Сите сè знаат, а никој никого не слуша, од улиците до државниот врв. Затоа што го нема дијалогот како важен елемент на реципроцитет во меѓучовечките односи.

Ранко Маврак

Постојат држави во кои сите со задоволство би живееле. Таму има добри плати и квалитетни училишта, се цени стручност, трудољубивост и чесност, се живее во пристојни станови и куќи, се возат квалитетни автомобили, се дише чист воздух и се пие уште почиста вода, јавната управа им служи на граѓаните, стапката на криминал е ниска, а корупцијата вистинска реткост. И никој не зборува за војна и распад на таква држава. Затоа што тоа е незамисливо и бесмислено.

Во Босна и Херцеговина нема ништо од тоа. Платите се мизерни, училиштата никакви, на цена се добри политички врски, трудољубивоста и чесноста се неважни и непотребни, државата и нејзината управа ги краси ендемска корупција, криминалот цвета, а градовите се гушат во загаден воздух, додека реките се претворени во депонии за ѓубре.

И секој час некој се заканува со војна и со распад на државата.

И сите сè знаат, а никој никого не слуша, од улиците до државниот врв. Затоа што го нема дијалогот како важен елемент на реципроцитет во меѓучовечките односи.

Добрата држава, токму како и лошата, секогаш е резултат на „народната волја“, заснована на вистински или фингиран слободен избор, а тој избор во случајот на БиХ веќе со децении е доследно погрешен.

Затоа што таму луѓето најчесто упорно гласаат за галамџии и за лажни пророци, односно за борци за наводни национални интереси, а по правило најдраги им се – најголемите простаци меѓу таквите.

Замислете го номиналниот шеф на државата како под некој шатор, додворувајќи им се на масите, ја пее шунд песната „Не ни може никој ништо…“

Таквите во БиХ ја срушија културата на политички дијалог до ниво на толпите на улицс и на пијаниците во крчма, сведувајќи ја на расправа за тоа кој кому е поголем непријател.

И тука, всушност, воопшто нема место за нијанси, сè е сведено на распределување на „наши и нивни“, за потоа, без потреба нешто посебно да се појаснува, да се водат фуриозни кампањи за наметнување на „нашите“ барања, вредности и критериуми како единствено прифатливи и оправдани.

Уважувањето на различностите, почитувањето на другите и отвореноста за искрен дијалог во такви околности се само непотребен товар што го отежнува процесот на прифаќање на однапред поставени едноставни решенија сведени на неопходна и безусловна класификација.

Затоа што дијалогот за заговорниците на такви решенија е основен извор на опасност за нивната власт. Дијалогот, по дефиниција, е корисен бидејќи ни овозможува да ги коригираме нашите ставови и мислења, да ги отстраниме заблудите и предрасудите.

Веќе 30 години, клучните политичари во БиХ водат монолози, надвикувајќи се со противниците кои исто така претпочитаат да веруваат дека со моќта на децибелите и бизарноста на навредите и клеветите што ги изговараат ја докажуваат силата на своите аргументи.

Културата на политички дијалог во БиХ не постои затоа што нема подготвеност да се слушаат другите, да бидат слушнати и разбрани. Секогаш постои само една „наша“ вистина додека другите лажат и мамат.

„Можат само да нè мразат оние што не нè сакаат“, извикуваат така хорски, и пејачот под шаторот и неговите противници.

Тоа е совршена порака за пропаста на повеќенационалните политички заедници и држави.

 

Ранко Маврак, новинар и аналитичар