Треба да се каже, без воздржување, дека во меѓународните односи, почесто одошто тоа би смеело, преовладува модел на застапување на интересите од позиција на моќ и сила. И додека во меѓучовечките односи тоа се смета неприфатливо, во меѓународните односи и понатаму важат принципите на сирово одмерување на силите.

 Сања Радовиќ

Во моментите кога се создава текстов, на ова прашање е возможно да се одговори пократко и појасно одошто можеше пред само седум дена. Дијалог нема, а светот му се враќа на преговарањето преку пушки и тенкови. Дали е возможно да се пишува за значењето на дијалогот во моменти кога е грубо обесмислен? Верувам дека е, бидејќи токму недостатокот на истиот го воведе светот во нова ера на нестабилност. И треба да се извлече поука, што тргнало наопаку (и) овојпат.

Недвосмислено е дека влегуваме во нова епоха на Студена војна. Тоа веќе не е само оцена на одредени луѓе, тоа е несоборлив факт од 24 февруари 2022 година. Минаа само 30 години од завршувањето на Првата студена војна, речиси исто онолку време колку што мина меѓу двете светски војни. Слични историски механизми го придвижуваат историското тркало и сега. Поразената страна во Студената војна започнува нов судир, покажувајќи фрустрација поради начинот на кој претходното мерење на силите беше завршено. Треба да се каже дека ниту победничката страна не ги разбра и дека грубо ги потцени значењето и моќта на огорченоста. Така, двете страни во изминатите години разговараа, но не се слушаа, и најпосле – не се слушнаа. Страшните последици од изостанувањето на дијалогот штотуку ги гледаме на тв-екраните, со надеж дека наскоро ќе се пронајде доволно снага да се направи пресврт во процесот и да се запрат воените дејства.

Треба да се каже, без воздржување, дека во меѓународните односи, почесто одошто тоа би смеело, преовладува модел на застапување на интересите од позиција на моќ и сила. И додека во меѓучовечките односи тоа се смета неприфатливо, во меѓународните односи и понатаму важат принципите на сирово одмерување на силите. Честопати може да се види и како лостовите на моќта се користат и во нешто што би требало да биде дијалог, а всушност е само давање можност на другата страна да зборува, без да се уважи она што го зборува. Така добивме дијалог без суштина, во школка и со испочитувана форма. По таквиот лажен дијалог, неизбежн следи воен судир.

Интермецото меѓу двете студени војни ни покажа дека нештата многу малку се промениле во глобалната поставеност на светот. До заби вооружените сили не можат да се навикнат на логиката на разговорот. Овде, тогаш, настапуваат локалните заедници – секое општество има засебна одговорност да го поттикне тој дијалог однатре. Смислата би била постигнување на заедничко доминантно сфаќање дека секоја милитаризација е чекор кон идна војна, дека секоја поделба е чекор кон иден судир, дека секоја неправда е гаранција за нова неправда, во обид да се исправи претходната.

Постојаното форсирање на дихотомијата, оживувањето на манихејската борба, глорификацијата на светогледи во калап на или-или перспектива – ја храбрат борбата која треба да однесе превласт, макар за влакно, додека другиот (минус влакно) се остава во неизбежна фрустрација. Дихотомно поставениот свет раѓа перманентно незадоволство. И никогаш нема стигнеме подалеку од постојаното повторување на судири сѐ додека светот го градиме врз детскиот модел на победник и губитник.

Во разговорите, да почнеме утре едни со други, би требало да дојдеме до точка во која не пламнуваме, во која не се бориме со соговорникот за позицијата на исправност, туку во која се разбираме. Разбирањето не е ништо друго освен запирање на егото на половина пат. Кога двете страни ќе научат да ги зауздаат и да ги соочат двете ега, кои потоа ќе си завртат грб еден на друг без страв дека ќе добијат удар во грбот, сме ја постигнале целта.

Свет ослободен од „афективна загаденост“, во кој Другиот се гледа со очи на разбирање, е светот на иднината кој сакам да го видам, и свет во кој судири како овие што сега траат нема да се случуваат.

 

Сања Радовиќ, доктор на историски науки