Контролата над женското тело, сексуалноста и репродуктивната способност претставува темелен двигател на патријархатот, а црквата по правило е негова верна и жестока заштитничка.

Паула Петричевиќ

Чие е моето тело и како се случи ова прашање повторно да стане актуелно? Зошто одново се отвораат и проблематизираат прашања на кои мислевме дека, како општество, сме дале одговори, дека сме се договориле дека жените се луѓе и дека нивните тела им припаѓаат на неотуѓив начин. Дали навистина лекомислено се опуштивме, верувајќи дека сопствеништвото над сопственото тело не може произволно да се доведува во прашање, ниту дека правото на располагање со него може по потреба да се сторнира на барање на верските или други заедници кои би сакале да си играат биополитика и во паузите меѓу војните.

Расправата за правото на абортус е поттикната од два важни и, јас би рекла – навистина загрижувачки и заканувачки настани. Првиот е можното укинување на пресудата Рое вс. Вејд која, судејќи според мислењето на повеќето судии во американскиот Врховен суд што „протече“ во јавноста, ќе биде поништена, со што правото на абортус ќе ја изгуби уставната заштита и ќе стане ограничено или укинато во голем број американски држави. Другиот е случајот на загрепчанката во дваесет и седмата недела од бременоста на која лекарите, врз основа на повикувањето на грижа на совест кое го користат повеќето гинеколози во Хрватска (околу 60%), одбиваа да ѝ извршат абортус, иако беше утврдено тешко и смртоносно заболување на плодот – што претставува законска основа за прекинување на бременоста во овој гестациски период. Меѓутоа, во однос на нејзиното право на достапен, легален и сигурен абортус, правото на повикување на совест на лекарите во пракса претежнува. И тоа многу.

Иако во Црна Гора не се случиле слични ситуации, би рекла дека беше само прашање на време кога и овде ќе се поведе расправа за репродуктивните права на жените, пред сѐ, имајќи го предвид неспорното и силно влијание кое на овој простор го оствари Српската православна црква (СПЦ) во последните две години. Равенката е предвидлива и јасна – секогаш кога во едно општество јакне влијанието на верските заедници, женските тела одново стануваат бојни полиња (Барбара Кругер) на кои, очигледно, и понатаму се бијат битки за независност и автономија. Контролата над женското тело, сексуалноста и репродуктивната способност претставува темелен двигател на патријархатот, а црквата по правило е негова верна и жестока заштитничка. Жените не се и нема да бидат слободни сѐ додека не можат да одлучуваат за сопственото тело. Доколку за него, непосредно или посредно, одлучува маж, семејство, нација или верска заедница – жените имаат статус на ресурси, а не на самостојни и слободни личности.

Не смееме да дојдеме во ситуација правото на фетусот да се изедначува со правото на жената да располага со своето тело. Ретрадиционализираната и репатријархализирана клима на заканувачка заинтересираност за матката во плодниот период, која во повеќе наврати ја искажуваа не само црковните великодостојници, туку и нивните политички пулени, логично придонесе околу кревањето морална паника околу абортусот.

Да нема забуни: штом се поставува прашањето за втемеленоста на некое право, макар и во неуки најави за емисии на оваа тема на социјалните мрежи на јавниот сервис – тоа право е загрозено, и бесот што тоа го произведува е оправдан. Од збор до криминализација, од право до престап, понекогаш се потребни само неколку раце повеќе, подигнати во собраниската сала. Затоа, мораме да бидеме претпазливи и будни, бидејќи штом се воведува во јавниот дискурс, штом се чини дневно релевантна тема, на ова право, макар во одредена мера, му се посакува и подготвува ограничување. Правото на располагање со сопственото тело мора да се брани и да се одбрани онолку пати колку што треба, бидејќи тоа е темел и услов за сите останати права: „Ако нашето тело не ни припаѓа нам, животот е промашен!“ (Марија Лади Лондоно).

 

Паула Петричевиќ е филозоф, феминистичка и мировна активистка