми со одреден релативен успех во Албанија, остануваат оние профилирани во истрага, проверка на факти или, спорадично, информативна сатира. Редоследот на независни донации, за жал, исто така работи според пазарната логика.

 

Сокол Шамети е албански новинар; тој е колумнист за различни медиуми во земјата и во исто време експериментира со телевизија и пишани формати