Протестите „Дај отпор“ беа последната шанса Црна Гора да се помири и обедини околу заедничките, универзални вредности, а транзицијата на власта да мине мирно, без нереди, реваншизам, национализам и клерикализам.

 Омер Шаркиќ

Како длабоко поделено општество, без демократска традиција и изградена граѓанска свест, навикнати секогаш да се со господарот (власта), граѓаните на Црна Гора немаат некакви „природни“ предизпозиции за граѓански активизам. Тој се смета за самоуништување, за затворање на вратата за личен протекционизам и непотизам во кој се гуши Црна Гора, според кој функционира, како и за изложување на ризик за прикриен или отворен прогон.

Сепак, триесет години непроменетата власт, потоната во корупција, непотизам, неправда и вообразеност, која наспроти себе имаше јалова и слична на себе опозиција, ги натера граѓаните да се побунат, да застанат во заштита на своите права. Така, пред неколку години граѓанскиот активизам во Црна Гора едноставно пламна. Започна со таканаречената „Чемпрес револуција“ во Бар, а паралелно беа започнати и дотогаш најмасовните и најдолгите по траење граѓански протести „Дај отпор“.

По избивањето на аферата „Плико“ – каде што на снимката јасно се гледа како такјунот на Ѓукановиќ, Душко Кнежевиќ, му дава 97.000 евра на советникот на Ѓукановиќ, Миодраг Стијеповиќ, поранешен министер и градоначалник на Подгорица, наменети за изборни махинации – заедно со уште пет граѓани започнавме протести. На првиот, во февруари 2019 година, се собраа околу 1000 граѓани, а од четвртиот константно околу 20.000, што е еквивалент на протестите од 300.000 граѓани во Србија. Баравме на нив да нема партиски, национални, ниту какви било други знамиња и обележја, а протестите да бидат цивилизирани и мирни. Ги насочивме исклучиво кон решавање на проблемите кои ги мачат сите граѓани на Црна Гора: борбата против корупција, за правна држава, за слободни институции, за слободни избори, за менливост на власта… Тука најпосле се помири длабоко поделената и раскарана Црна Гора. „Четници“ и „комити“, Срби, Албанци, Бошњаци почнаа да разговараат меѓу себе, да бидат едни покрај други, да се дружат, да не се гледаат како непријатели. Власта се соочи со проблем, ја стартува целата машинерија и медиумите под нејзина контрола, црногорските и регионалните аналитичари по нарачка, да ги прикажат протестите во најлошо светло.

Иако граѓаните на протестите „Дај отпор“ ја работеа работата што требаше да ја работи политичката опозиција, дел од неа, плашејќи се да не ги загуби своите партиско-политички монополи, не заостануваше зад тогашната владејачка олигархија во обидите да ги згасне протестите, како што и се случи по четири месеци. Нам ни стана кристално јасно дека политичката алтернатива не е многу подобра од актуелната власт, дека во некои сегменти е дури и полоша, што по промената на власта се покажа точно. На пример, лидерот на една, тогаш опозициска, групација нѐ советуваше да предизвикаме немири и меѓунационални инциденти за да се вмеша и да реагира меѓународната заедница!

Сметам дека протестите „Дај отпор“ беа последната шанса Црна Гора да се помири и обедини околу заедничките, универзални вредности, а транзицијата на власта да мине мирно, без нереди, реваншизам, национализам и клерикализам.

Со гаснењето на „Дај отпор“ започна серија помали, но многу значајни, главно еколошки протести и акции за одбрана на шумите и реките. Граѓаните организирано почнаа да вршат силен притисок врз власта, врз заробените институции и врз корумпираните поединци.

Со промената на власта по протестните литии, новата, клеронационалистичка власт, наместо да воспостави правна држава и помирување, генерираше уште поголеми поделби во кои граѓаните станаа „почитуван народ, верен народ, браќа и сестри“. Во таков амбиент нема место за граѓански активизам, затоа тој целосно замре.

Општествената ангажираност претставува насушна потреба за сите, па и за многу поуредени општества од црногорското. Не постои партија, ниту толку независни медиуми или НВО, кои ќе ги воочат проблемите и ќе ги бранат интересите на граѓаните онака како што можат да ги детектираат и бранат самите тие.

 

Авторот е граѓански активист и блогер на порталот PCNEN