Младите во Црна Гора се доминантно незаинтересирани за глобалните теми (70%), политиките на ЕУ (66,6%), политичките услови во регионот на Западен Балкан (64%) и политичките прашања во Црна Гора (60%).

Никола Обрадовиќ

Често се зема здраво за готово дека младите се евроентузијасти, а евроскептицизмот што се шири меѓу нив се игнорира. Факторите за овој скептицизам варираат, но главно го вклучуваат недостатокот на суштински информации кај младите околу придобивките од членството во ЕУ, што е поврзано и со нивните економски можности, но не треба да се занемари и намалениот интерес на младите за политичките настани, како на национално така и на пошироко и глобално ниво. Секако, на тоа се додава и стагнацијата, па дури и уназадувањето на земјите од регионот на патот кон ЕУ, како што е случајот со Црна Гора.

На ова укажуваат и наодите од студијата на Центарот за граѓанско образование (ЦГО) „Младите помеѓу маргинализацијата, радикализацијата и потенцијалот“, која е направена со поддршка на Американската амбасада. Младите во Црна Гора се доминантно незаинтересирани за глобалните теми (70%), политиките на ЕУ (66,6%), политичките услови во регионот на Западен Балкан (64%) и политичките прашања во Црна Гора (60%). Сето тоа го следи и апатија, така што две третини (66,6%) од младите веруваат дека можат да имаат мало или никакво влијание врз процесите и институциите, нешто повеќе од една четвртина веруваат дека имаат некакво влијание (27,6%), а само секој шести млад испитаник верува дека може да влијае врз промената на системот.

Значи, исклучувањето на младите од клучните настани ги оддалечува и од интеграцијата во ЕУ. Одговорноста за тоа паѓа на оние кои се претставуваат како носители на тој најважен политички процес за Црна Гора и кои го направија бесмислен со тоа што го сведоа на маргинално и техничко прашање кое само навидум е на врвот на политичката агенда.

Тековната политичка криза во Црна Гора, заедно со придружните економски, социјални и други негативни последици, станува уште посериозна поради неодговорните и популистички власти, како и поради засилениот колапс на институциите и отсуството на неопходни промени. ЦГО неодамна објави податоци кои укажуваат дека мрежата на преговарачки работни групи е во мирување и дека најважниот фронт на домашната европска политика не одржува ни минимум активност кон зајакнување на Црна Гора за да ги достигне стандардите на ЕУ.

Затоа и незаинтересираноста на младите за политиката на ЕУ треба да се разгледува во поширок контекст кој не е стимулативен и во кој, покрај горенаведеното, тие се повеќе од кога било досега изложени на големото влијание на лажните вести, од кои значителен дел се однесуваат на дистрибуција на дезинформации и ширење на анти-ЕУ пропаганда, токму со цел зајакнување на евроскептицизмот. Покрај тоа, обликувањето на младите луѓе во Црна Гора денеска е обележано со клерикализам и поларизација на општеството. Црна Гора сè уште не покажа доволно сила кога станува збор за заштита на вредностите на граѓанското општество, кое како прва видлива следна членка на ЕУ би требало да го направи и да се справи со актуелните проблеми во корист на идните генерации, ако не и на оние кои се сведоци на оваа ситуација денеска.

Сметам дека мал број млади луѓе во Црна Гора прават напори да ја сменат атмосферата и скептицизмот кога станува збор за ЕУ. Важно е да се подвлече дека и патот од евроскептицизмот до еврооптимизмот треба да биде постепен и одржлив. Исто така, верувам дека младите кои се ангажирани во невладиниот сектор најмногу придонесуваат за промовирање на позитивни промени во општеството и пренасочување од моментално песимистичките околности. Дека тоа може и пошироко да се види, потврдува и оценката на граѓаните кои повеќе му веруваат на невладиниот сектор во Црна Гора отколку на политичките партии, на Собранието, на Владата, на претседателот, на полицијата, на судството и на обвинителството, како што се покажа и во едно од последните изданија на CG Pulse. Затоа треба да им се дадат што повеќе можности во тој сектор каде што партиските и другите карактеристики не се важни и каде што се ценат според резултатите, затоа што сега нема подобар начин нивниот евроскептицизам да се трансформира во евроентузијазам.

 

Никола Обрадовиќ е асистент на проекти во Центарот за граѓанско образование (ЦГО)