Кризите се преклопуваат. Вакцината се очекува како студена вода среде жешко лето. Ќе го запре вирусот, но што ќе стори со корупцијата, со политичката апстиненција, со нашата трауматизирана психолошка тишина, со митологијата што ги замени информациите.

Пишува: Артан Фуга

Како и насекаде во светот, така и во Албанија, епидемијата на ковид-19 го поремети темпото на нормалниот живот на поединецот и на неговата психолошка состојба. Но, како што се вели, епидемијата е најпрво социјален феномен, а потоа прашање на јавното здравство.

Медиумите го влошија искусувањето на последиците од инфекцијата со ковид-19. Невидливиот вирус беше естетски визуелизиран, како бомбона, обоен во нијанса помеѓу небесносина и темно сина, претставен како прекрасна перла со сопствени бисери, како корал од дното на океанот. Контрастот меѓу визуелизираната убавина и опасноста што ја претставува вирусот за здравјето на луѓето му дава мистична димензика што е привлечна за окото, но истовремено предизвикува ужас. Убав ужас, ужасна убавина. Коктел каков што имаат само паганските богови.

Медиумите се во потрага по „кликови“. Шокантниот напис има многу повеќе публика одошто оној смирувачкиот. Ова нѐ доведе во ситуација каде што општеството на информации, како што сега го нарекуваме, стана општество на фолклор, на митологија, на делириум, општество на непотврдени „вистини“. Секому му е дозволено да зборува, па дури и за нешта надвор од неговата професионална компетентност или поле на специјализација.

Психолошката криза беше третата криза што го придружуваше вирусот во јавното здравство. Најнепосредната врска на светот беше сериозно разнишана – имено, врската меѓу душата и телото на поединецот. Никој не е способен да го почувствува сопственото тело без мешање на други луѓе. Медиумите и фолклорот на социјалните мрежи си ја завршија работата. Ќе чувствувате замор, ќе имате главоболки, ќе го изгубите осетот за вкус и мирис, можеби ќе повраќате – сите овие симптоми беа претворени во нешто нормално за оние со позитивен резултат на тестот. Не ги чувствувате? Можеби сте веќе мртви!

Кризата вклучува и политичка епидемија. Четвртата сериозна криза. Се наближуваат изборите во април, но политиката ја најде својата легитимност во ковид-19. Колку добро што дојде, Ковид-19! Со твојата мрачна, мистична и сурова убавина, ни даде можност да ја играме играва на политичко ниво. Сите други проблеми на Албанците се заборавени. Што би имал да каже политичкиот дискурс без мистично визуелизираниот Ковид-19? Почетокот на изборната кампања ќе беше здодевен! Ќе требаше да зборуваат за сѐ, а да не кажат ништо конкретно!

Петтата криза е економската криза, која веќе беше во стагнација, но постоеше. Сега имаме криза на кризата. Пакување од животоспасувачкиот лек „Фавира“, на чија кутија пишува „sabah“ (на турски: утро) – три таблети, „aksham“ (на турски: вечер) – три таблети, чинеше 300 евра, па се намали на 250 евра, а „братот“ од Косово може да ти го донесе дури и за 75 евра. Sabah – Aksham. Најдете Фавира, како женско име од турска сапуница. Враќање на вербата во нашето „турство“ на сметка на „оксидентализмот“. Ве молам, не ми зборувајте сега и за геополитичка криза!!!

Фавира!

Факира!

Кризите се преклопуваат. Вакцината се очекува како студена вода среде жешко лето. Ќе го запре вирусот, но што ќе стори со корупцијата, со политичката апстиненција, со нашата трауматизирана психолошка тишина, со митологијата што ги замени информациите.

Кој ќе ни најде вакцина да не остане вечно Факира?

 

Артан Фуга е член на Академијата на науки на Албанија. Има неколку докторати во областа на филозофијата, масовната комуникација и општествените науки од универзитетите во Албанија и во Франција. Во моментов работи како титуларен професор на Катедрата за новинарство и комуникации на Универзитетот во Тирана.