Со секој автобус што заминува полн во еден правец, во Босна и Херцеговина се намалува вербата во идеалите на Европската унија.

Омер Бербиќ

Овој текст не го пишувам како политички аналитичар, туку како млада личност. Личност која ги живее промените во размислувањето на младите луѓе околу перспективата на Босна и Херцеговина и патот кон Европската унија.

Многумина велат дека БиХ, а и целиот регион, веќе е на половина пат кон влез во Европската унија. Додуша, не формално-правно или институционално, туку повеќе онака, со автобуси, поединечно, човек по човек. Навистина, тоа веќе не се ни исклучиво млади луѓе, туку цели семејства кои ги напуштаат огништата и одат во земјите од Европската унија за подобар живот. Денеска, кога ќе погледнете кој сè заминува, од оние кои остануваат има само два вида луѓе. Непоправливи оптимисти, каков што сум и самиот, и партиски полтрони на кои им одговара системот партиска „рака рака мие“.

За жал, на оние непоправливите оптимисти веќе им снемува аргументација поради што би останале. Некогаш тоа беше „ќе дојде Европа, ќе биде овде подобро“. Денеска дојдовме до „нема никаде живот како дома“. Додуша, можеби и би било така да имаме автопати, работа, можности во кариерата, а да нема граници, политички превирања и закани за војна.

Не е ова само до нас. Навистина. Постојат две причини за растечкиот Евроскептицизам. Првата е фактот дека ЕУ објективно нема капацитет за апсорпција на нови држави, ниту сака нестабилен регион во Европската унија. Ова резултира со праќање на преплатени бирократи во центрите на ЕУ во Сараево и во Бања Лука, кои со својот престој овде од талентираните домашни луѓе дополнително прават уште поголеми бирократи. Резултат од тоа е трошење огромни пари од ЕУ за проекти, доминантно во Сараево и во Бања Лука, но без поголеми резултати во борбата против растечкиот Евроскептицизам.

Да го земеме за пример Кантонот Тузла, административна единица со најголем број жители, кој добива, би се осмелил да напишам, трошки од парите од ЕУ во однос на Кантонот Сараево.

Во Република Српска можеме да го земеме за пример Бијељине како паралела со Бања Лука. Секако дека луѓето од Тузланскиот кантон или од Бијељине ќе чувствуваат помала приврзаност кон идеалите на Европската унија одошто оние кои од истата имаат голема директна корист. Природно, ова доведува до растечки број на луѓе, вон главните центри, кои не веруваат во Европската унија.

Втората причина е дека многу млади луѓе кои сакаат влез во Европската унија, веќе се таму. Работат, повеќето надвор од нивната струка, со надеж дека ќе создадат подобра иднина за нивните деца. Со секој автобус што заминува полн во еден правец, во Босна и Херцеговина се намалува вербата во идеалите на Европската унија. Остануваат оние кои мораат да мислат онака како што ќе им нареди партиската централа. Ако претседателот се разбуди на лева нога, тогаш се Евроскептици, ако е задоволен, тогаш се Еврооптимисти.

Доколку ЕУ сака да ја врати апсолутната верба во своите идеали, истите треба да почне да ги применува во пракса. Не е Босна и Херцеговина од Башчаршија до Илиџа. Така треба да почнат и да ја гледаат. Треба да ги посетат Сапна, Челиќ, Босански Шамац… кога ќе имаат поплави, да им достават помош, треба да посетат многу мали места што ја живеат тешката посттранзициска реалност. Да ја тераат државата да форсира автопати онаму каде што навистина се потребни, а не исклучиво од Сараево кон море. Да направат проекти за невладини организации и вон Сараево или Бања Лука.

Бирократијата и преплатените бирократи во ЕУ центрите нема да ја вратат разнишаната верба во Европската унија. Тоа го може само силно и остро пренасочување кон европските вредности на солидарност и еднаквост во кој било дел од државата.

 

Омер Бребиќ, алумни на колеџот Весалиус, Брисел