Атмосферата на стереотипите и останатите пречки, вперените очи и погледи што судат; статус-квото; преживувањето. Тоа се вистинските причини за бегство на младите.

Ристо Савевски

Да, тоа е генералната перцепција на целото општество за плановите за иднината на младите во Македонија.

Ако се земат предвид статистиките и бројките, дека во последните 20 години се имаат иселено 154 илјади млади,  се потврдува таа тенденција. Меѓутоа треба да се навлезе во суштината и да се разберат причините, факторите, предизвиците, можностите и перспективите на младите во Македонија. Воедно, да се одговори на прашањето: колку во тоа има улога државата, а колку целото општество?

Еден од најголемите предизвици е немањето на можности. Освен недостаток на професионални можности, има една друга страна која дава поголем товар на аргументот. Неправдата и недовербата во системот. Секоја надеж и очекување на правда како продукт од институциите, станува сомнителна. А што се случува со позитивните вредности на делување на кои биле младите воспитувани и едуцирани? По завршувањето на средното образование, младите се соочуваат со една сурова реалност. Реалност која значи дека сето она што до вчера го учеле во училишните клупи, денес треба да го заборават. Затоа што системот, подруго функционира.

На страна недостатокот на можности и извитоперени вредности, младите се свесни и информирани за работите што се случуваат околу нив. Меѓутоа за нив владее перцепцијата на стереотипи за неискуство и незаинтересираност. Па оттаму и се стимулираат овие појави на апатија.

Дополнителен предизвик, може да се постави тенденцијата на нашето општество да тежнее кон статус-кво. Сервилноста и конформизмот, се покажуваат како успешни рецепти, па така, секоја нова идеја, треба „да ја пресечеме во старт“. Успешни рецепти, но за преживување, а не за напредок.

Додадена вредност на сите овие предизвици, е отсуството на било каква реална стратегија и план на државата за развој на било која општествена сфера. Државата впрочем, исто си ја има „врзано во крпче“ мисијата на статус-кво и преживување.

Од друга страна, Македонија е сè уште земја во развој.  Оттука секоја сфера, има простор за иновација и промени од страна на младите кои се извор на иновација и креативност.

Младите имаат и тенденција да бидат поприлагодливи и поотворени за промени. Во свет кој брзо се менува, способноста за прилагодување и прифаќање на новите технологии и методологии може да биде клучен двигател на развојот.

За крај, дали за сево ова е виновна државата? Можеби да. Најмногу за делот за кој е одговорна: квалитетно образование, стипендии и размени, програми и обуки за вештини… Но, каква улога има целото општество?

Да, младите бегаат. Меѓутоа не само поради немањето на можности и квалитет на живот. Атмосферата на стереотипите и останатите пречки, вперените очи и погледи што судат; статус-квото; преживувањето. Тоа се вистинските причини за бегство на младите. А до кога ќе се дозволува нашите генијалци да се странци?

 

Ристо Савевски, претседател на Младински отворен форум