Претседателот од почетокот на епидемијата на корона се тестирал 34 пати. Да, добро прочитавте.

Ние, докторите, можеме само да гледаме како овој брод оди во погрешна насока и да молчиме. Ги навлекуваме своите скафандери и се грижиме само за личните судбини. Дали ќе преживееме и како да ги сочуваме своите семејства.

Пишува: Д-р Дејан Жујовиќ 

Претседателот на мојата земја денеска издаде соопштение. Го наведува фактот дека ја дели судбината на народот што го предводи. Без никакви привилегии. Магични лекови. Дека епидемијата на корона го погодува како и секој друг граѓанин. Но, претседателот не памети што изјави ден претходно и по што навистина се разликува од секој друг жител на Република Србија. Претседателот од почетокот на епидемијата на корона се тестирал 34 пати. Да, добро прочитавте.

Епидемијата на овој вирус ја соголи секоја слабост на нашето општество. Сега секому му е јасно дека оваа работа не можат да ја сработат политизирани експерти, лоши студенти по медицина, политичари. Покажа апсолутна неспремност на здравствениот систем за таква појава. Покажа просторни, кадровски, но и недостатоци во бројот на неопходни апарати, тестови, како и лекови. Епидемијата ја покажа подготвеноста на власта да манипулира со официјалните податоци заради политичка корист.

Ние и како општество паднавме на испитот. Толерираме неодговорни поединци, им даваме простор на нашите страници на социјалните мрежи на разни теории на заговор. Добар дел од нашето општество цврсто веруваше дека, ако победи господинот Трамп, короната волшебно ќе исчезне. Дека нѐ трујат со сарин или со рицинус. Дека докторите ги убиваат пациентите со употребата на вентилатори / респиратори. Не покажавме ни ронка солидарност, единственост, која беше толку неопходна.

Немаше ниту соработка со соседите. Во текот на целата епидемија, стручните тимови од земјите од Западен Балкан не се состанаа ниту еднаш, не разменија информации, не се обидоа со координирани постапки да ги ублажат последиците. Како недораснати деца се натпреварувавме во тоа кој е поуспешен, секој на својот брод до половина потопен во морска вода.

Епидемијата ја соголи и нецелисходноста на кое било професионално здравствено здружение во оваа земја. Од март годинава, ниту едно од нив не објави какво било соопштение, не даде предлог или критика во врска со работата на Кризниот штаб. Ние, докторите, можеме само да гледаме како овој брод оди во погрешна насока и да молчиме. Ги навлекуваме своите скафандери и се грижиме само за личните судбини. Дали ќе преживееме и како да ги сочуваме своите семејства. Истовремено, невидлив авторитет шепоти да не се прават контролни ПЦР тестови. Набавната цена на еден тест е околу 20 евра и е неспоредливо пониска од трошоците за еден болнички ден. Колку доктори кренаа глас против оваа препорака? Колку доктори инсистираат на контрола на контактите? Оваа борба не можеме да ја добиеме без сериозно епидемиолошко ангажирање, па макар и да ангажираме немедицински волонтери. Оваа битка не се добива во болнички соби и со луѓе на вентилатори. Луѓето во скафандери навистина се наши херои, но тоа не значи дека треба да ги исцрпуваме до крај. Господа епидемиолози, на ред сте вие. Контрола на самоизолацијата и на контактите. Точка.

Оваа епидемија ја покажа сета негрижа за нашиот здравствен систем. Немањето на развојни планови, на стратегии. Трошокот за популистичкото давање сто евра на секој полнолетен жител на оваа земја повеќекратно го надминуваат годишното вложување во здравствениот систем. Забраната за вработувања во јавниот сектор ги изедначи докторите по медицина со шалтерските службеници во која било општинска управа. А тогаш доаѓа наплатата. Тогаш болните од инфекции од ковид-19 ви ги лечат ендокринолози, хирурзи, ортопеди, специјализанти…

Се надевам, искрено, дека ова општество во еден момент ќе покаже сериозност и дека ќе извлече правилни поуки од оваа ситуација што еднаш ќе стане минато. Дека ќе ја сфати важноста на здравствениот систем како заедничко, општо добро, за секој припадник на оваа заедница. Чувајте се и останете здрави!

 

Д-р Дејан Жујовиќ е пулмолог и началник на Одделението за интервенции при Градскиот завод за белодробни заболувања и туберкулоза во Белград. Тој е и реконвалесцент од вирусот ковид-19. Од неговото работно место е пратен во Ковид болницата при Клиничко-болничкиот центар „Драгиша Мишовиќ“ каде што бил заразен со корона, со која се изборил.