Процесот на клерикализација на општеството го загрозува одржувањето на секуларниот карактер и зачувувањето на постигнатите стандарди во областа на човековите права, образованието, општествените норми…

Петар Ѓукановиќ

Кога зборуваме за човечките вредности, зборуваме за наследството на просветителството како епоха која даде еден од најзначајните импулси на развојот на модерната цивилизација. Колку универзалните човечки вредности живеат во денешна Црна Гора?

Слободата, еднаквоста и човековите права се инхерентни за секој човек и затоа, како предуслов за неотуѓиво човечко достоинство, би требало да бидат заштитени и почитувани. Јасно е дека во црногорскиот контекст постојат предизвици во зачувувањето и примената на основните човечки вредности. Процесите што се случуваат на глобално ниво, како што се пост-вистините и интелектуалниот скептицизам, кои го поткопуваат потпирањето на разумот и донесувањето одлуки базирани на докази, се присутни и во Црна Гора денес. Процесот на клерикализација на општеството го загрозува одржувањето на секуларниот карактер и зачувувањето на постигнатите стандарди во областа на човековите права, образованието и општествените норми. Емоциите и субјективните верувања ги надминуваат објективните факти и научниот консензус, поткопувајќи ја довербата во експертизата и рационалниот дијалог.

Оваа комплексност ни стана особено видлива преку кризата со епидемијата на КОВИД-19, но и преку бројните настани кои се дел од макотрпниот процес на демократска консолидација во изминативе години и чиј резултат и тренд, засега, се сè поголема поларизација и радикализација во општеството, тенденции одредени национални и религиозни идентитети да имаат приоритет пред универзалните човекови права и индивидуализмот. Општеството се фрагментира по етнички, верски и идеолошки линии, слабеејќи го духот на заедништвото.

Истражувањата покажуваат дека под наративот за мултикултурализмот во Црна Гора се крие море од предрасуди наместо целосно прифаќање на различностите. За жал, тоа го илустрираат и податоците за големата етничка и религиска дистанца, па така барем половина од граѓаните и граѓанките никогаш не би стапиле во брак со лице од друга вероисповест или етничка припадност.

Наместо да се обединиме во различностите, се чини дека тие денес стануваат моќни препреки меѓу нас, поттикнати во прв ред од политичарите и од верските лидери, кои својата моќ ја користат без одговорност кон заедницата.

Денеска, Црна Гора не е инклузивно општество, бидејќи не сите граѓани ја доживуваат како средина во која се прифатени и во која имаат право да бидат тоа што се и слободно да се изразуваат. Одредени групи живеат исклучени и запоставени на маргините на општеството, како што се Ромите и сиромашните, но и ЛГБТ лицата, лицата со инвалидитет и многу други дискриминирани поради различни лични карактеристики. Родовата рамноправност е уставно прокламирана како категорија, но земјата бележи системска неодговорност во врска со адекватен одговор на насилството врз жените и зголемувањето на бројот на фемициди.

Еден од клучните проблеми на општеството е слабата доверба, како меѓу самите граѓани, така и во институциите на системот – накратко, недостиг на верба во фактот дека сме правично, безбедно и солидарно општество. Без силна кохезија која нè поврзува во заедница, тешко е да се очекува напредок во создавањето социјална средина во која живеат човечките вредности. Во оваа смисла, неопходни се напори од сите актери во општеството во соочувањето со предизвиците зад кои се крие намерата да се загрозат универзалните вредности, да се препознае и да се разбере кризата во која се наоѓаат за да ги одбраниме и да ги направиме посилни за идните генерации.

 

Петар Ѓукановиќ, програмски директор на Центарот за граѓанско образование (ЦГО)