Aко сакаме да му дадеме полн залет на развојот на вештачката интелигенција, неопходно е да создадеме систематска стратегија на државно ниво.

Никола Булатовиќ

Ерата на вештачката интелигенција (ВИ) пристигна и стана една од незаобиколните теми во нашето секојдневно дејствување, со погледи кои се протегаат од апокалиптични предвидувања до спасување на светот. На слични предвидувања сме биле сведоци и кога се измислени струјата, микрочиповите, интернетот.

ВИ нема да го уништи светот, а всушност би можела да го спаси. Алгоритамот на ВИ, како и секој друг компјутерски алгоритам, има цел да реши одредена задача користејќи ги правилата и процесите што ги програмирал човекот. Значи, човекот е креатор и сопственик на оваа технологија и човекот е тој што може да ја контролира.

Човековата интелигенција со милениуми го создавала светот во кој денеска живееме. Со ВИ имаме шанса да ја надоградиме човековата интелигенција, со што значајно би ги забрзале иновативните пронајдоци во многу области, би ја зголемиле веројатноста за изуми на лекови за денеска неизлечиви болести, или би пронашле начини како да ги ублажиме климатските промени.

ВИ прави револуција во светот, а Црна Гора и земјите од регионот неминовно ќе бидат, или се веќе, дел од тој бран. Развојот, примената и користењето на ВИ решенија во Црна Гора, иако на ниско ниво во претходниот период, мрднаа од мртва точка. Во академската заедница се основани оддели за ВИ кои се занимаваат со напредно истражување во областа на земјоделството, сообраќајот, екологијата, економијата. Така, на пример, во своето истражување работам на развој на метод за детекција и мерење на брзината на возилата само врз основа на звучни сигнали, со што ќе се влијае на подобар надзор и поголема сигурност на учесниците во сообраќајот. Автоматизацијата на процесот на читање и разбирање на правна и финансиска документација најде своја примена во банкарскиот сектор, каде што ВИ системите успешно ја заменуваат рачната обработка на големи количества документи, а притоа достигнуваат и поголема точност. Еколошките катастрофи, предизвикани од зачестените пожари во текот на летната сезона, се обидуваме да ги спречиме со систем на ВИ за автоматска, рана детекција на пожари врз основа на видео снимки. Докторите во поликлиниките користат ВИ асистенти кои им овозможуваат побрзо и поквалитетно да ги прегледаат своите пациенти. ВИ системите создаваат едукативни содржини за деца и со тоа учествуваат во нивното правилно образование од мали нозе.

Сите наведени примери се први чекори во истражувањето и практичната примена на вештачката интелигенција во Црна Гора. Меѓутоа, ако сакаме да му дадеме полн залет на развојот на ВИ и овие примери да не останат изолирани, неопходно е да создадеме систематска стратегија за ВИ, на државно ниво. Еден од столбовите на оваа стратегија би требало да биде образованието, со примарен фокус на компјутерски науки и ВИ програмирање.

Најдобрата подготовка за свет кој го движи вештачката интелигенција е образованието. Кога е во прашање ВИ писменоста, сѐ уште сме на самиот почеток, каде што ограничена група на инженери, кои работат во академијата и индустријата, управуваат со ВИ знаењето за остатокот од човештвото. Општеството ќе биде многу побогато ако нашите деца активно ги вклучиме и ги запознаеме со светот на ВИ, така што тие би можеле да бидат првата генерација која ќе се соочи со потенцијалите на ВИ. Ако на црногорските ученици не им ги пренесеме потребните знаења во училиште, за да се соочат со идните барања на работната сила, ќе се најдат во сериозна и неповолна положба во однос на земјите кои ВИ технологијата ја сфатиле посериозно во својот наставен план и програма.

Токму тоа е причината за покренување на иницијатива и формирање на заедницата MAIA (Црногорско здружение за ВИ) чија основна цел е промоција и развој на вештачката интелигенција преку истражување, образование и соработка. Со своето знаење и искуство, стекнато во земјава и во странство, можеме да придонесеме црногорското општество да се вклучи во бранот на иновации преку подигање на свеста и интересот за ВИ.

 

Никола Булатовиќ е инженер во областа на вештачката интелигенција во компанијата Uhura Solutions и еден од основачите на Црногорското здружение за вештачка интелигенција (MAIA)