Tешко е да се поверува во таа подобра иднина додека не видиме подобри луѓе што ќе нѐ поведат кон неа. А сите ќе се согласиме дека човек е подобар ако нема клемпави уши, ако носот не му крие половина лице, ако челото му е потенко од веѓите, а устата не му е „а ла Туѓман“.

Ненад Величковиќ

Ако во Чаршијата веќе нема јажари, ковачи, јорганџии, ќуркчии и цела низа на занаетчии за чија работа снемало потреба, што може да се случи, но и не мора да значи, немојте да се изненадите кога едно утро во некој сокак ќе осамне фирма „Фотошопаџија“.

 

Пред овој занает, ако демократијата даде поддршка и изборите продолжат да се одржуваат на секои две години, претстои светла иднина. Работата е сезонска, но ретко кој занает не е. Како што угостителите на Јадранско Море за два месеци заработуваат пари за цела година, така и фотошопаџијата ќе може да го згрижи своето семејство и себе за една предизборна кампања.

 

За време на таквата кампања, а доаѓаат години кога сѐ повеќе луѓе ќе се сликаат на визит-картички, на летоци и на плакати одошто ќе излегуваат на гласање, се воспостави доста глупав обичај кандидатите да се претставуваат преку печатени материјали, на кои освен амблемот на партијата и имбецилните слогани, кандидатите ги препорачуваат и со нивните лица. Тука, кај тие лица, доаѓа до израз интердисциплинарната природа на фотошопџискиот занает. Во еден случај тој е забар кој трајно го отстранува забниот камен од тројката и пигментот од четворката, во друг е козметичар кој отстранува митесери, акни и белки од носевите и брадите. Секако дека, како козметичар, има компетенции на естетски хирург, па не му е проблем да ги отстрани и лузните и бенките, а на лицата од 2., 5. или 8. место на изборната листа безболно им го депилира и мустаќите под носот.

 

За разлика од медицината, а богами и од Тораби, фотошопџијата го остварува невозможното. Ако некој кандидат има поглед во икс, т.е. ако има способност со едното око да гледа лево, а со другото истовремено десно, т.е. во ниеден од вас, што за кандидат кој сака да ве увери дека не е измамник претставува хендикеп, нашиот занаетчија без голема мака ќе го насочи разрокиот поглед кон подобра иднина. (И ќе направи уште нешто, што е деловна тајна која не смеам да ја издадам!)

 

Просто, тешко е да се поверува во таа подобра иднина додека не видиме подобри луѓе што ќе нѐ поведат кон неа. А сите ќе се согласиме дека човек е подобар ако нема клемпави уши, ако носот не му крие половина лице, ако челото му е потенко од веѓите, а устата не му е „а ла Туѓман“. Порано проќелавите кандидати мака мачеа со тупеа, ги третираа темињата со разноразни шампони и препарати, трошеа облаци лак за коса за кабриолет-фризури, но сега сето тоа е далечно предизборно минато.

 

Во фотошопџискиот дуќан за неколку минути ќе ви израсне коса таму каде што килограми пудра ја губеа битката со потта во војните пред блицовите и рефлекторите. Влегува така во дуќанот еден кандидат, малку е да се каже дека е главуч. Глава како глобус. Мувата се изморува додека да ја облета. Фризерот двојно му наплатува шишање. И просто се гледа дека на мозокот му е пространо во неа. Пар потези во фотошоп и ете, од човек-слон – носител на листа.

 

На друг притисокот му е висок, доаѓа црвен во лицето како што не е црвена ниедна партија од левицата. А на плакатот розов како бебе, просто да го штипнеш ако имаш за што.

И сѐ така, со денови, седмици, месеци. Виртуелни импланти, корекции на деколтеа, затегнување на вратови, пеглање на подочници, отстранување на мамурлук… Десетици лица, стотици, илјадници луѓе кои ги заложуваат главите за она за што им зинал газот: за една брадавица од буџетското виме.

 

А нашиот занаетчија трие раце. Кога сегашноста му е вака бериќетна, каква ли ќе биде допрва иднината. Уште кога старлетите ќе откријат дека му е сеедно дали работи со лица или со газови…

 

 

Ненад Величковиќ е босанско-херцеговски писател и колумнист, иницијатор и уредник на повеќе весници и списанија, автор на неколку романи, збирки раскази и прозни дела, како и сатирични есеи. Магистрирал со темата „Политичкиот театар на Душан Ковачевиќ“, докторирал на Универзитетот во Сараево, со тезата „Идеолошка инструментализација на литературата“. Професор е на Катедрата за српска книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Член е на П.Е.Н. центарот во БиХ.